Фармацевти
Контакт

<< Назад

Рафтинг

август 23, 2016

Адреналинско сплаварење по рекаБез разлика дали се спуштате по мирна река со бавен тек или како поискусен сплавар сте се определиле за река со брзаци, поголеми бранови и водопади, концентрацијата, брзото реагирање, заштитната опрема и почитувањето на правилата се подразбираат, затоа што само така возбудливата авантура станува безбедно пловење

Историјата на рафтингот, или сплаварењето по диви води, всушност, е приказна за заборавот на еден многу стар, корисен и важен занает како што е сплаварењето и неговата преобразба во атрактивен спорт и адреналинска, неповторлива туристичка рекреација. Возењето по река на сплавови или во засилени гумени чамци спаѓа во незаборавно доживување кое на љубителите на природата и искуство со полн адреналин го нудат туристичките организации и рафтинг клубовите ширум светот.

Некогаш сплаварите се занимавале со воден транспорт на дрвена граѓа, правејќи сплавови така што ги поврзувале пловилата за мостовите. Тие повештите и поискусните ги ределе балваните и хоризонтално и вертикално, па така граделе повеќекатни сплавови со кои се управувало со големи весла. Возењето по брзи реки можело да биде и многу опасно поради брзаците, вировите и подземните карпи кои требало да се избегнуваат, зашто од ударот во некоја препрека или поради неконтролирано понирање неретко сплавот би се распаднал, а животот на сплаварот висел на конец.

Почитување на правилата   
Модерниот рафтинг е доволно сигурен и подразбира почитување на правилата и задолжително носење опрема, како заштитно одело од неопрен кој служи и како топлотен изолатор, водоотпорен елек, кациги, чизми за нуркање, заштитни очила, како и еластично јаже кое треба да се врзе за чамецот, односно сплавот. Во спуштањето учествува и кормиларот, односно скиперот, кој седи на крмата и кормилото или со веслата управува со пловилото низ брзаците избегнувајќи препреки. Почетниците во рафтингот добиваат детални упатства кон кои мораат да се придржуваат за да не се доведат во опасност себеси или групата со која се впуштиле во заедничка авантура.

Во зависност од тежината, спортско-рекреативното сплаварење е поделено во шест групи или класи, од кои првите три групи се однесуваат на туристички тури, и тие  се: Првата група се мирни реки со бавен тек; Втората група се реки со некој брзак или камен, но не претерано опасни; Третата група се реки со брзаци, помали водопади и бранови, но без поголеми опасности;

Четвртата група е наменета за искусни сплавари, зашто подразбира река со брзаци, поголеми бранови и водопади со посилен пад, па се неопходни подобра концентрација и способност за брзо реагирање;

Петтата група спаѓа во натпреварувачки рафтинг, подразбира исклучително прецизно и концентрирано управување, зашто се изведува на поопасни реки кои се одликуваат со силни брзаци, големи бранови, опасни карпи, големи водопади и стрмни падови.

Без право на грешка
Шестата група се смета за екстремно опасна, бидејќи бара мајсторско управување со пловилото без право на грешка. Реките кои припаѓаат на оваа група имаат многу опасни брзаци, карпи, огромни бранови со вители и падови, како и неочекувани замки.

Таков е, на пример, рафтингот на реката Замбези во Африка зашто изгледите да се остане во сплавот при преминување на брзаците Morning Glory, Stairway to Heaven, Commercial Suicide, се помали од 50%, а такви замки има и премногу. Превртено пловило, расфрлани весла и луѓе кои реката ги носи со страотна брзина низводно во тој крај на светот е вообичаена слика, па и искусните љубители на ова екстремно спуштање сериозно се подготвуваат за тоа да не ги фати паника кога ќе се најдат во животна опасност и на кој начин да се препуштат на реката, да испливаат на површината и да преживеат.

Рафтинг низ пештери
Опремата за рафтинг авантура низ пештерските тунели, каква што е, на пример, пловидба по река која тече 65 метри под земјата (Black Water рафтинг, пештера Ваитомо, Нов Зеланд), секогаш е дополнета со ламба на кацигата, а тука се и посебни правила кои се вежбаат на суво.

Инаку, адреналинскиот рафтинг низ пештерскиот систем Ваитомо, на северот на Нов Зеланд, посебно е атрактивен и поради што станува збор за пештери кои светат (ефект го предизвикува инсектот Aracnocampa luminosa), па претставуваат единствен светски феномен затоа што нивната внатрешност, длабоко под површината на земјата, потсетува на ѕвездено небо. Светлечките пештери се атракција од 1887 година, кога поглавицата на Маорите му ги покажал на истражувачот Фред Мелкеи.

Меѓутоа, за да се ужива во рафтингот не е задолжително да се отиде на другиот крај на светот во потрага по диви води. За почеток, најдобро е да се информирате за речните тури од првите три категории во близина на вашето престојувалиште, зашто сплаварски клубови има сè повеќе, па најдобро е искуството да се стекне поблиску до домот каде што би можело да се повтори. Препорака е да набавите регионален рафтинг водач и да стапите во контакт со локалниот рафтинг клуб.

Со секое ново спуштање низ реката самодовербата расте, концентрацијата се изострува, а телото учи брзо да реагира. Професионалните скипери секогаш проверуваат дали екипажот е соодветно опремен, опремата прицврстена, јажињата сложени и на нив секогаш можете да се потпрете и навистина да ја запознаете реката. Вистинското уживање дури тогаш почнува!

Хидроспид
Во САД хидроспидот го нарекуваат riverboarding, а се смета дека го измислиле француските рафтинг кормилари кои во 70-тите години од минатиот век ги полнеле вреќите од јута со елеци за спасување и на тој начин се спуштале низ водата. По таа идеја се дизајнирани специфични пластични школки кои плутаат со кои полесно се управува, па така се родил и нов воден спорт, поради брзината наречен хидроспид. Во САД прв го промовирал Роберт Карсон, а на Нов Зеланд Гед Хај. Љубителите на хидроспид користат и перки за подобра контрола на движење, но, сепак, се препорачуваат чизми, како и одело за нуркање, кацига и штитници за колена и лакти ако реката е плитка.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>