Фармацевти
Контакт

<< Назад

Ракавици

јануари 3, 2017

Шик детаљ кој штити од студМарија Јоксимовиќ

Направени од најразлични материјали, од гума, кожа, свила, тантела и волна, денес се достапни на сите и ги носат и мажи и жени, кралеви и принцези, лекари и диригенти, градинари и градежни работници, спортисти и космонаути...

Носењето ракавици е древен обичај. Уште во грчкиот еп Одисеја, кој го напишал Хомер, се споменуваат ракавици. Ги носел таткото на Одисеј, Лаерт, крал на Кефалонија и владар на Итака. Кога Одисеј отишол во Тројанската војна, Лаерт е повлекол да живее во лозје опкружено со круши, јаболка и смокви, каде носел – ракавици. За ракавиците во античко време пишувале и Херодот и Плиние Помладиот.

Според дефиницијата, ракавиците се предмет за облекување кој се навлекува на рацете. Може да бидат направени со пет прсти, со еден (палец), или два (обично за потребите на војската) прста или може да бидат без прсти, кратки и долги. Се носат за заштита на шаките и рацете од студ, од повреди при работа, како спортски реквизит (бокс), но и како моден детаљ, атрактивен моден додаток со вечерна тоалета.

Бонтон и двобој
За ракавиците низ историјата се поврзува и своевиден бонтон кој налага мажите при поздравување во знак на почит да ги извадат ракавиците, додека жените не мораат. Постоела и цела низа правила за двата пола какви ракавици се носат во која прилика, како се согласуваат со останатите парчиња облека, од чорапи до шешир, но тоа веќе не важи, па денес со џинс се носат, на пример, ракавици од тантела, а штиркани и шарени со елегантен капут, што некогаш било незамисливо.

Ракавиците влегле и во јазикот на конфликти, па така изразот „да се фрли ракавица“ се одомаќинил во многу јазици со значење да се предизвика некој на двобој. Денес тој израз се користи само фигуративно со значење предизвикување и натпреварување кое може да биде и вербална караница, но ништо повеќе од тоа. Меѓутоа, некогаш фрлањето ракавица служело како повод за борба на живот или смрт со мечови или пиштоли.

Двобоите имале строго утврден бонтон, а се најавувале со фрлање ракавица на противникот в лице. Ако овој ја подигнел, тоа било знак дека го прифаќа дуелот, а ако не, дека кукавички се откажува. Официјално, двобојот во 501 година прв го вовел кралот на Бургундија, за многу брзо да го прифатат и судовите во Европа како начин на решавање  спорови помеѓу странки, иако тука има и цела низа контроверзии, бидејќи законот во исто време ги забранувал двобоите од 1561 година.

Инаку, првите пишани правила за двобој се издадени во Франција во 1836 година, а според нив, на пример, навредената страна имала 24 часа од приемот на навредата на противникот да му фрли ракавица в лице. А колку таквите двобои биле чести, се гледа и по тоа што во Будимпешта во 1908 година е одржан меѓународен конгрес за забрана на  двобои. Но тоа не ги спречувало заговорниците на таквата пресметка да фрлаат ракавици. Во двобоите загинале дури двајца големи руски класици, Пушкин и Љермонтов. Поетот Пушкин за време на својот краток живот учествувал во дури 29 двобои, никогаш не пукал прв, а ракавица прв пат му фрлил на противник в лице на само 17 години, вљубен до уши.

Витешки ракавици
Во средниот век ловците, овчарите, робовите и војниците носеле ракавици со палец, направени од железни алки или кожа. Ракавици почнало да носи и свештенството како симбол на чистота пред бога. Исто така, ниеден витез од тоа време не можел да се замисли без ракавици. Ако витезот некому му фрлел ракавица пред нозе, тоа значело дека го повикува на двобој на честа, која се брани со крв.

Меѓутоа, ако некоја дама ја испуштела својата ракавица или ја дала некому, тоа значело изразување длабока наклонетост. Ако дамата му подарила ракавица на витез, овој би ја носел во специјална торбичка околу вратот. Исто така, избраничката на витезот на венчавката од идниот маж добивала меч и ракавица, како симбол на верност.

Во 17 век ракавиците стануваат неизоставен моден детаљ во богатите кругови и во јавноста никој не се појавувал без тој додаток. Во тоа време посебно се истакнувале француските мајстори за изработка на ракавици, кои ги правеле од свила и кожа, ги украсувале со златен вез, тантела и скапоцени камења. Традицијата налагала мажите да ги носат ракавиците до зглобот на шаката, а дамите, во зависност од должината на ракавите на тоалетата, според системот колку пократок ракав, толку подолга ракавица. Се изработувале за различни прилики, а некои кои претставувале и вистински уметнички дела се носени во опера. Еден век подоцна побарувачката за ракавици е толкава што доаѓа до меѓународна поделба на работата, од Шпанија се набавувале материјали, ги кроеле француски конструктори, а рачно ги шиеле и декорирале англиски мајстори.

Првата машина за шиење ракавици ја измислил Англичанецот Џејмс Винтер. Ракавиците стануваат толку важен дел од гардеробата што се воведуваат нови правила, на пример, дека пристојна дама не смее никако да ги извади на бал, дури и ако се скинат, како и дека секогаш мора да има резервен пар ракавици со себе. За џентлмени важело правилото дека во текот на денот се менуваат барем шест пати. Вадењето ракавици било дозволено само при јадење или играње карти.

Во 20 век многу бонтон правила за носење ракавици се забораваат, но некои, сепак, остануваат, како, на пример, дека на балови се носат бели, на погреби црни, а на лов жолти ракавици. Постојат и дневни и вечерни варијанти на ракавици. Во мода се поедноставни модели, често од фина кожа, па се чуваат на посебни калапи да не го изгубат обликот. Ракавиците почнуваат масовно да се користат и како заштитно средство во многу професии (медицина, градежништво и сл.), но и во спортот, дури возачите на автомобили ги обожаваат.

Денес ракавиците се достапни за сите. Студеното зимско време подразбира дека рацете треба да се заштитат, па ракавиците може да бидат волнени, со крзнена постава  или во комбинација на кожа и некој природен или вештачки материјал. Заедничка карактеристика им е дека се убави, дека ги има за сечиј вкус и дека се неизоставен моден детаљ кој подразбира и дозволува најразлични модни комбинации. Може да се согласуваат со шал и капа, а и не мора. Во свечени прилики и во 21 век се носат атрактивни ракавици од свила или тантела, а за секој ден кога надвор е студено најубави се оние исплетени од мајките или бабите, кои во плетката внеле и многу љубов која дополнително го грее и срцето.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>