Фармацевти
Контакт

<< Назад

РАМНИ ЧЕВЛИ

април 1, 2018

Елегантни во ниски потпетициПосле многу години владеење на високите штикли, ниските потпетици се вратија на голема модна врата: ги обожаваат жените, а и дизајнерските куќи, како што се Ferragamo, Miu Miu, Prada, Gucci и Balenciaga, на чии модни ревии за пролет/лето 2018 манекенките носеа обувки со висина на пета од еден и пол до четири, пет сантиметри

Мајда Штимац

Иако многу жени сметаат дека нема вистинска елеганција без вртоглаво високи потпетици, тоа не е точно. За шик изглед навистина не е неопходно да се „качиме на потпетици“ од десет, дванаесет или повеќе сантиметри, што понекогаш е и вистинско мачење, посебно ако во такви обувки стоиме повеќе часа (на пример, на некоја свеченост), танцуваме до доцна во ноќта или само одиме по улиците на градот. На ова треба да се додадат и здравствените тегоби кои се јавуваат како последица на повеќегодишно носење чевли со високи потпетици како што се разни болни деформации. До нив доаѓа затоа што линијата на телесната рамнотежа е поместена, што за последица има оптоварувања на специфични точки, дегенеративни промени и лоша циркулација. Едноставно, колку што петата е повисока притисокот на предниот дел на стапалата е поголем, па болната вкочанетост на прстите на нозете скоро е неизбежна. Не се ретки ни повредите како истегнувања и натегнувања, а и Ахиловата пета се скратува, како и мускулите на листот и потколеницата, што сè заедно може да биде многу трауматично.

Танталови маки

Британските научници од Униврзитетот во Манчестер врз основа на ултразвучните испитувања откриле дека жените кои со години носеле штикли имаат подебели и пократки Ахилови пети, како и дека мускулите на листовите на нозете им се за тринаесет проценти пократки отколку кај оние кои не носеле високи потпетици. И распонот на движења на нивните глуждови е намален, што ја зголемува можноста за повреди. Истражувачите заклучиле дека дамите се изложуваат на „Танталови маки“ поради модата на високи потпетици, така што трпат замор, неудобност, па дури и болка во чевлите со штикли од десет и повеќе сантиметри, како и дека две третини од испитаниците се одлучуваат на повеќечасовно излегување и во штотуку купените чевли. Она што е добро, велат научниците, е тоа што некои од нив во чанта носат и резервни, рамни обувки, кои им овозможуваат после вечерното излегување дома да се вратат „со лесен чекор“. Британските истражувачи велат и дека решението не е во високите платформи, затоа што се лоши за ’рбетот и тешки за одржување рамнотежа, а на оние кои, сепак, не можат без високи потпетици им се препорачува што почесто да ги менуваат со рамни, удобни чевли, како и задолжително да направат вежби за истегнување после повеќечасовно носење.

Шик без штикли

Ставот на ненадминатата Коко Шанел дека „гламурот мора да биде удобен“ важи и за чевлите. Креаторката која имала обичај да каже „јас не се занимавам со мода, јас сум мода“, а која магазинот Време (Time) ја сврстил меѓу 100 највлијателни лица на 20 век, за дневни и вечерни тоалети креирала чевли со ниска потпетица, често во црно-бела боја, тврдејќи дека така стапалото изгледа понежно и помало, како и дека жена во такви обувки е многу шик. „Ако ве освоила убавината на некоја жена, а не можете да се сетите што имала на себе, тоа само значи дека била идеално облечена“, зборувала легандарната Коко Шанел. Тој став „помалку е повеќе“ и денес го застапуваат многу креатори, а голем број стилисти, модни дизајнери, па дури и организации кои се занимаваат со истражување на пазарот предвидуваат дека во текот на 2018 година ќе продолжи трендот од последниот квартал од претходната година, кога најбарани биле женските чевли со средна и ниска потпетица. Тие велат дека рамните обувки и оние со штикла помала од осум сантиметри ќе бидат ин и во 2019 година. Тоа го потврдуваат и статистиките кои покажуваат дека продажбата на чевли со средна потпетица во целиот свет со години постојано се зголемува, а во 2017 година за дури седумдесет насто.

Од високи штикли полека се откажува дури и британската креаторка Софија Вебстер (Sophia Webster), која пред пет години се прослави со stiletto потпетици, зголемувајќи го за дваесет насто учеството на подебели потпетици со средна висина на своите ревии. „Се обидуваме петата со средна висина да ја направиме подеднакво привлечна како што тоа некогаш биле stiletto штикли“, вели дизајнерот Пол Ендру (Paul Andrew), креатор на италијанскиот бренд Salvatore Ferragamo, чии kitten heel чевли се вистински продажен хит. Своите верзии на „kitten“ чевли понудиле и Miu Miu, Prada, Gucci и Balenciaga, како за зима така и за пролет 2018. Впрочем, шпиц на чевли со ниски потпетици носела и принцезата Дајана во 90-тите години од минатиот век, како и многу други славни дами, а познато е и дека модните трендови се вртат во круг. Затоа да уживаме во модата на ниски потпетици, обувки кои се последен крик на модата, но и многу здрава. А дамите кои се грижат дека нозете нема да им изгледаат доволно долги без вртоглави штикли можат да носат здолништа или панталони со подигната половина, препорачуваат стилистите, и велат дека „ефектот е ист“.

Историја на штиклите

Чевли со штикла, како и сандали со платформа, се носеле и во стариот Египет, со тоа што овие другите ги носеле месарите.

Рамните сандали биле заштитен знак на старите Грци, а високите платформи ги носеле глумците во театар.

Чевли со платформа биле модерни и во стариот Рим, и тоа од практична причина –  Римјаните и Римјанките да не газат по кал и ѓубре по улиците.

Монголските јавачи носеле чевли со штикли за ногата подобро да им стои во узенгиите.

Пред шест века жените во Турција носеле посебни заштитни чевли високи од 20 до 75 см, па слугите при одење морале да ги придржуваат. Слични обувки се ноеле и во Венеција и биле статусен симбол на богатите и моќни жени.

Се претпоставува дека Катарина Медичи во 16 век ги вовела штиклите во мода, затоа што била висока 150 см, па нарачала чевли со пета од пет сантиметри. Штикли носела и Марија Тјудор позната како Крвава Мери.

Црвени потпетици носел и Луј XIV, а некои примероци од неговите обувки имале пета од дванаесет сантиметри.

Bо времето на Француската револуција штиклите се забранети со декрет затоа што ја симболизирале аристократијата.

Во текот на 20 век модерни се и рамни чевли и оние со штикла. Во 1954 година креаторот на обувки Рожер Вивиер (Roger Vivier) ги промовирал првите салонки со stiletto пети, кои го добиле името по италијанскиот краток нож со тесни острици.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>