Утрото е идеално време за размрдување и вежбање. Доколку ја усвоите оваа корисна навика, вашите денови ќе се одвиваат во ритамот на позитивните вибрации. Секако поподготвени ќе се соочувате со секојдневните професионални предизвици, а ќе го подобрите и вкупниот здравствен статус.
Утринското вежбање претставува тема на чие спомнување луѓето често се муртат и одречно вртат со главата. Постојат многу причини поради кои би требало да престанат со таквиот став. Ќе почнеме од докажаната поврзаност на вежбањето со лачењето ендорфин, што за последица има чувство на внатрешно задоволство. Потоа како аргумент ќе го изнесеме и податокот дека вежбањето директно влијае на зголемување на хормонската активност и го забрзува метаболизмот.
Како да почнете?
Првиот чекор е донесување одлука за тоа дали навистина сакате да направите нешто корисно за себе. Следна задолжителна станица е посета на вашиот лекар. Тој или таа после прегледот ќе ви каже дали и колку можете да вежбате. Верувајте дека вашиот лекар ќе биде пријатно изненаден кога по само неколку месеци редовно тренирање ќе дојдете на редовна контрола на својата здравствена состојба.
Но мене наутро ми се спие?
На сите наутро ни се спие. Почнете постепено. Првите недели нека будилникот ви ѕвони 15 минути пред вообичаеното време. Тоа ќе ви даде десетина минути за вежбање, што е сосема доволно за почеток. Наредните недели вратете ги стрелките на часовникот наназад уште 15 минути, и така додека стандардното време за будење не ви биде еден час порано.
Што ако се откажам?
Не си поставувајте превисоки цели. Клучот на успехот лежи во малите чекори. Олеснете си така што навечер ќе го подготвите сето она што ќе ви биде потребно за следното утро (опрема за вежбање, облека која потоа ќе ја облечете, избор на појадок...). Издржете првиот месец, и повеќе никој нема да може да ве одврати од утринското размрдување.
Дали да вежбам со празен стомак?
Појадокот, секако, не би требало да биде преобилен. Меѓутоа, сè повеќе луѓе тренираат пред појадок. Овој пристап најчесто се доведува во врска со кардиотренинзите и вежбите насочени кон согорување масни наслаги. Во секој случај, веднаш по станување би требало да се испие чаша вода. Внесот на вода е сигнал кој нашето тело го толкува како дополнителен повик за будење. Ова секако е тема за која ќе се консултирате со лекар пред почеток на вежбањето.
Кои вежби да ги изберам?
Битно е да не се депримирате доколку нешто не можете да направите веднаш. Наша препорака е, сепак, да се обратите на луѓе кои со тоа професионално се занимаваат. Вашиот лекар ќе ви каже ако треба да посетите физијатар, или е доволно да позборувате со некој кој има диплома за тренер.
Зошто токму сега?
Затоа што сега и е вистинскиот момент за тоа. Прифатете го предизвикот и тргнете, ќе бидете воодушевени. Тоа ќе влијае и на зголемување на вашата успешност во она со што се занимавате. Летото ни се ближи, што значи дека утрото е оној период од денот кога температурата сè уште е пријатна за вежбање.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци