Чувари на женското здравјеПосетата на гинеколог на рутински преглед еднаш во годината, но и по потреба, доколку се појават некои проблеми или недоумици, е најдобра здравствена превенција, бидејќи овозможува рано откривање на промени на репродуктивните органи на жената и лекување со висок процент на успех
д-р Марија Коцева
гинеколог-акушер
ПЗУ Д-р Ложанковски, Скопје
Секоја жена која е одговорна спрема сопственото здравје ги прави рутинските годишни гинеколошки прегледи. Тоа е превентивна здравствена мерка која обезбедува сигурност во поглед на физичкото и репродуктивното здравје. Посетата на гинеколог овозможува и советување во врска со здравиот животен стил и ги намалува здравствените ризици. Годишниот гинеколошки преглед опфаќа скрининг (ПАП тест, микробиолошки брисеви), преглед на карлицата (бимануелен преглед и преглед со спекулум) и советување.
Посетата на гинеколог се препорачува веќе од 13-тата или 15-тата година од животот. Младите девојки може да поставуваат прашања кои се однесуваат на менструалниот циклус, методи на контрацепција и заштита од сексуално преносливи болести. Скрининг за сексуално преносливи болести (кој подразбира земање брис) се препорачува кај сексуално активни адолесцентки.
ПАП тест: Овој скриниг преглед се користи за рана детекција на цервикален канцер и е дел од примарната превенција. Брисот за ПАП тест се зема еднаш годишно и во прашање е безболен, едноставен, брз скрининг тест. Со помош на ендоцервикална четкичка и шпатула се земаат клетки од цервикалниот канал и вагиналниот дел на грлото на матката. Кај жени кои имааат повеќе од триесет години, доколку три едноподруго ПАП теста се негативни и ако е негативен тестот за ХПВ типизација, се препорачува скрининг еднаш во три години. Точноста во откривање на раните абнормалности на клетките при ПАП тест, заедно со ХПВ (хуман папилома вирус) типизација, е околу 70 насто.
Регуларните цервикални скринизи го намалуваат ризикот од смрт од цервикален карцином за 75 насто. Според возрасните групи, цервикалниот карцином се јавува од 30 до 39 година, односно кај пациентки кои имаат над 70 години. Во повеќето случаи е поврзан со трајна инфекција со високоризичен ХПВ вирус (најголем процент со ХПВ 16 и ХПВ 18). ПАП тестот и ХПВ типизацијата овозможуваат рана детекција на цервикалните преканцерози и цервикалниот канцер. Најдобар период за правење ПАП тест е неколку дена по завршување на менструалното крвавење. Пациентката треба најмалку 24 часа пред прегледот да избегнува сексуален контакт, употреба на вагиналети или миење со гелови за интимна нега.
Со рано откривање на промени на грлото на матката се зголемува и успешноста на третманот, што овозможува добро репродуктивно здравје кај жените и квалитетен животен век. Кај жени во постменопауза (без менструален циклус повеќе од една година) важни се податоци за појава на крвавења или присуство на аднексална маса.
Ултразвук: Гинеколошкиот ултразвучен преглед може да биде трансабдоминален или трансвагинален. Трансабдоминалниот ултразвук најчесто се користи кај трудници, девојчиња кои уште немаат активен сексуален живот или при евалуација на големи миоми на матката.
Трансвагиналниот ултразвучен преглед овозможува испитување на предизвикувач на вагинално крвавење, дава информации за обликот на матката, како и за дебелината и структурата на ендометрумот (слузницата на матката), што е од голема корист, посебно кај пациентки кои се соочуваат со проблемот неплодност.
При трансвагинален ултразвучен преглед може да се откријат и миоми на матката, да се следи нивниот раст, како и појава на клинички симптоми кои се предизвикани од миомите, што овозможува успешен третман.
Ултразвучниот преглед дава информации и за големината и формата на јајчниците, како и за евентуално присуство на оваријални цисти, и овозможува рано откривање на тумори на јајчниците. Со овој преглед се овозможува и потврда на бременост и се утврдува дали бременоста е лоцирана во матката или станува збор за вонматерична бременост.
Репродуктивно здравје: За оптимално репродуктивно здравје важно е одржување на здрави животни навики. Консумирање храна богата со влакна, свежо овошје и зеленчук, јаткасти плодови и семки, риба и јајца, комбинирано со редовна физичка активност, особено е значајно за оптимален хормонален баланс и добар имунолошки систем.
Кога хормоналниот статус е во ред, овариумот има оптимална функција (ендокрина – производство на хормони, и репродуктивна – производство на фоликули), со што се намалува ризикот од појава на полицистичен оваријален синдром, миоми на матка, полипи, ендометриоза.
За да се намали ризикот од сексуално преносливи болести, како и несакани бремености, се препорачува користење на бариерна контрацепција, т.е. кондоми. Своето репродуктивно здравје жената го штити со тоа што има постојан сексуален партнер и користи заштита при сексуалниот однос. Важни се избалансираната исхрана и физичката активност, како и советување со гинеколог, посебно ако се забележат некои промени, како што се, на пример, пореметување во менструалниот циклус, посткоитални крвавења, болки или немање менструален циклус. Редовните посети на гинеколог овозможуваат многу посериозни заболувања да се откријат навреме и да имаат успешен третман.