Ивана Коцевска
Фото Влатко Петревски
На надморска височина од 740 метри, изграден на варовнички карпи и опкружен со густа шума во срцето на недопрена природа и спокој, ве пречекува манастирот Свети Јован Бигорски, една од најубавите градби на македонското градителство. Во истовреме, додека се воодушевувате на прекрасната глетка, вниманието ви го привлекува и жуборот на водите на Радика, која тече под манастирот
Радика
Западна Македонија е толку убава токму поради зеленилото на шумите и многубројните реки и потоци. Овде можете да ја видите и да уживате во, за многумина, најчистата и најубавата река кај нас, реката Радика. Препознатлива е по чистата, бистра, студена вода, попроѕирна и од стакло, со темнозелена боја, која ја добива од
калциум карбонатот што го содржи.
Извира на 2200 метри
надморска височина под Враца. Од изворот до утоката во
Дебарското Езеро поминува пат од 67 км. Во реката од секаде се влеваат води, мали поточиња исцедени од врвот на планините, некаде со чешми со питка вода од која не може да се изнапиете. Напролет, водата надоаѓа уште повеќе од снегот кој се топи и ја прави уште подива и понескротлива.
Околината на Радика изобилува со богат растителен и животински свет. Реката е миленичка за спортските риболовци, бидејќи е особено богата со пастрмка. Во горниот тек на реката научниците пронашле и испитале над 30 пештери, долги над 10 метри. Пештерата Симка, со должина од 500 метри, е со исклучителна убавина.
Радика е единствена река – бифуркација во нашата земја, која дава вода на два слива – јадрански и егејски слив.
По долината на Радика се наоѓа еден од најубавите и најживописните кањони на Балканскиот Полуостров – клисурата Барич, чии страни вертикално се издигаат по неколку стотини метри. Потребни биле милиони години за реката пробивајќи се меѓу планинските страни на планините Бистра, Стогово, на исток, и Кораб и Дешат, на запад, да го создаде кањонот. Долината на Радика отсекогаш била траса на патиштата кои ги поврзуваат градовите во котлините во западна Македонија, Тетово, Гостивар, Дебар и Охрид.
По долината на Радика се познатите села Битуше, Јанче, Гари, Лазарополе. Во нив можете да ја видите народната специфична и оригинална архитектура застапена во изградбата на селските куќи. Населението овде од дамнешни времиња се занимавало со изработка на предмети од дрво, украсени со резба, па подоцна резбарството достигнало висок уметнички квалитет.
Со зборови не може да се пренесе убавината, единствено откако ќе ја посетите долината на Радика ќе го сфатите и доживеете вистинскиот подарок од божествената природа.
Манастирот – еден од најубавите на Балканот
На главниот пат Гостивар – Дебар, на 2 км од селото Ростуше се двои спореден пат долг 1 км, кој води до манастирот Свети Јован Бигорски. Патот е тесен и асфалтиран, опкружен со шума и карпи од бигор, се искачува благо по ридот и завршува до главниот влез на манастирот. Може да се пристигне и со автомобил, но патот е лесен за качување и може да го испешачите.
На надморска височина од 740 метри, изграден на варовнички карпи и опкружен со густа шума во срцето на недопрената природа и спокој, манастирот Свети Јован Бигорски потсетува на манастирите на карпите на Света Гора Атоска во Грција. Тој е една од најубавите градби на македонското градителство. Жуборот на водите на Радика се слуша и во Бигорскиот манастир. На манастирскиот влез од десна страна се препознатливите чешми во облик на змејови, низ кои непрекинато тече водата како низ вековите. Секој посетител пие од студената вода, го мие лицето за здравје и спокој. Портите се направени од благородно масивно дрво и опточени со метални топки.
И секогаш кога ќе пристигнете овде одново и одново ќе се запрашате – што е најубаво и највредно: црквата, вредниот иконостас, иконите и живописот, конакот, чардаците или трпезариите, чешмата и водите, прекрасната местоположба? Оттука имате отворен поглед во далечина по соседните раштркани села. Овде човек се чувствува слободно и возвишено.
Манастирот Свети Јован Бигорски е посветен на светиот Јован Крстител.
Манастирскиот комплекс се состои од: сејменската кула која била седиште на сејмените кои го штителе објектот од нападите на качаците, манастирска црква, комплекс од конаци во форма на буквата П, костурница која се наоѓа веднаш до самата црква и новоизградените гостински конаци. Целиот манастирски комплекс има мошне неправилна геометриска форма. Името „Бигорски“ го добил по каменот бигор од кој е изграден.
Преданијата велат дека монахот Јован, кој потекнувал од дебарскиот крај, во 1020 година, 6 години откако ја нашол чудотворната икона, токму на местото каде ја пронашол, подигнал поголем храм, околу кој почнало да се собира монашкото братство. Јован Дебарски станува првиот ктитор на светата бигорска обител.
Вредниот иконостас
Посебно нешто што ќе го предизвика вашето внимание и воодушевување е иконостасот, изработен со резба во ореово дрво, нешто неповторливо и единствено што го нема никаде во светот. Вистинско ремек-дело на Мијаците Петре Филиповски – Гарката, на брат му Марко Филипов, на Макариј Фрчкоски и Аврам Дичов со синовите, кои го изработувале од 1829 до 1835 година. Овој иконостас е едно од најубавите и највредните скулпторски дела на византиската уметност во Македонија. На него се претставени бројни животни и птици, преплетени растителни орнаменти со реалистичен приказ на винова лоза, цветови од нарцис, ружи, ориентално овошје, како и омилениот мотив на работилницата на Мијаците – напукната калинка. Иконостасот е приспособен на димензиите на црквата, со три реда икони, што е редок случај, бидејќи почесто се среќаваат иконостаси со само 2 реда икони. Најгорниот дел од иконостасот е многу импресивен и него го красат големиот крст од распетието Христово и неговите придружни делови.
Бигорскиот манастир како птицата-феникс се издигна од пепелта по пожарот што избувна од неисправна електрична инсталација, утрото на последниот септемвриски ден во 2009 година. Беше пожртвувано спасен од монашкото братство, луѓето кои се затекнале во него и локалното население, православно и муслиманско.
Атрактивноста на манастирот привлекува голем број посетители. Верниците се најбројни на Денот на раѓањето на св. Јован Крстител, патронот на манастирот, 7 јули, познат меѓу народот како Иванден, и на денот на отсекувањето на главата на св. Јован Крстител, 11 септември. И една занимливост, во комплексот на манастирот е снимен македонскиот филм
Мис Стон.
Чудотворната икона на свети Јован Крстител
Верниците доаѓаат во манастирот и да се помолат на иконата на свети Јован Крстител, за која се верува дека прави чуда. Едно од чудата е и начинот на кој иконата му се открила на ктиторот. Според преданието, таа едноставно лебдела во воздухот над изворот со вода, на чие место денес се наоѓаат трите чешми под црквата. Чудо било и нејзиното исчезнување во немирните и тешки времиња, низ кои минувал манастирот. Во 16 век Османлиите го запалиле манастирот, а иконата мистериозно исчезнала, за потоа уште помистериозно да се врати неоштетена. Во манастирските списи е запишано дека иконата на свети Јован Крстител не била заштитена 35 години и дека дури во 1885 година е обложена со сребрен оклоп. На иконата Јован Крстител е претставен како светец-трирачник. Се верува дека третата рака е благословна и дека иконата им помага на родителите кои не можат да добијат деца. Бројните сребрени медалјони во облик на бебе сведочат дека свети Јован израдувал многу бездетни родители.
Чудотворната икона на свети Јован Крстител мистериозно исчезнувала, но повторно се враќала во манастирот и по десет века е тука, бидејќи тоа место сама го одбрала за свое живеалиште.