Здрав животен стил за здраво потомство
Репродуктивното здравје им овозможува на луѓето да сакаат, да бидат сакани и да ја остварат најубавата улога во животот, а тоа е родителството, па затоа многу е важно на време да го сфатиме значењето на репродуктивното здравје и да грижиме за неговото зачувување.
Автор д-р Ана Миличевиќ
Често се чувствуваме среќно и задоволно кога ќе видиме како децата растат, го запознаваат светот околу себе, тргнуваат во училиште, се вљубуваат, и помислуваме дека тоа се така нормални и убави нешта, но често не размислуваме за тоа дека среќата на родителството доаѓа како резултат на сопственото репродуктивно здравје. Како, всушност, се развиваат нашите репродуктивни органи, кои се тоа периоди во развојот на мажот и жената важни за здрав репродуктивен циклус? Што треба да се направи или да се избегне во секојдневието – се само некои од прашањата на кои младите луѓе, идни родители, би требало да ги знаат одговорите.
Репродуктивните органи го почнуваат својот развој со влегување во пубертет, а завршуваат најдоцна во однос на останатите органи, а тоа е на крајот на пубертетот и почетокот на адолесценцијата, околу 20-тата година.
Кој период во развојот е многу важен, но во исто време и многу критичен?
Тинејџерскиот период носи бурни промени во животот на младиот човек, како физички така и психички. Тоа е период кога младите девојки, трагајќи за својот идентитет и „совршен изглед“, често држат ригорозни диети и претерани физички активности, што може да доведе до бројни хормонски дисбаланси. Дисбалансот, пак, може за последица да има аменореја (изостанок на менструација во временски период подолг од шест месеци) и дисфункционални крвавења (нередовни месечни циклуси со крвавења кои се јавуваат значително пред или значително подоцна отколку што е вообичаено на 28 дена).
Какви се последиците?
Доколку се продолжи со претерани диети и физичка активност, тоа може да биде една од причините за ановулација (несоздавање јајце клетки во текот на месечниот менструален циклус) и инфертилитет (неплодност) подоцна во текот на животот.
Ризик од полово преносливи болести
Младите се склони кон прерано стапување во незаштитени сексуални односи како резултат на недоволна информираност. Тоа со себе носи ризик од полово преносливи болести. Станува збор за голем број болести кои може во организмот да постојат не предизвикувајќи тегоби. Затоа голем број инфицирани лица се чувствуваат здрави и инфекцијата ја пренесуваат на своите сексуални партнери. Такви се инфекциите предизвикани од бактериски предизвикувачи: кламидија, уреаплазма, микоплазма, гонореја, а тие може да се излекуваат со антибиотици. Тука спаѓаат и оние кои ги предизвикуваат вируси: HSV, HIV, HBV, HCV. Тие остануваат трајно во организмот и имаат долгорочни последици, па дури и смртен исход како резултат на компликации по одреден број години. Предизвикувач може да биде и мал паразит, како што е Trihomonas vaginalis, каде мажите често се асимптоматски носители, за разлика од жените кај кои се присутни симптоми.
Штетни навики
Од љубопитност, чувство на доминација, потреба да се биде супериорен во друштвото и желбата да се биде омилен, младите често земаат психоактивни супстанции и пушат. Сето тоа за последица има нарушување на репродуктивното здравје и неможност еден ден да се оствари потомство.
Редовни контроли, правилна исхрана и вежбање
Во секој период од репродуктивниот живот се задолжителни редовните контроли кај гинеколог и тогаш кога нема тегоби, а, секако, во случај на постоење симптоми и тегоби. Годишните контроли се во вид на вагинален и цервикален брис, како и Папаниколау тест (ПАП тест е скрининг за појава на рак на грлото на матката). Се препорачува колпоскопија, преглед кој овозможува да се види микроскопска слика на грлото на матката, а со цел откривање промени на време. Редовните гинеколошки ултразвучни прегледи придонесуваат за рано откривање евентуално заболување (цисти и миоми), а се прават со цел лекување и следење на промените на половите органи кај жената.
Важно е да се истакне и значењето на редовниот самопреглед на градите дома, како и прегледи кај гинеколог. За сè што изгледа невообичаено е потребно веднаш да се јавите на лекар.
Не смееме да ги заборавиме мажите кај кои се битни редовната физичка активност и адекватната исхрана. Во случај на појава на тегоби задолжителна е посета на уролог со цел преглед и евентуално лекување инфекции и други болести за да се зачува репродуктивното здравје.
Ако сте сексуално активни, одете на редовни контроли, чувајте го своето сексуално здравје и плодност. Многу е важно да се тестира и да се лекува и вашиот моментален сексуален партнер и сите други неодамнешни партнери!
Во секој случај, се препорачува медитерански стил на живот, а тоа подразбира: исхрана со доста сурово овошје и зеленчук, јаткасти плодови, посни меса, риба, како и умерена, но редовна, физичка активност (секојдневни прошетки со вежбање три до пет пати во неделата). Важно е и одржување здрави меѓучовечки односи со пријателите и во семејството.
Како да се спречи појавата на негативни влијанија на репродуктивното здравје?
Важно е, пред сè, да се работи на едукација на младите преку предавања (во основно и средно училиште), како и преку средствата за јавно информирање (ТВ, интернет, брошури, списанија). Потребно е да им се објасни низ какви сè промени минува организмот на едно девојче, што е менструален циклус, кога се плодните денови. Да се упатат во тоа како да се чуваат од несакана бременост и полово преносливи болести (употреба на презервативи и контрацепциски таблети).
Непланираната бременост и нејзиното прекинување во овој период носи бројни психофизички последици, од депресија, страв, анксиозност, несигурност, до хронични инфламаторни болести на половите органи кои може да резултираат со неплодност.