Како да се заштитимеСе препорачува избегнување подолг престој во затворени простории со многу луѓе, често проветрување и миење раце, престанок со пушење, внес на свежо овошје и зеленчук, цинк, магнезиум и витамин Ц, како и физичка активност
д-р по медицински науки Дејан Димиќ
спец. по пнеумофизиологија
Респираторните инфекции се предизвикани од различни микроорганизми ‒ вируси, бактерии и габички. Од акутни респираторни инфекции на горните и долните респираторни патишта возрасните годишно просечно заболуваат 3-5 пати, децата 4-7 пати, а децата во градинка и до 10 пати. Секретот во дишните патишта, носот и грлото е инфективен и се пренесува на здраво лице.
Инфекција со капки: Се пренесува со кивање и кашлање, така што капките влегуваат во дишните патишта на другите лица кои престојуваат во просторијата. Престојот во затворени и непроветрени простории ја зголемува можноста за пренесување на причинителите на респираторните инфекции.
Преку раце и прибор: Со ракување и допирање на болното лице, како и со употреба на заеднички прибор (прибор за јадење, чинии, пешкири итн.), се пренесува инфекција. Неопходно е често миење на рацете и избегнување користење на заеднички прибор.
Акутен назофарингитис: Акутно воспаление на носот и грлото кај народот е познато и како настинка, кивавица. Клинички се манифестира со кивавица и течење секрет од носот, прво воденест, а потоа слузест. Понекогаш се јавуваат замор и слаба главоболка со температура од 37 до 38 степени. Болеста трае околу една недела. Ефикасен лек против настинка не постои, па најдобро е превентивно да се зголеми имунитетот. Лекувањето е симптоматско, се користат медикаменти за намалување на зголемената температура, против главоболка, капки за нос и др. Потребно е придржување кон советите на лекар, хигиено-диететски режим и мирување.
Акутно воспаление на синуси: Воспаление на слузницата на носот и синусите (празнини во коските на черепот) се манифестира со главоболка, обично во пределот каде што синусот е зафатен со воспаление, болка во грлото, намалено чувство за мирис и вкус, отежнато дишење низ нос, отеченост на лицето и регијата околу очите. Во терапија се користат физиолошки раствор за нос, лекови против болки и се препорачува внес на поголема количина течности, престанок со пушење и консумирање алкохол. Инхалацијата може да помогне во отстранување на тегоби. Антибиотици обично не се потребни за лекување на акутен синузит кога е предизвикан од вирусна или габична инфекција. Доколку симптомите траат повеќе од десет дена, јавете се на лекар за да се разгледа употребата на антибиотици. Кај асматичари и заболени од хронични болести на белите дробови се препорачува примена на антибиотици поради можно влошување на основната болест.
Акутен ларингитис: Воспаление на слузницата на гркланот обично се јавува во зима и во рана пролет, кога доаѓа до оток на гласните жици и стеснување на отворот на гркланот. Симптомите се сува надразнета кашлица, зарипнатост, лесна болка, а поретко отежнато дишење, слабост, изнемоштеност и зголемена температура. Зарипнатоста може да потрае неколку недели. Се советува мирување, ненапрегање на гласните жици, топла инхалација, а, доколку лекарот така одлучи, и антибиотици.
Акутен бронхитис: Краткотрајно воспаление на слузокожата на душникот и бронхиите најчесто е од вирусно потекло. Болеста трае кратко и ретко се комплицира. Бактериите, главно, секундарно ја инфицираат слузницата на бронхиите оштетена со вируси. Кашлицата е водечки симптом, во почеток сува и надразлива, а подоцна продуктивна. Болеста се повлекува за десетина дена, а најдоцна до три недели. Лекувањето е насочено на ублажување на кашлицата. Антибиотици се применуваат само кај лица со тешки хронични болести на белите дробови и срцето. Се советува престанување со пушење.
Воспаление на белите дробови: Пневмонија е акутна инфекција на ткивото на белите дробови, предизвикана од бактерии, вируси или габички. Кај постари луѓе е посебно тешка, а може да биде и смртоносна. Во ризична група спаѓаат и малите деца. Типични симптоми се кашлица, обично со искашлување, зголемена телесна температура и понекогаш болка во градите. Обично симптомите се развиваат во тек од неколку дена и понекогаш се здружени со воспаление на белодробната марамица.
Бактериска пневмонија: Често се развива после инфекции на горните дишни патишта. Обично почнува нагло, со неочекувана треска. Карактеристични се: треска со зголемена температура, болки при дишење на зафатената страна, кашлица со искашлување и отежнато дишење. Атипичните пневмонии имаат помалку бурен настап од бактериските, затоа што клиничките симптоми се развиваат постепено. Температурата расте постепено и ретко е проследена со треска. Чести се и главоболка, болка во мускулите и зглобовите, општа слабост и изнемоштеност, а понекогаш мачнина, повраќање и пролив. Кашлицата обично е забележана после 3 до 4 дена. Бактериска пневмонија се лекува со антибиотици. Прерано прекинување со терапија може да доведе до враќање на болеста, а, исто така, да предизвика и појава на отпорност на бактериите. Се препорачува внес на течности и одмор.
Грип: Оваа заразна болест ја предизвикуваат вируси, а најчесто се карактеризира со тешки пореметувања на општата состојба, зголемена температура, главоболка, болки во мускулите, грлото и кашлица. Можат да се јават и мачнина, повраќање, пролив, особено кај децата. Кашлицата е често упорна и продолжена. Лекувањето е симптоматско, се состои во давање лекови за намалување на температурата и кашлицата.
Превенција: Респираторните инфекции се превенираат со избегнување на подолг престој во затворени простории со многу луѓе, проветрување на простории, често миење раце, престанок со пушење, внес на свежо овошје и зеленчук, цинк, магнезиум и витамин Ц, како и со физичка активност. Вакцината против грип дава соодветен степен на заштита од вируси и грип, но не и од други видови вирус. Најчести грешки при терапијата на респираторни инфекции се: симнување на зголемена температура која не преминува 38,5 затоа што тоа пречи на природниот процес на заздравување, земање антибиотици без препорака од лекар, претерување со капки, земање витамини дури откако ќе се јави инфекција.