Несакано наследство
Aвтор: д-р Јелена Биџиќ
Нашите секојдневни активности може да бидат многу отежнати доколку страдаме од ревматоиден артритис. Ова автоимуно заболување најчесто ги зафаќа зглобовите на шаките и стапалата, а многу ретко крупните зглобови. Хроничното воспаление со тек на време доведува до иреверзибилни анатомски оштетувања на зглобовите и околните структури со појава на карактеристични деформации
Ревматоидниот артритис е системска болест на сврзното ткиво, со хроничен тек, со инфламациски карактер, која обично ги зафаќа зглобовите симетрично. Кај некои заболени луѓе од ревматоиден артритис настануваат промени на внатрешните органи и системи. Тогаш се зборува за постоење ревматоидни болести.
Зачестеноста на оваа болест е од 0,5 до 1 % кај сите раси и во сите географски подрачја. Најчесто се јавува помеѓу третата и петтата деценија од животот и тоа почесто кај лица од женски пол, во однос 3:1. Но оваа разлика се намалува кај лица кои заболеле од оваа болест по 50-тата година од животот, кога овој однос е 1,4:1.
Резултат на бројни фактори - генетиката е најбитна
Етиологијата на ревматоидниот артритис сè уште е непозната, но веројатно е условена од дејство како на надворешни, така и на внатрешни фактори. Во внатрешни фактори се вбројуваат генетски, имунолошки, биохемиски и ендокрини фактори, а значајна улога имаат и психогените фактори. Генетските фактори се најважни внатрешни фактори, а тоа го потврдува присуството на болеста кај двајца или повеќе членови на исто семејство, посебно кај идентични близнаци. Надворешните фактори се однесуваат на постоење инфекција, при што истражувањата се насочени кон проучување на улогата на вирусите и бактериите во појавата на болеста. Иако етиологијата на болеста до денешни дни е недоволно позната, може да се каже дека појавата на ревматоиден артритис е условена со истовремено дејство на генетски ризик-фактори, промени на имунолошкиот систем и надворешни фактори.
Симптоми и како да се препознаат
Симптомите на ревматоиден артритис кај 80 % од заболените почнуваат постепено и понекогаш со нејасни и незабележливи тегоби во траење од повеќе недели. По овој асимптоматски период обично се јавува замор, изнемоштеност, општа слабост, губење на апетитот и телесната тежина, промени во расположението, зголемено потење, како и малку покачена телесна температура. Ваквата клиничка слика е придружена со болки во мускулите и зглобовите. Утринската вкочанетост е симптом карактеристичен за оваа болест, како во почетокот, така и во понатамошниот клинички тек на болеста. Нејзиното траење е обично повеќечасовно, а значајно во поставување дијагноза е она подолго од 60 минути. Се опишува како неможност за извршување на вообичаените утрински активности ‒ миење, чешлање, неможност за исправање и свиткување на шаката, чувство како раката да е во ракавица, чувство на отуѓеност на шаките. Повлекувањето на утринската вкочанетост настанува по активни вежби или спонтано. Болките во зглобовите најпрво се јавуваат при притисок, а подоцна се присутни во мирување, се јавуваат спонтано со засилување наутро. Покрај болките се јавува и оток, покачена локална температура, црвенило на кожата на зглобовите, отежната подвижност и појава на деформитети.
Најзагрозени делови од телото
Зглобовите на шаките и рацете се зафатени во раниот стадиум на болеста и многу рано се јавуваат деформитети од типот boutonnière ‒ дупчиња за копче, „врат на лебед“ и S деформација на палец. Често се зафатени и зглобовите на стапалата, каде, исто така, доаѓа до деформитети. Зафаќањето на зглобот на лактот, варира помеѓу 20% и 65%. Артритисот може да го зафати кој било зглоб, вклучувајќи го и темпоромандибуларниот зглоб во 55 % од случаите (зглоб на долната вилица), зглоб на колкот, колена, скочен зглоб, зглобови на градната коска. Болеста може да се манифестира и со вонзглобни промени. На кожата може да се јави црвенило на дланките и табаните, како и бледа и модра боја на прстите на рацете (Raynaud феномен). Многу ретко црвенилото се јавува на трупот на заболеното лице. На ноктите и на потколениците може да се јават васкулитиси. Кај 5%-20% се јавуваат поткожни јазли кои укажуваат на сериозна форма. Промените на мускулите се во вид на спазми и хипотрофија со ослабена моторна сила, собирањето на шаката во тупаница е отежнато и неизводливо во доцните фази на болеста. Промените може да се јават и на: срцето, белите дробови, нервниот систем, очите, бубрезите, крвта и крвните садови.
Поставување дијагноза
Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика, радиолошки и лабораториски наоди. Критериуми за поставување дијагноза се присутност на барем 4 од следниве седум наоди:
- Утринска вкочанетост најмалку 1 час
- Артритис на зглобовите на шаките, оток на зглобовите на шаките
- Артритис на три или повеќе зглобни подрачја
- Симетричен артритис
- Ревматоидни јазли
- Лабораториски наоди ‒ забрзана седиментација, позитивен ревматоиден фактор, зголемен број на леукоцити, анемија, намален број на тромбоцити
- Радиографски промени
Значајно е тоа што овие промени се присутни најмалку 6 недели во текот на болеста.
Долготрајно лекување
Лекувањето на ревматоиден артритис е комплексно, долготрајно и индивидуално. Се состои од општи мерки, медикаментозна терапија, физикални процедури, бањско лекување, и по потреба разни хируршки техники. Терапијата со лекови се дели на терапија од прва линија, која подразбира отстранување на симптомите на болеста, кога се даваат аналгетици, како и нестероидни антиинфламаторни лекови, а во одредени фази кортикостероиди. Терапијата од втората линија влијае на модификација на болеста, т.е. спречува зглобно оштетување и прогресија на болеста. Медикаментозната терапија во лекување на ревматоиден артритис е најзначајна и незаменлива. Физикалната терапија само е составен дел на лекувањето. Балнеотерапијата подразбира индивидуална програма на лекување зависно од болеста и општата состојба на организмот. Најдобри резултати се постигнуваат во рана фаза и помала активност на заболувањето. Се применуваат сулфидни, натриум-хлоридни и води со радон со температура на купката од 36 до 37 степени во траење од 10 до 15 минути.