Фармацевти
Контакт

<< Назад

РИТМИЧКА ГИМНАСТИКА

април 1, 2018

Убавина од склад, ритам и вештинаВо ритмичката гимнастика спојот од уметност и спорт е доведен до совршенство, па со причина се смета за идеална физичка активност за деца затоа што покрај развојот на координацијата, фината моторика и мускулатурата, гради и чувство за ритам и музика, склад на телото и духот, грациозност и убавина на движењето

Мирко Миловановиќ

Иако обично се мисли дека ритмичката гимнастика е редок спорт резервиран само за жени, тоа не е сосема точно, затоа што со оваа дисциплина во Јапонија се занимаваат и мажи. Техничките спецификации на јапонската ритмичка гимнастика се воспоставени во 1970 година, со цел да се „унапреди психолошката сила и здравјето на нацијата“, преку  карактеристично изведување со реквизити со музичка придружба. Денес овој спорт во светот е познат како „јапонска ритмичка гимнастика за мажи“, а се изведува на Националните атлетски средби во Земјата на изгрејсонцето, и тоа како групна и индивидуална активност. Додека во групната тим од шест гимнастичари настапува без реквизити, во индивидуалната се користи стап, јаже ѕа прескокнување и обрачи.

Пред 15 години во Јапонија е одржано и првото меѓународно машко натпреварување под назив Men’s RG World Championship, на кој учествувале гимнастичари од САД, Канада, Јапонија, Малезија и Кореја. Две години подоцна, на Светското првенство во ритмичка гимнастика за мажи, бројот на земји-учеснички се проширил и на Австралија и Русија. Во меѓувреме Јапонија развила активна соработка со Меѓународната гимнастичка федерација (FIG, Fédération international de gymnastique, основана во 1821 година во Белгија), која ги собира и координира националните гимнастички сојузи (129 земји-членки). Соработката резултирала со експериментално натпреварување на мажи во ритмичка гимнастика (вежби со пет  кегли, три обрачи и две траки) на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година.

 

Спорт за жени

Меѓутоа, иако на атлетскиот подиум во ритмичка гимнастика од неодамна се докажуваат и мажите, со овој спорт, сепак, повеќе се занимаваат жените. Тие изведуваат вежби со музика, при што, освен веќе споменатите јаже за прескокнување, обрачи и кегли, користат и ленти и топки. И женската ритмичка гимнастика е релативно млад спорт – првото Светско првенство е одржано дури во 1963 година во Будимпешта. Требало да поминат уште 21 година па во 1984 година на Олимписките игри во Лос Анџелес да влезе на листата на олимписки спортови.

Во ритмичката гимнастика, за разлика од спортската гимнастика, нема акробатика. Движењата се одликуваат со единство и склад, грациозност и елеганција, а кореографијата е поддржана со музика и реквизити.

 

Спорт за деца

Токму тој складен начин на движење кој наликува на танц, како и музикалноста и вештината на користење различни реквизити, ја претвориле ритмичката гимнастика во идеална спортска активност за деца. Таа проверено развива координација на движење и грациозност, фина моторика и мускулатура, влијае на правилното држење на телото, како и на чувство за ритам и музика. Со ритмичка гимнастика децата со стручна помош од спортски педагози може да се занимаваат веќе од третата година, а сè повеќе има програми и за бебиња. Во градинките и другите предшколски установи акцентот во ритмичката гимнастика е повеќе на ритмика и танц, а се смета за одлична подготовка за сите идни спортски активности. Во детската возраст се води сметка за тоа реквизитите да одговараат на висината на детето, па така и јажето за прескокнување мора да биде пропорционално со висината на вежбачот (кога детето ќе застане на средина на јажето за прескокнување, неговите краеви мораат да досегнат до пазувите, ни повеќе ни помалку од тоа). Со еден збор, гледано од здравствен агол, занимавањето со ритмичка гимнастика е здраво и поттикнувачко како за телото така и за духот, а носи и многу задоволства.

 

Уметност и ритмика

Посебен, повисок склад на вежби во ритмичката гимнастика се постигнува и поради тоа што секое движење се изведува со музичка подлога и изгледа како да тече. Кога од реквизитите се користат ленти и топки, музиката е обично со побавно темпо, додека со кегли, обрачи и јаже за прескокнување „одат“ брзи ритми со повеќе динамика. Поради тоа ритмичката гимнастика се смета за спој на уметност и спорт.

Ритмичката гимнастика е и тема на филмот The Bronze, снимен во 2015 година, кој се занимава со животот на шампионка во оваа дисциплина, а која ја игра американската глумица Мелиса Раух (Mellisa Rauch).

 

Историја

Вежбањето отсекогаш се сметало за здраво и потребно, пред сè, затоа што го култивира телото. Во 20 век, со тежнеење кон слободен и естетски привлечен начин да се оствари хармонија на движења и звуци, доаѓа до поврзување на танц и вежби, од што се раѓа модерен балет, но и ритмичка гимнастика.

На исток, пред сè, во бившиот Советски Сојуз, ритмичката гимнастика донела и нов поглед на спортот, спојувајќи ја на прекрасен начин естетиката од балетските движења и силата и увежбаноста на гимнастиката.

На север, во Шведска, ритмичката гимнастика во своите почетоци се појавува под името „естетска гимнастика“, чија цел била преку напорните гимнастички движења и вежби, доведени до перфекција, истовремено да се изрази и емоционалност и грациозност.

Многу брзо, ритмичката гимнастика добива атрибут на „најженствен спорт“ и се одвојува од гимнастиката, „кралицата на сите спортови“, како посебна дисциплина.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>