Разладете се безбедно
Корисните ефекти од клима-уредите можат како негативности да имаат бројни несакани последици. За среќа, ова е можно да се избегне.
Автор Владимир Пантиќ
Клима-уредите станаа составен дел од нашето животно опкружување. Работиме во климатизирани простории, живееме во климатизирани станови, се превезуваме со благодетите на разладувањето. Престојуваме во трговски центри и маркети, стоиме пред шалтери, и сето тоа под брановите на разладен воздух. Меѓутоа, се поставува прашањето за квалитетот на тој воздух.
Дали воздухот од клима-уредите е штетен?
Одговорот на ова прашање е одричен доколку клима-уредот правилно е избран, инсталиран и одржуван. Тоа значи дека неговиот капацитет е адекватен на површината на просторот кој се разладува и дека е набавен и инсталиран од страна на проверени лица овластени за овој вид дејност. Кога клима-уредот е набавен, почнува нашата одговорност за неговата правилна употреба. Редовно, темелно и стручно чистење на филтерот е од исклучително голема важност и претставува клучен момент за зачувување на квалитетот на воздухот кој го вдишуваме при престој во климатизирана просторија. Правилно одржуван уред, покрај разладување, врши и филтрирање, како и навлажнување на воздухот. Овие функции може да бидат од голема корист на лицата кои страдаат од астма и алергии.
Зошто тогаш сите зборуваат за штетноста на клима-уредот?
Неправилната употреба и неадекватното одржување на клима-уредите се причини за бројни здравствени проблеми, од кои некои може да имаат и фатален исход. Сржта на овој проблем не лежи во самиот уред, туку во човекот кој го користи. Доколку не се чистат редовно, филтрите на клима-уредите стануваат идеално тло за бактерии и мувла. Во нив, исто така, се насобираат влакна, прашина и грини, како и полен и други алергени. Ако не ги отстраниме, сите овие штетни агенси влегуваат во просторијата заедно со разладениот воздух. Бактеријата Legionella pneumophila можеби е најозлогласен жител на валканите клими. Таа е предизвикувач на легионерската болест, воспаление на белите дробови кое почнува со општа слабост, поспаност и главоболка, продолжува со висока температура, а посебно е ризична за постари лица и за сите со ослабен имунитет.
Кои уште тегоби може да ги предизвика неодржуван уред?
Сушење на кожата и слузокожата, хроничен ринитис и фарингитис, појава на конјунктивитис и блефаритис, проблеми кај лица кои користат контактни леќи, синузитис, воспаление на увото, влошување на состојбата кај астма и алергија, чувство на замор при бучна работа на клима-уредот. Листата е подолга, а ќе ги додадеме и проблемите кои настануваат како резултат на несоодветно нагодување на разликата во температурата помеѓу надворешната и внатрешната средина.
Која е идеалната разлика помеѓу надворешната и внатрешната температура?
Иако повеќето лекари децидно ќе ви речат дека пет степени е максималната разлика која нашиот организам може да ја поднесе, сепак, сите премолчено ја одобруваат и ситуацијата во која таа вредност доаѓа и до бројот седум. Секое изложување на температурни разлики поголеми од тоа претставува сериозен стрес дури и за целосно здрав организам, а особено на ризик се изложени кардиоваскуларните болни, децата и постарите лица.