Аеробик на тркалцаПредраг Грујиќ
Кога холандскиот виолинист Џон Џозеф Мерлин во втората половина на 18 век (1760) на маскенбал во Лондон го претставил својот изум, лизгалки на две тркалца (слично на денешните ролери), сонот за брзо движење на тркалца почнал да се остварува, иако додека Мерлин се возел и свирел, неславно ја изгубил рамнотежата и паднал. Сто години подоцна неговиот патент го унапредил Џејмс Плимптон од Масачусетс така што на чевли монтирал два пара тркалца со различни осовини, па ролшуите биле постабилни и поедноставни за управување, но планетарна популарност стекнале во 30-тите години од следниот век.
Со децениите се менувале главно тркалцата (железни, гумени, пластични), а потоа браќата Олсон од Минеаполис ги поврзале чевлите за хокеј со ролери (слично на изумот на Мерлин, четири тркалца во низа) и ги воодушевиле спортистите и рекреативците, па ролшуите заминале во историјата, за што сведочи и музејот за возење ролшуи во градот Линколн во Небраска.
Карактеристичното држење на телото при возење ролери ги активира сите големи групи мускули, а особено помага за развој на мускулите на нозете и грбот. Се смета дека е добро аеробно вежбање за здравјето и кондицијата кое позитивно влијае на работата на срцето, поради што Американското здружение за срце го препорачува тој вид на рекреација.
При возењето ролери се троши сличен број калории како и кај трчањето, а нема оптор на подлогата. Исто така, возењето брзо се учи, радиусот на движење се зголемува, а повредите се помалку отколку при трчање и велосипедизам, па тој вид рекреација го применуваат и цели семејства, возејќи се во природа заедно со децата.
Покрај рекреативното, слободно возење, денес постојат многу категории возење ролери, како што се брзинско, уметничко, маратонско, полумаратонско, но и т.н. улично и агресив возење, кое го одликуваат акробатски елементи и натпеварувачки дух во егзибиции на тркалца, каде и повредите не се ретки. Оние кои тренираат некоја од специфичните дисциплини имаат и свои натпреварувања, купови, лиги, светски и европски првенства, а од 2009 година инлајн скејтинг е вклучен и во програмата на Медитеранските игри.
Меѓутоа, за да возите ролери со пријателите и децата во природа, не мора да бидете мајстор во брзина ни акробат на тркалца, доволно е да имате добра волја, ролери и заштитна опрема (кацига и штитници за колена и лакти), изберете пријатен пат без сообраќај и препуштете се на уживањето на тркалца. Ако сте несигурни, можете и да се запишете на некој од многубројните курсеви за возење ролери и така да стекнете сигурност и знаење за правилно возење. Во клубовите можете да добиете и совет кои ролери да ги набавите и како да ги одржувате, бидејќи тркалцата се трошат со возење и кочење, а лагерите треба повремено да се подмачкуваат и да се чистат, бидејќи при возење се валкаат.