Зајакнете ја вербата во себе Зрелата самодоверба, за разлика од ниската, лажната и разнишаната, подразбира реално согледување на своите способности и тежнеење кон остварување лични потенцијали. До неа се доаѓа преку осознавање на своите особености, со фокусирање на она што е позитивно и анализирање на особини кои ги одликуваат лицата со самодоверба
Марина Брашиќ, ОЛИ интегративен психодинамиски психотерапевт
Ако сакате да успеете во работата, да се обидете во нови работи, да ја освоите љубовта на својот живот или нешто четврто, потребна ви е самодоверба, затоа што вербата во своите способности е поврзана со успехот во толкава мера што може да се каже „успехот е во самодовербата“. Меѓутоа, самодовербата не се гради за неколку дена. Промената е можна, но потребно е време и работа на себе за вербата во себе да се изгради и да се зацврсти.
Самодоверба и самопочит: Начинот на кој ги гледаме и ги вреднуваме своите способности, како и чувството да веруваме во своите способности и потенцијали, се нарекува самодоверба. Зрелата самодоверба се однесува на познавање на своите способности, граници и можности, како и сигурност да се остварат саканите цели.
Самопочитувањето подразбира почитување на себеси како личност. Лицето себе се почитува и се сака поради она што е, ги цени своите успеси, ја прифаќа својата позитивна и негативна страна на личноста.
Кога лицето има самодоверба и самопочитување тоа доминантно позитивно се вреднува себеси и своите можности и во склад со таквите доживувања го креира својот живот. Тоа знае кое е, каква личност е, и што може да направи за себе и за другите.
Разнишана самодоверба: Животните кризи или големите животни промени носат со себе вознемиреност, страв и грижа. Темелните поставки на самодовербата можат да се разнишаат, поради што луѓето често се преиспитуваат себеси и своите способности. Ако лицето поседува целосна и стабилна слика за себе, ова преиспитување ќе има позитивни конотации. Меѓутоа, проблем настанува тогаш кога лицето нема изградено самодоверба, нема реална слика за тоа што може, а што не, и зошто. Наместо да верува во своите способности такви какви што се, тоа избегнува соочување со реалната слика за себе и работата на своите потенцијали. Во тие психолошки маневри на избегнување на реалноста се раѓаат три вида лоша самодоверба: премалку самодоверба, премногу самодоверба и лажна самодоверба.
Лицата кои имаат премалку самодоверба ќе развијат срам, повлеченост, страв и ќе избегнуваат нови ситуации. Нивното однесување ќе биде насочено кон избегнување реални ситуации во кои би можеле да ги тестираат своите способности и да доживеат можен неуспех.
Лицата кои имаат премногу самодоверба можат да бидат „вообразени“, да ги контролираат другите луѓе, мислат дека се „надвор од конкуренција“, водени се од самоидеализација и мислење дека се фантастични и со идеални способности.
Кај лицата со лажна самодоверба потиснат е секој сомнеж во своите способности, а личните неуспеси не се регистрираат. Таквите лица се претставуваат себеси онакви какви што би сакале да бидат. Нивното однесување може да биде нескромно и манипулативно, се стремат кон престиж и ја истакнуваат својата „совршеност“, наместо да бидат во склад со сопствените можности и потенцијали.
Зрела самодоверба: Подразбира реално согледување на своите способности и тежнеење кон остварување на потенцијалите, усогласеност помеѓу Идеалниот Јас и Реалниот Јас. Зрелата самодоверба произлегува од целосното согледување на сопствените чувства и способности преку позитивни искуства.
За лицата кои немаат изградено самодоверба од детството, кои отсекогаш се сомневале во своите способности, и на кои околината не им била голема поддршка во согледување на личните потенцијали (обично повеќе била насочена на ограничувања), психотерапијата може да биде добро решение за работа на изградување реална самодоверба и самопочит. Разговорите со психотерапевт можат да помогнат лицето постепено да ги открива своите потенцијали, да ги преиспита во сигурно опкружување, да научи да ги вреднува и да зацврстува позитивно мислење за себе. Во прифаќачкиот однос со стручњак лицето може да работи на целосна и константна слика за себе.
Психотераписки техники
Разговорите со стручњак на тема самодоверба можат да бидат благотворни, но секое лице може и само да направи нешто за себе за да ја зајакне самодовербата. Постојат бројни техники за поттикнување и јакнење на самодовербата кои се користат во психотерапија, а ние издвоивме три меѓу нив:
Круг на личноста
Проблемот со самодовербата произлегува од недоволната свест за своите потенцијали и ограничувања. Освестување за личните особености, како она поради што се гордееме така и она на што сме помалку горди, секогаш е од корист кога работите на самодовербата. Земете хартија, нацртајте на неа голем круг, па во кругот испишете ги вашите особини (позитивни, негативни, неутрални, општи или оние кои ги имаат сите). Кога тоа ќе го направите, размислете во кои сè ситуации тие испливуваат, каде ги препознавате. Посебно обрнете внимание на тоа дали во кругот има повеќе негативни или позитивни особини.
Фокусирајте се на позитивното
Лицата кои имаат проблем со самодовербата обично се фокусираат на своите ограничувања или мани. Често се преплавени со негативни мисли и чувства, очекуваат негативни исходи. Постојано се сомничави во поглед на своите способности, ги истакнуваат своите грешки, а своите успеси ги поврзуваат со среќа или случајност. Ако сакате да ја менувате или да ја јакнете самодовербата, насочете се на позитивното. Обидете се ситуациите во кои чувствувате дека немате самодоверба да ги набљудувате позитивно: што е добро во нив, како добро сте изреагирале во нив и друго.
Анализа на лице со самодоверба
Обидете се да пронајдете лице од околината која се одликува со здрава самодоверба. Анализирајте ја неговата самодоверба – каде ја препознавате, како вие ја забележувате, што сè тоа лице може. „Позајмете“ ги неговите особини и применете ги на себе. Фантазирајте какви можете да бидете кога имате самодоверба – кои сè тоа особини ги имате, што сè работите, на кој начин работите. Можеби веќе имате некои од тие особини, само до сега не сте ги забележале?