Фармацевти
Контакт

<< Назад

Селен

септември 1, 2017

Благотворен за црниот дроб, ревма и гихтLevisticum officinale Koch – селен, мил дух
(Apiaceae)

проф. д-р Радиша Јанчиќ

Селенот е медитеранско растение кое Римјаните го донеле во западна и северна Европа. Расте како самоник по планините на јужна Европа, посебно во италијанската провинција Лигурија по која го добил името Ligusticum. Во народната медицина се употребува кај болести на црниот дроб и стомачни слабости, се смета дека го помага варењето, кај гихт, ревма, уринарни проблеми, раст на косата и ублажување на мигрени предизвикани од пореметена работа на бубрезите.

Селенот е крупно повеќегодишно зелјесто растение со силен мирис. По две, три години пораснува и до два метра. Коренот е дебел и сочен, кој станува дрвенест кај постарите билки. Стебленцето е исправено, ребресто, празно и голо. Листовите се големи, жолтозелени, 2-3 делени како перја, резените се триаглесто-ромбични со засечен раб. Жолтозелените ситни цветови се собрани во големи густи штитови со 12-20 зраци. Плодот е елипсовиден со дебели крила, жолт или темен. Цвета во јули. Се одгледува во градини.

Се користи коренот, листот и плодот. Листовите и семето се многу ароматични и се употребуваат како зачин во подготовка на варени јадења. Коренот содржи етерично масло кое има диуретично дејство, па се користи како народен лек. Се вади во есен, се сече и суши во тенок слој, листовите се берат свежи, плодовите се собиратт така што штитовите со речиси зрелите плодови се отсекуваат и се сушат, а потоа плодовите се тресат. Свежите листови и корењата се многу ароматични, кога се користи и помалку од прстофат, се постигнува јака арома на супи, сосови, рагуа и сл.

Етеричното масло од селен се добива со дестилација со помош на водена пареа од исушен и иситнет корен (Levistici radix). Содржи 0, 2-1,7% етерично масло со карактеристичен мирис кој потекнува од присутните алкилфталиди, кое има диуретично дејство. Изолираните бутилиденфталид и лигустилид покажуваат спазмолитичка активност, додека на бутилфталидот и седаненолидот  им се припишува седативно дејство.

Чај од корен од селен
Чајот од корен од селен ги ублажува проблемите на прекумерно лачење желудочна киселина. Се препорачува и за проблеми при отекување на нозе, тешко и болно уринирање. Во народната медицина се смета за благотворен и кај катар на мочниот меур, заболување на бубрезите и за превенција на создавање камен. Чајот се подготвува така што лажичка сушен, иситнет сиров корен се прелива со шолја варена вода, се остава да врие 10 минути, па се цеди. Се пие двапати дневно, незасладен во голтки.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>