Фармацевти
Контакт

<< Назад

СЕМЕЈНО ЛЕТУВАЊЕ

јули 1, 2019

Мали деца, големи подготовки

Изберете аранжман во мирно место, најдобро на почетокот или на крајот од летото – ќе уживате во почиста вода и помирни ноќи без прегласна музика.

Автор д-р Радмила Косиќ

Одењето на годишен одмор во семејство со мали деца бара внимателно планирање. Заборавете на пат без јасна цел, потребно е добро пакување на работите и многу одлуки кои морате да ги донесете однапред. Сите подеднакво се радуваме на празниците и на слободните денови. Вработените родители сакаат да здивнат од канцелариите и градската врева, учениците мечтаат за забава и авантури, предучилишните деца сонуваат за игри во песок и морски бранови. Најмладото дете, особено ако се работи за дете помладо од две години, никој не го прашува за желбите, но, сепак, најдобро би било летувањето да се планира токму во согласност со потребите на тој најмлад член на семејството. Стандардот ни допушта егзотични дестинации и сместување во луксузни хотели, сакаме да се одмориме во кругот на потесното семејство. Дали дестинацијата и начинот на летување треба да ги приспособиме на децата, или да се препуштиме на авантура, па што ќе биде нека биде.

Бебе и патување
Ако на пат тргнувате со мало бебе, внимателно планирајте го секој детаљ од летувањето. Сè почесто во ова време во педијатриското советувалиште се слушаат прашањата поврзани за одење на море. По правило родителите на прво бебе се чудат кога на прашањето: Имате и некој совет, планиравме одење на море во јули, или август оваа година, ќе добијат многу нови дилеми: Пат од десетина часа со автомобил не е за мало бебе! Како ќе ги подготвувате оброците за доенче во хотелска соба? Имате ли педијатар во близина? Предност треба да се даде на летување во сопствена куќа на море или на планина. Треба да се избира познат простор и познати луѓе, место каде продавниците и пазарите се блиску, каде има лекар. Удобноста на познатото треба да има предност над авантурата од туристичките водичи. Доколку немате таква можност, планирајте го годишниот одмор со месеци однапред. Изберете позната, проверена агенција. Проверете ги податоците за сместувањето, близината на плажата и ладовините, достапноста на педијатар, должината и начинот на патување... Промената на амбиентот ќе ги усреќи децата и родителите само доколку можете да се наспиете и да се опуштите во текот на денот. На мало бебе му е сеедно колку сте го платиле летувањето во аранжман доколку му го промените ритамот на оброци и спиење.

Не заборавајте на паузи
Патувањето ќе зависи од возраста на детето и оддалеченоста од местото кое сте го избрале. Доколку не ви пречи ноќно возење, размислете за тоа дека метежите и чекањата на граничните премини се помали, температурите се попријатни, а бучењето на моторот ги смирува и најнервозните деца. Дење планирајте ги паузите за ручек, подгответе ужинки за по пат, доста негазирани пијалаци (најдобро вода). Кај постари деца кои не поднесуваат возење додајте и суви кекси и крекери. Најчест проблем обично е здодевноста, вооружете се со трпение и социјални игри во склад со возраста. Планирајте места за одмор каде ќе го поминете најтоплиот дел од денот, каде возачите ќе се одморат. Разбијте ја монотонијата на затворен простор во автомобилот. Избегнувајте долготрајни патувања со автобус или воз. Недостигот од простор и тоалет ќе го расипе доживувањето пред летувањето да почне. Патувањето со авион е комфорно за деца од сите возрасти, пожелен е краток лет.

Безбедноста на летувањето е приоритет
Децата треба да пијат флаширана вода, да избегнуваат храна и слатки кои стоеле долго време на висока температура. Не воведувајте нови видови храна во исхраната, посебно кај доенчиња кои штотуку се запознаваат со цврста храна. Престојот на сонце повеќекратно е корисен за сите членови на семејството. Сите веќе научивме дека на плажа се оди рано наутро и доцна попладне. Задолжително користете креми со заштитен фактор, светла облека. Бидете во ладовината на чадорот за сонце или во природна ладовина во текот на топлите денови. Децата нудете ги со вода или овошен сок, овошје за ужина, грицки кои не се расипуваат. Детето кое учи да плива секогаш е под будното око на двајцата родители, не заборавајте дека максимален надзор е потребен и за постари деца. Летно време децата често може да добијат труење со храна, изгореници од сонце, топлотен удар и многу други летни проблеми. Не се ретки ниту повредите. Не дозволувајте поради непроверен сладолед или крофни со сомнителен крем летувањето да го поминете во болница.

Нови искуства и убави спомени
Задолжително уплатете здравствено осигурување и радувајте се доколку не го искористите. Секоја следна година ќе бидете поискусни и поподготвени на своите деца да им овозможите интересно и сигурно летување. Летувањето со деца треба да биде прилика за заедничко уживање. Кога внимателно го подготвувате, ги зголемувате можностите да се вратите само со пријатни спомени.

Кои лекови да ги понесете
Патната аптека се подразбира. Тоа се истите лекови кои секогаш треба да ги имате при рака во сопствениот дом: сируп за намалување покачена температура и болки, пробиотик, рехидратациски раствори во кесички, фластер, газа, завој, шишенце алкохол, лек за алергија... Доколку некое дете прима хронична терапија, задолжително понесете ја. Сите овие лекови можете да ги дадете и пред детето да биде прегледано од лекар. Пред пат проверете ја дозата која детето ја зема во согласност со телесната тежина и возраста.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>