Опасно труење на крвтад-р Билјана Беговиќ Вуксановиќ, епидемиолог
Градски завод за јавно здравје, Белград
Зголемен ризик за појава на сепса имаат пациентите со ослабен имунолошки систем, бебиња и мали деца, постари лица, хронични бубрежни, срцеви и белодробни пациенти, заболени од малигни болести, пациенти со тешки изгореници и посериозни повреди
Сепсата е глобален здравствен проблем. Покрај фактот дека е почеста од инфарктот на миокардот и зема повеќе животи отколку кој било карцином (на секои 4 секунди некој во светот умира од сепса), голем број луѓе, дури и во развиениот дел на светот не чуле за сепса или се недоволно информирани за оваа тешка и серизна болест.
Поради тоа, во март 2012 година е донесена декларација за спроведување на светска кампања, со цел подигнување на општата свест за овој проблем и изработка на национален развоен план во секоја земка со цел намалување на морталитетот за 20 насто до 2020 година. Кампањата започна на 13 септември 2012 година и тој ден се смета за прв „Светски ден на сепсата“.
Оваа опасна болест ја напаѓа крвта и со голема брзина преку крвотокот се шири по целиот организам. Во 80 насто од случаите сепсата ја предизвикуваат бактерии кои продреле во крвта и слободуваат токсини, а во помал процет предизвикувач може да бидат и габите. Секоја оштетена кожа или ткиво претставуваат потенцијална можност бактериите да се вселат во крвта и лимфата и да се развие болест.
Како се развива сепсата
Сепсата е системски одговор на организмот на инфекција, кој доведува до оштетување на ткивата, откажување на органите често со фатален исход. Тоа е, всушност, одговор на имунолошкиот систем кој станува и премногу интензивен и го преплавува целиот организам, при што не доведува до излекување туку до пропаѓање на ткивото. Може да се развие кај секој пациент и кај инфекции од различна етиологија, кои примарно се развиваат во различни ткива на организмот. До развој на сепса обично доаѓа по некое време од траење на инфекцијата, но може да има и рапиден развој доведувајќи до смртен исход за неколку часа.
Ризични групи
Зголемен ризик за појава на сепса имаат имаат пациентите со ослабен имунолошки систем, бебиња и мали деца, постари лица, хронично болни (бубрежни, срцеви и белодробни пациенти, заболени од малигни болести), пациенти со тешки изгореници и посериозни повреди. Мажите се во поголем ризик од жените, како и лицата од црна раса во однос на припадниците на белата раса.
Симптоми и дијагноза
Клиничката слика на сепса е комбинација на мноштво симптоми и знаци. Може да се манифестира со зголемена телесна температура (над 390C), треперење, но и намалена температура (под 360C), промена на бојата на кожата или бледило, мачнина, повраќање, дијареја, намалено мокрење, забрзана срцева работа, изразени болки, недостиг на здив, конфузија, поспаност, слаб одговор на надворешни дразби.
Дијагнозата не е секогаш лесно да се постави, особено на почетокот на нејзиниот развој, бидејќи може да личи на многу заболувања. Детален клинички преглед, како и бројни лабораториски анализи, се неопходни во процесот на дијагностика.
Пациентите кај кои се развила сепса обично веќе се хоспитализирани. Меѓутоа, спроведените студии покажале дека кај 20-40 насто од пациентите сепсата се развива во вонболнички услови. Исходот од оваа ургентна состојба во многу зависи од брзината на препознавање.
Лекување на инфекции на крвта
Лекувањето на инфекцијата и одржување на крвниот притисок има за цел да се забави нејзиниот понатамошен развој и да се сочуваат функциите на виталните органи. Неопходно е што побргу да се започне со антибиотска терапија, интравенски внес на течности, терапија со кислород, а во потешки случаи е потребна вештачка вентилација со помош на машини за дишење и хемодијализа во случај на откажување на бубрежната функција. Некогаш се препорачува и хируршко отстранување на некротичното ткиво. Истражувањата потврдиле дека со секој час на одложување на примена на антибиотици во состојба на септичен шок смртноста расте за приближно 10 насто.
Заздравувањето по оваа многу тешка и по живот опасна состојба е можно. Некои пациенти целосно заздравуваат, а кај некои остануваат полесни или потешки последици, во зависност од здравствената состојба, која претходела на појавата на сепса.
Глобален здравствен проблем
Бројот на пациенти со дијагностицирана сепса расте на глобално ниво. Приемите во болница поради сепса тројно се зголемени во последните 10 години. Најзначајни фактори кои го зголемуваат ризикот за појава на сепса се стареење на популацијата, поголем број хронично болни, сè повеќе инвазивни интервенции, кои се спроведуваат во дијагностички и тераписки цели, зголемување на свеста за можноста за појава на сепса, и поради тоа, нејзино почесто дијагностицирање, резистенција на инфективните агенси како последица на нерационална употреба на антибиотици. Се проценува дека сепсата зема 60-80 насто животи годишно, во развиениот дел од светот, односно повеќе од 6 милиони новородени и деца и 100 000 жени во текот на бременоста и породувањето.
Мерки на превенција
Превенцијата од сепса подразбира мерки со кои може да се избегне или да се ублажи примарната инфекција. Вакцините секогаш се препорачуваат кај инфекции кои може на тој начин да се спречат, како што е случај кај грипот, пневмококни или менингококни инфекции.
Хигиената на рацете на здравствените работници, како и средините во кои пациентот престојува, се основен предуслов за квалитетна нега. Рационална употреба на антбиотици последните години е составен дел на стратегијата за превенција на сепса. Промовирање здрав животен стил со цел зачувување на здравјето и имунитетот, како и поаѓачки основи за превенција на инфекции, го намалуваат ризикот од развој на сепса, бидејќи до труење на крвта може да дојде и по банални повреди и трауми. Бактериите кои се секаде околу нас бараат внимателно однесување, особено во случаи на мали деца, хронично болни и постара популација.