Фармацевти
Контакт

<< Назад

Шар Планина и Попова Шапка

јануари 4, 2016

[vc_column width="1/1"]Ивана Коцевска

Недопрен природен снег во огромни количества од октомври до мај, голем број сончеви денови, бели високи врвови, тишина, без турканици од туристи и комерцијални скијачи се одликите на Попова Шапка, најстариот ски-центар на Балканот, кој се наоѓа на падините на Шар Планина

Во северозападниот дел на Македонија, на површина од 1 600 км2, се протега најголемата планина кај нас, Шар Планина. Три држави се привилегирани да биде  дел од нивната територија, Македонија, Србија и Албанија. Сепак, најголемиот и најпитомиот дел од масивот се наоѓа во Македонија, дури 56,25 %.

Од каде потекнува името на планината?

Причини има повеќе: шаренилото од пејзажи, зелените пасишта и шумите, разнобојното цвеќе, со снег прекриените врвови речиси во текот на целата година, „сините горски очи“ – ледничките езера кои се наоѓаат по целиот масив. Во античко време честопати ја нарекувале Scardus, Scodrus или Scordus. Во средновековна Србија ја нарекувале Царска планина, бидејќи се простирала од Призрен до Скопје, две престолнини на цар Душан. Сегашното име е од периодот на владеење на Отоманската Империја, кога ја нарекувале Shar Dagh или на македонски – Шар Планина.

Шар Планина е омилена дестинација и предизвик за планинарите во сите годишни времиња. Привлечени од прекрасните предели со шуми, потоци и реки, од богатата флора и фауна, а најголем предизвик им е освојувањето на врвовите. Шара има дури 43 планински врвови со висина над 2 500 метри. Овде жедта можете да ја изгаснете на преку 200 извори на чиста изворска вода. Планината изобилува и со рудни богатства: манган, железна и хромна руда, молибден, бакар и други минерали.

Шара погледната од рамнина е питома, лесно брановита планина со средна висина. Но, кога ќе почнете да се искачувате станувате свесни за нејзината грамадност. Најубавиот и најатрактивниот дел на овој масив е просторот на Лешница, на 1 450 метри. Оттука се искачувате на највисокиот предел на Шара каде се наоѓа највисокиот врв, Титов Врв, на 2 747 метри надморска висина.

Доколку пешачите по Шара од појдовната точка на величествениот врв Љуботен, нема да се спуштите на надморска висина под 2 000 метри, во должина од барем 80 км по целиот пат до планината Кораб! 27 од вкупно 39 леднички езера лежат на македонската страна на Шара, па пoсле Рила и Пирин во Бугарија, се смета за најбогата планина со езера на Балканот.

Планината има интересна вегетација, која успева на висина од 1 000 метри, шумите се простираат до 1 700 метри надморска висина, а над нив се пасиштата, на површина од 550 км2. А пасиштата се дом на многубројни стада овци, од чие млеко се произведуваат висококвалитетни сирења. А кога ги спомнуваме стадата овци, не може да не го спомнеме и кучето шарпланинец. Ова добродушно но храбро куче пристигнало на Балканот со војската на Александар Македонски и се приспособило кон суровите услови на македонските планини, каде живее со векови. Оттаму го добило и името, по планината каде најмногу е одгледувано. Познавачите велат дека не му е потребна дресура, оти е чувар по инстинкт, куче кое мисли со своја глава и никогаш не лае без причина. Она што еднаш ќе го научи, го памети цел живот. Ова куче е и заштитник и другар, спасител и пријател, „топла прекривка“ во студените ноќи, сојузник во храброста и надеж во безнадежноста.

На Шара живеат 44 видови дивеч, преку 200 видови птици и 147 видови пеперуги, со што е и најбогатото подрачје во Европа. Шара има огромен потенцијал за развивање на планинските спортови: скијање, планинарство, алпинизам, планински трекинг, планинско велосипедство, параглајдерство, спортски лов и риболов, а и за изградба на повеќе ски-центри.

Попова Шапка – најстариот балкански ски-центар

Засега единствен ски-центар на Шара е Попова Шапка. На 18 км од Тетово и на 53 км од Скопје, во самото срце на масивот, на надморска височина од 1 700 метри, е сместен нашиот најстар и најпознат планински туристички центар, Попова Шапка. Се наоѓа над Тетово, во лулката под Церипашина. Од Тетово води асфалтиран пат кој поминува низ попатните шарпланински села. До 2001 година до Попова Шапка можело да се стигне и преку гондолска жичарница, долга околу 7 км. Почетната станица на жичарницата се наоѓа во близина на Арабати баба-теќе и патувањето до  Попова Шапка траело неполни 40 минути.

Според една легенда, невообичаеното име на овој центар настанало некогаш одамна кога некој поп си ја изгубил шапката. Попот заедно со селаните долго ја барале, но не успеале да ја најдат. Во еден момент еден од селаните извикал дека шапката е на брдото, бидејќи тоа личело на попова шапка. Шапката не успеале да ја најдат, но името на регионот останало.

Но, една друга легенда вели дека православен свештеник за време на слави ги посетувал православните домови по христијанско-македонските села на падините на Шар Планина, па поминувајќи оттука бил маченички убиен, а неговото тело било оставено да го растргнат шумските ѕверови. На ова место пролеано со свештеничка маченичка крв е најдена само неговата шапка и оттука и името Попова Шапка.

Попова Шапка е рај за скијачите, еден од најстарите зимско-рекреативни и планински центри во Македонија и на Балканот. Видикот од Попова Шапка е отворен кон соседните планини Јакупица и Солунска Глава, а во подножјето се наоѓа Полошката Котлина.

Недопрен природен снег во огромни количества од октомври до мај, голем број сончеви денови, бели високи врвови, тишина, без турканици од туристи и комерцијални скијачи. Таква е Шапка.

Центарот располага со повеќе жичари и ски-лифтови. Скијачките стази се погодни и за почетници и за напредни скијачи. Попова Шапка има 3 стази уредени по критериумите на ФИС, од кои на стазите Орлова и Езерино секоја година се одржува меѓународниот Шарпланински куп во слалом и велеслалом. Летно време се одржува планински велосипедски маратон „Шарски Води“, со почеток на Попова Шапка и крај во Бунец на Маврово.

Љубителите на екстремните спортови кои трагаат по атрактивни скијалишта низ целата планета го ставаат скијањето на Шапка и регионот Лешница во ранг со Хималаи. За љубителите на фрирајд скијање се организираат специјални целодневни тури офф-писта, кои се реализираат со специјално конструирана машина за подготовка на скијачки патеки со затворен кабински простор, која може да прими 20 скијачи и ги пренесува до врвот Церипашина, откаде од висина од 2 610 метри се скија на падината Јелак, доколку дозволат условите сè до 1 400 метри надморска висина. На горниот дел на скијалиштето има снег во изобилство дури и над еден метар, карпи и дрвја воопшто нема, а од половината до крајот рутата води низ борова шума.

Доколку се одлучите да ја посетите Шапка на располагање ви се туристичката населба, која ја сочинуваат голем број викенд-куќи и повеќе хотели. Хотелите се наоѓаат на 1 707 и 1 780 метри надморска височина, во непосредна близина на скијачките терени, со придружни капацитети: ресторан, ски-гардероба, продавници, диско, базен, сала за состаноци, тераса со поглед кон скијачките терени итн.

Зимата календарски штотуку започна, да си посакаме многу снег и успешна скијачка сезона на Попова Шапка, а на оние кои не ги сакаат зимските спортови можеби ќе им годи викенд во прегратката на Шара.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>