Како да ја препознаете болеста и да ги спречите компликациитеСимптомите на дијабетес се појавуваат доцна, кога вредностите на шеќерот во крвта се значително покачени, во вид на сува уста, обилно и често мокрење, слабеење и покрај зголемена глад и земање поголема количина храна, појава на чести инфекции на кожата, чешање, бавно зараснување на рани, слабост, изнемоштеност
д-р Јелена Биџиќ
Во светот секоја десета секунда две лица заболуваат и едно лице умира од причини кои се поврзани со дијабетесот. Половина од оние кои живеат со дијабетес не се дијагностицирани, а една третина при поставување дијагноза веќе имаат компликации, па овој растечки здравствен проблем со причина се нарекува и глобална епидемија. Врз порастот на бројот на заболени најголемо влијание има современиот начин на живот кој го одликуваат неправилна исхрана, дебелина, физичка неактивност, стресен живот, лоши навики итн.
Значајна улога има и генетската предиспозиција.
Дијабетес мелитус или шеќерна болест претставува синдром на пореметен метаболизам кој се карактеризира со зголемено ниво на глукоза (шеќер) во крвта како резултат на намалена секреција или дејство на инсулинот, односно и едно и друго. Во откривање на дијабетесот клучен фактор е контрола на шеќерот во крвта.
ТИПОВИ НА ДИЈАБЕТЕС:
Тип 1 дијабетес или инсулин зависен дијабетес, јувенилен, младешки дијабетес настанува како резултат на трајно оштетување на клетките на панкреасот кои произведуваат инсулин, како последица на автоимун процес, или е од непозната причина. Се јавува кај млади лица, пред 30-тата година од животот.
Тип 2 дијабетес или инсулин независен дијабетес е најчест облик на дијабетес. Се јавува кај околу 90 насто заболени, најчесто помеѓу 40 и 59 година. Панкреасот произведува инсулин, но организмот не може да го користи. Постои релативен недостиг на инсулин, како и инсулинска резистенција. Главна причина за појава е прекумерна телесна тежина.
Гестациски дијабетес може да се јави за време на бременост. Други специфични облици на дијабетес настануваат како резултат на болести на панкреасот, инфекции, генетски болести.
РИЗИК-ФАКТОРИ ЗА ДИЈАБЕТЕС ТИП 2: Тоа се: позитивна семејна анамнеза на тип 2 дијабетес, дебелина (обем на половина над 88 см кај жени и 102 кај мажи), физичка неактивност, лица постари од 45 години, зголемени вредности на гликемија во крвта, полицистични јајчници, покачен крвен притисок (над 140/90mmHg), покачен липиден статус (HDL холестерол <0,9mmol/l или триглицериди> 2,8mmol/l).
СИМПТОМИ: Дијабетесот е сериозно заболување кое најчесто почнува незабележливо и без симптоми. Најчесто се открива во тек на преглед поради некоја друга болест, како што се кардиолошки или невролошки пореметувања. Симптомите на дијабетес се појавуваат доцна, кога вредностите на шеќерот во крвта се значително покачени. Сува уста, земање големи количини течности, обилно и често мокрење, слабеење и покрај зголемената глад и земање поголема количина храна, појава на чести инфекции на кожата и половите органи, чешање, бавно зараснување рани, слабост, изнемоштеност.
КОМПЛИКАЦИИ: Компликациите од дијабетес се чести. Кај голем број заболени болеста се дијагностицира дури кога ќе се појават компликации кои доведуваат до инвалидитет, па дури и смртен исход. Се делат на:
Акутни: дијабетична кетоацидоза, дијабетична кома, хипогликемија (нагло паѓање на шеќерот во крвта).
Хронични: оштетување на видот, слепило, промени на кожата, чести инфекции и гангрена, дијабетно стапало, оштетување на функциите на бубрезите, мозочен удар, инфаркт на срце, неплодност.
ПРЕВЕНТИВА: Настанокот на дијабетес и компликациите може да се спречат со промена на животниот стил, правилна исхрана и физичка активност. Примената на интензивни мерки во начинот на живот може да го преполови ризикот. Диетата е основа на превенцијата и лекувањето. Кај дебели луѓе загубата на телесна тежина е еден од основните цели, како и нормализирање на шеќерот, мастите и крвниот притисок. Се препорачуваат 5-6 оброци во текот на денот. Наместо газирани пијалаци, алкохол и слатки сокови, пијте вода, чаеви и лимонада. Треба да се избегнува преработена храна и шеќер.
Се препорачува пилешко, риба, интегрални намирници, зелен зеленчук. Многу е значајно присуството на диететски влакна во исхраната кои ги има во трици, соја, лушпа од јаболко, овесно брашно, грав. Покрај тоа што влијаат на намалување на шеќерот во крвта, имаат и поволен ефект на нивото на холестерол. Засладувачи може да се користат во исхраната, но во ограничени количини. Покрај исхраната, многу е битна и физичката активност. Лицето кое вежба ја намалува телесната маса, а со тоа и нивото на шеќер во крвта.
Статистика
Во Македонија повеќе од 120 000 луѓе боледуваат од некој облик на дијабетес. Се претпоставува дека бројот на заболени е значително поголем. Со оглед на тоа дека дијабетесот во рана фаза минува без симптоми, се смета дека постои еднаков број на лица кои се евидентирани и заболени, како и лица кои не се дијагностицирани.
Потекло на зборот
Дијабетес е збор од грчко потекло кој во превод значи „тече низ“, што одговара на некои симптоми на дијабетес, како што се непрекинато земање течности или често мокрење. Овој збор околу 200 година пр.н.е. прв го употребил Деметрие од Аполонија. Зборот „мелитус“ потекнува од латинскиот јазик и значи „сладок“. Во 17 век Томас Вилис на зборот „мелитус“ го додал зборот „дијабетес“.