Фармацевти
Контакт

<< Назад

ШЕШИР ЗА ДОБРО РАСПОЛОЖЕНИЕ

август 3, 2019

Единствен и убав

Деталите го издвојуваат вашиот моден стил и го прават визуелно впечатлив.

Автор Светлана Сушиќ

Летните месеци се нараскинливо поврзани со уживање, опуштање и добра забава. Тоа е, исто така, и период од годината кога се трудиме своето слободно време да го поминеме на отворено, изложени на сите благодети на сонцето. Меѓутоа, стручњаците од година во година нè предупредуваат дека сончањето е здраво исклучиво ако применуваме заштитни мерки. Покрај препаратите кои можете да ги набавите во аптека, во консултација со својот фармацевт околу изборот на оној кој најмногу одговара на вашиот тип на кожа, се препорачува и носење шешир со широк обод. Тука на сцена стапува вашата креативност со чија помош од обичен шешир ќе направите нешто што никој друг го нема во својот гардеробер.

Претворање на шеширот во уникат
За почеток потребен ви е шешир, идеално ако веќе имате некој кој не сте го користеле подолго време затоа што ви здодеал. Ова е шанса да му дадете нов живот. Покрај шешир потребни ви се: украсна лента, пиштол за лепење, ножички и вешти раце (ако имате некој да ви помогне, целата работа ќе оди далеку побрзо).

Исцртување букви
За сè убаво да излезе, неопходно е на почеток со обичен молив да ги исцртате буквите или шарите со кои сакате да го украсите шеширот. Фломастерите оставаат појака и повидлива трага, но наша препорака е да не работите со нив, затоа што не допуштаат грешки. Кај обичниот молив можете со гумичка да го избришете она што нема да ви се допадне.

Лепење украсна лента
Нанесувајте по малку лепило и лепете ја лентата дел по дел по претходно исцртаните букви. По потреба исечете ја лентата на помали делови, тоа ја олеснува работата. Доколку нанесете премногу лепило, нема да стигнете да ја залепите лентата пред лепилото да се стегне. Исто така, постои и голема веројатност дека вишокот лепило ќе го размачкате по рацете и шеширот. Значи, во оваа фаза трпение е клучниот збор.

Што кога сè ќе завршите?
Ние се определивме за поедноставна варијанта на украсување, но ако сте љубител на поекстравагантни решенија, ништо не ве спречува шеширот да го украсите со пердуви, пулејки и разнобојни ленти. Кога сè ќе завршите, задолжително нанесете средство за заштита од сонце, ставете го шеширот на глава и тргнете во летна прошетка. Не заборавајте со себе да понесете шишенце вода и добро расположение. Уживајте во магијата на летото, вашиот нов шешир е како создаден за тоа.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>