Фармацевти
Контакт

<< Назад

ШИЛЕЦ ВО ПЕТА

септември 1, 2018

Како да ги излекуваме болните пети?

 

Силна болка во средина на петата не дозволува да застанеме на стапалото. Ова е честа појава кај постари лица, како и кај луѓе чија работа е со стоење во текот на целиот ден. 

 

Автор Владимир Пантиќ

 

Шилец во пета (lat. Calcar calcanei) претставува релативно чест проблем кај лица постари од 40 години, иако може да се јави и на помлади години. Жените се поподложни на развој на оваа состојба, а загрозени се и спортистите, луѓето чија работа бара долго стоење, како и лица со прекумерна тежина. Носење адекватни обувки, трчање и скокање по тврда подлога, скратување на тетивите како резултат на постојано носење обувки со штикли придонесуваат за негов развој. Рамните табани, исто така, се ризик-фактор.

 

Симптоми

Острата болка во петата веднаш по станување или после мирување пациентите ја опишуваат како чувство дека застанале на клинец или трн. Меѓутоа, шилецот може да постои и без болни симптоми. Ваквите случаи најчесто се откриваат во тек на рендгенско снимање на стапалата при дијагностицирање на некој друг здравствен проблем.

 

Што, всушност, е шилецот?

Шилецот претставува таложење на калциум на коската на петата кое настанува по дејство на повеќе фактори, од кои најзначајните веќе ги наведовме. Заедничко за тие фактори е зголеменото механичко оптоварување кое како последица има создавање калцификати. Насобраните наслаги предизвикуваат болка вршејќи притисок на околното ткиво, каде најзагрозена е плантарната тетива. Многу често плантарниот фасцититис се меша со шилец, а кај околу 70 проценти од пациентите со плантарен фасцититис е присутна и појава на калцификација. Во прашање е многу непријатна состојба која го отежнува нормалното функционирање на пациентот и ја намалува неговата работна способност.

 

Лекување

Во акутна фаза на пациентот му се препорачува одмор, ставање ладни облоги и соодветни вежби за истегнување. Употребата на антиинфламаторни лекови мора да биде контролирана од лекар поради потенцијални несакани ефекти. Терапијата со лекови на стероидна основа е поврзана со одредени потенцијални потешкотии.  Поради анатомската позиција на околното ткиво не е секогаш можно да се даде инјекција со стероиди на точно предвиденото место, што за последица може да има дури и влошување на состојбата. Хируршкиот пристап во решавање на проблемот е последна опција која се зема предвид доколку останатите методи не дале резултат во текот на 12 месеци лекување.

Физикалната терапија дава одлични резултати кај најголем број пациенти, а во употреба се и современи методи како терапија со радијални ударни бранови.

 

Превенција

При изборот на обувки е потребно да се обрати посебно внимание на тоа да бидат удобни и да помагаат во рамномерно распоредување на притисокот кое телото го врши на стапалата. Одржувањето на телесната тежина во рамките на нормалните параметри, исто така, го намалува оптоварувањето кое нашите пети го трпат во текот на денот. Во договор со лекар и фармацевт со помош на додатоци во исхраната можете да обезбедите адекватен внес на магнезиум, витамин Б5 и омега 3-масни киселини. Ова се состојки кои придонесуваат за правилно функционирање на организмот и брзо заздравување.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>