Лековита состојка на сенфот
Синапот е заедничко име за неколку видови од фамилијата крстоцветни (Brassicaceae). Бил добро познат и во античкиот свет, се користел како лековито растение и зачин. Се одгледува во умерени подрачја, речиси во целиот свет, a за најважни се сметаат два вида: црн – Brassica nigra и бел синап – Sinapis alba.
Автор проф. д-р Радиша Јанчиќ
Црниот синап, Brassica nigra (L.) Koch, е едногодишно растение со тенок, вретенест корен. Стебленцето е разгрането, високо 1-1,5 м, покриено со цврсти влакна. Листовите се назабени со крупен отсечен дел на врвот, долните зелени, а горните сино-зелени. Цветовите се ситни, жолти, собрани во исправени гроздови на врвот. Чашката и цветното венче се изградени од четири накрсно поставени ливчиња. Плодот е исправена мешунка со изразен клун. Плодовите се прилепени до стебленцето. Семето е црно-кафено. Цвета од јуни до јули.
Употреба
Се користи како лековито растение и зачин. Зрелото семе се тресе од мешунките и се суши. Црниот синап се одгледува, а како самоник го сретнуваме на влажни ливади.
Семето се употребува за изработка на брашно од синап. Се користи за облоги кои се применуваат во терапијата како средство кое ја надразнува кожата. Се применува во терапија, надворешно, за олеснување на ревматски и невралгични тегоби. Синапот треба внимателно да се користи. Долготрајна примена или пречувствителност кај некои лица може да доведе до црвенило, создавање плускавци и рани на кожата. Внатрешната примена е ретка; дејствува како слаб лаксатив. Интересно е дека синапот содржи значајна количина на витамин Ц.
Етерично масло од црн синап
Растението е без мирис, но кога семето ќе се мацерира, испушта лут мирис. Со дестилација со помош на водена пареа од сомеленото семе (Sinapis nigrae semen), од кое со цедење под притисок е отстрането масното масло, и после два часа мацерација во млака вода, се добива секундарно етерично масло. За време на мацерација сулфурниот хетерозид синигрин (синигрозид), матично соединение на семето од црн синап, под влијание на ензимот мирозиназа се разложува давајќи испарлив алилизосулфоцијанат, главна состојка на добиеното секундарно етерично масло. Според прописите на повеќе фармакопеи, семето би требало да содржи најмалку 0,7 % етерично масло. Етеричното масло се употребува како рубефациенс (средства кои ја дразнат кожата). Се применува во терапија, надворешно, за олеснување ревматски и невралгични тегоби.
Бел синап ̶ Sinapis alba L.
Растението е едногодишно, со тенок, вретенест корен, а надземните делови се обраснати со цврсти влакна. Стебленцето е исправено, високо до 60 см, разгрането и заоблено. Листовите се со лисни дршки, наизменични. Лисната плоча е назабена и со голем отсечен дел на врвот. Цветовите се жолти, собрани во густи гроздови. Плодот е влакнеста мешунка. Цвета во јуни и јули, семето е жолто. Расте како коров по ниви, околу населби. Се употребува како и црниот синап. Семето е помалку луто.
Два милениума од сенфот
Семето од црниот синап заедно со семето од белиот синап се употребува за добивање сенф. Основната постапка за подготовка на сенфот ни денес битно не се разликува од онаа која ја применувале старите Римјани (меленото семе се меша со вино, вински оцет, зачини).