Фармацевти
Контакт

<< Назад

Синдром на полицистични јајчници

февруари 25, 2016

[vc_column width="1/1"]д-р Глигор Ложанковски
ПЗУ „Д-р Ложанковски“, Скопје

Најчести симптоми се нередовен менструален циклус или негово отсуство, зголемена влакнетост на лицето, градите, грбот и бутините, мрсна кожа и коса, појава на акни и дебелеење

Синдромот на полицистични јајчници или овариуми претставува една широка лепеза на симптоми, кои поради својата разновидност понекогаш може да предизвикаат збунетост кај пациентките. Сепак, според класичната класификација оваа состојба ја карактеризираат три главни симптоми. Тие се ретки или отсутни менструации, високо ниво на андрогени или машки хормони и мноштво на ситни фоликули или цистички во јајчниците, поради што и се вели „полицистични јајчници“.

Симптоми: Се смета дека дијагноза на полицистични јајчници може да се постави доколку се исполнуваат два од овие три главни критериуми. Инаку, самиот синдром може, а и обично го карактеризираат, и многу други симптоми, најчесто зголемена влакнетост, мрсна кожа, појава на акни, дебелина, инфертилност, односно неможност да се зачне.

Симптомите започнуваат во доцна адолесценција и се совпаѓаат со почетокот на сексуалната активност кај девојките. Се јавуваат во облик на нередовни циклуси или комплетна аменореа, односно отсуство на циклус, неможност да се забремени, зголемена влакнетост, обично на лицето, градите, грбот и бутините, мрсна коса и кожа, појава на акни и дебелеење.

Овој синдром е асоциран и со зголемен ризик од појава на шеќерна болест тип 2 и високи вредности на маснотии во крвта, што го зголемува ризикот од појава на хипертензија или висок крвен притисок, со многукратни последици по квалитетот на животот.

Ретките циклуси, од друга страна, го зголемуваат ризикот од појава на патолошки наод на слузницата на матката, во смисла на полипи, хиперплазии, па дури и карциноми. Поради тоа некогаш е потребна и неопходна заместителна терапија со гестагени хормони или контрацептиви, да се заштити слузницата на матката, терапија која жените многу често ја избегнуваат сметајќи ја за непотребна и опасна.

Она што најмногу загрижува е корелацијата на овој синдром со неможноста да се зачне, што е кај некои жени и единствен симптом, односно отсуство на продукција на јајце-клетка, односно овулација, со што синдромот на полицистични јајчници е една од најчестите причини за женскиот инфертилитет (неплодност).

Причина: Причинителите на болеста се непознати, но факт е дека има фамилијарна поврзаност, исто како и високи вредности на машките хормони и на инсулинот. Кај овие пациентки постои инсулинска резистенција поради што и се продуцираат повисоки вредности на инсулин, што е во корелација со зголемена продукција и активност на машкиот хормон тестостерон, кој од своја страна врши супресија, односно потиснување на создавање фоликули, а инсулинот повторно влијае на зголемување на телесната тежина и дебелеењето.

Исто така, може да бидат зголемени и лутеинизирачкиот хормон (ЛХ), како и пролактинот, инсулинот и тестостеронот. Точните причини зошто нивоата на овие хормони растат не се јасни, дали се тоа јајчниците, надбубрежните жлезди кои ги лачат овие хормони, мозокот со своите гонадотропни хормони или инсулинот.

Дијагноза: Се поставува врз основа на симптомите, ултразвучниот преглед и хормонскиот профил. Според Ротердамската класификација, ултразвучен наод од над 12 фоликули од 2 до 10 мм по оваруим се означува како полицистичен овариум.

Во поглед на хормоните некогаш и само нормални вредности на машкиот хормон со знаци на зголемена влакнетост, масна кожа, мрсна коса и акни, може да се квалификува како симптом на полицистични јајцници (ПЦО синдром). Исто така, неуредните циклуси, како и неможноста да се зачне може да биде главен, а некогаш и единствен симптом во дијагностицирањето на ПЦО синдромот.

Следење и терапија: Во зависнот од тегобите на пациентката, во смисла на регулирање на циклусот, доколку е причина за посетата, се прави индукција на овулација во случај на инфертилитет, хормонска заместителна терапија во третман на акни и зголемена влакнетост.

Промената во режимот на живот е многу важна. Треба да се коригира телесната тежина, така што индексот на телесна маса да биде од 19 до 25, што се постигнува со редовна физичка активност, намален внес на прости јаглехидрати и масти, храна богата со риба, комплексни јаглехидрати, овошје и зеленчук. Со еден збор, намалувајќи ја телесната тежина се намалуваат и симптомите на полицистични  овариуми.

Од лекови, во зависност од потребите на пациентката, се користат контрацептивни таблети за регулирање на циклусот или прогестеронски таблети, онаму каде имаме изостанок на циклус. Со оваа терапија и долгорочно ќе се намали и ризикот од развој на ендометријален карцином на матка.

Стерилитетот се третира со индуктори на овулација (кломифен, летразол), како и останати стимулатори на овулација од групата на т.н. гонадотропини, односно хормони на хипофизата кои ја стимулираат овулацијата. Многу добар во каузален третман на инфертилитетот кај полицистичните овариуми се покажа и метформинот, лек во третман на инсулинска резистенција и дијабетес, кој дава одлични резултати во индукција на овулацијата, но и при превенција на спонтани абортуси кај бремени со синдром на полицистични овариуми.

Во контрола на симптомите од аспект на влакнетост и мрсна кожа, како и опаѓање на косата, употребата на ципротерон ацетат е многу корисна.

Покрај третманот со лекови, кои ги препишува лекар, многу важна е и едукацијата за промена на животниот стил, исхраната, регулирање на телесната тежина, навиките, со што и потребата за лекови и нивната количина значително ќе се намали.

Состојба која треба да се следи цел живот

Синдромот на полицистични овариуми претставува сплет на најразлични симптоми каде доминира неуреден циклус, високо ниво на машки хормони, појава на цисти во овариумите, репродуктивни проблеми, односно неможност да се зачне, а постои силна поврзаност со инсулинска резистенција на клетките. Поради пореметување и на другите органи, маснотиите, високиот притисок, дијабетесот, канцерогеното дејство врз слузницата на матката, на овој синдром треба да се смета како на состојба која треба да се следи и третира во текот на целиот живот, а не само во периодот на репродукција.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>