Адреналин на снежна стазаАлександар Вучковиќ
Во спортската дисциплина скијачки скокови скијачот се спушта низ долго и стрмно залетиште , често со брзина и од 95 км/ч, за да отскокне и полета низ воздухот со цел елегантно да се дочека на нозе, во што му помага аеродинамичното држење на телото, но и дизајнот и материјалите на комбинезонот
Скоковите со скии прв пат се споменуваат во патописот на холандскиот поморски офицер Корнелиус де Јонг, во кој тој во 1796 година со воодушевување опишува како војниците на норвешката скијачка чета за вежбање користат покриви на куќи и амбари и се спуштаат без паѓање во длабок снег. Тогаш ништо необично што првиот забележан измерен скок изведен во 1808 година, а го скокнал норвешкиот поручник Олаф Ри, кој, покажувајќи ја својата храброст на колегите офицери, се вивнал на скиите во воздух на висина од 9,5 метри и успешно се приземјил.
Иако за прататковина на сите скијачки спортски дисциплини, па со самото тоа и на скоковите, се смета, пред сите други земји, Норвешка, фактот дека на целиот Скандинавски Полуостров историјата на користење скии, кои претствувале услов за опстанок и начин на живот, допира длабоко во праисторијата. Во Норвешка се пронајдени и пештерски цртежи на ловци на примитивни скии, а археолозите на територијата на денешна Шведска откриле скија стара 4500 години. Инаку, самиот збор „скии“, кој денес во различни облици се среќава во многу јазици, е преземен од норвешкиот од зборот ски, кој настанал од старонорвешкиот збор скид, што значи „дрво стеснето по должина“.
Според некои сведоштва, во Норвешка уште во средниот век скиите ги користеле војниците, а во средината на 18 век се формирале и официјалните скијачки воени единици во армијата на тогашната унија на Данска и Норвешка. Во 1767 година е одржано првото воено натпреварување во скијање, кое, исто така, е и прво забележано скијачко натпреварување воопшто.
Спортска дисциплина
Денес скијачките скокови се сметаат за посебна спортска дисциплина во која скијачот се спушта низ посебно конструирана скокалница прекриена со снег, иако постојат и скокови на вештачка подлога. После одразот, скијачот треба да прелета, односно да прескокне што поголема оддалеченост. За добар скок се сметаат, покрај должината на летот, и техниката и сигурниот доскок. Под техника се подразбира положба на телото при летање, задниот дел на скиите треба да биде споен, а врвовите раздвоени (V-техника). За доскок е стандард т.н. телемарк поза, во која на скијачот едната нога му е свиткана во коленото и положена на скијата, додека другата му е испружена назад. Кога двајца скијачи имаат скок со иста должина, квалитетот на доскокот може да биде пресуден во оценувањето.
Натпреварувачките скијачки скокови се одржуваат на скокалници со должина од 90 метри, 120 метри и 180 метри, оние најдолгите ги има само 5 во светот. Скијачките скокалници имаат повеќе стартни места, а точката од која почнува залетот ја одредува жири, кое зема предвид различни параметри, како јачина на ветер, вид на снег, влажност на воздух и други услови кои може да влијаат на должината на скокот. Стандард е секогаш да постои еден пробен скок и два скока кои се оценуваат. Треба да се каже дека постои и екипно натпреварување во скијачки скокови, кога се собираат бодовите на екипата од 4 члена. Интересно е што скијачите при спуштање по залетиштето постигнуваат брзина и до 95 км/ч за да добијат добар одраз и да полетаат со V-стил.
Претходници на модерните скокалници биле нафрлани купови снег до кои скијачот стигнувал спуштајќи се низ падина, па добивајќи залет се одразувал и летал 15-20 метри. Една од првите изградени скијачки скокалници била во близина на Осло, во Холменколн.
Аеродинамика
Паралелно со развојот на скокалниците, се развивале и скијачките скокови, но и дизајнот и материјалите на скијачките комбинезони, кои и тоа како влијаат на аеродинамиката на скокачот. Скоковите помеѓу 45 и 100 метри се изведувани со помош на две техники. Првата е т.н. Кензбергерова, кога скијачот е чучнат на залетиштето, со рацете покрај телото, за потоа да се исправи и да летне со рацете пред телото во паралелна положба. Во половината на 20 век скокачите Андреас Дежер и Ерих Виндиш развиле т.н. рибја техника, каде рацете се покрај телото, што потсетувало на рибји перки. Денес најчеста е V-техниката (должината на скокови е зголемена за 28 насто), која подразбира и правило скокачот да го завршува скокот допирајќи го тлото во получучната положба, на една нога, иако и доскокот на две нозе се смета, но не е стилски перфектен.
Опасен спорт кој многу изискува
Скијачките скокови се многу атрактивни како за изведување, така и за гледање бидејќи се набиени со адреналин, но и факт е дека се многу опасни. За овој спорт главно се одлучуваат исклучителни скијачи, кои го тренираат долго и напорно под будно око на тренер. Успехот во скокањето на скии не зависи само од вештините на скијачот туку и од временските услови, ненадејни промени на ветрот и температурата, па не се препорачува на самоуки и почетници без буден надзор на обучени учители на скијање.
Искусните кондициони тренери велат дека скијачите-летачи мора да внимаваат на исхраната и да ја бројат секоја калорија, бидејќи за да летаат далеку мора да бидат високи и слаби, па од исклучителна важност е да имаат добар стручњак за исхрана, бидејќи во спротивно во желбата за подобри резултати, спортистите може да се изгладнуваат.
Скокање без стап
Скијањето во првата половина на 19 век било активност за забава и рекреација, а за колепка на скијачкиот спорт се смета Моргедал, во норвешката област Телемарк. Покрај тоа што Моргедал поседува идеални услови за овој спорт, во него живеел и Сондре Нордхејм, скромен фармер и ткајач, роден 1825 година. Сиромашниот татко на шест деца, во слободно време се посветувал на својата голема страст, скијањето. Експериментирал со нови техники и опрема, од кои многу и денес се користат. Тој прв направил вез за петата и го стеснил средниот дел на скиите заради полесно свртување, што е посебно битно во слалом. Зборот „слалом“, исто така, настанал од локалниот норвешки дијалект и е кованица од зборот сла, што значи „мазно, голо брдо“, и лаам што се преведува како „стаза“.
Исто така, Сондре Нордхејм влегол во историјата и по тоа што прв почнал да скока без стап, што предизвикало големо внимание, се сметало за многу елегантно и предизвикало пресвртница во скијачките скокови. Сочуваните цртежи на скокачи од втората половина на 19 век ги прикажуваат како скокаат со собрани колена и со стап во рака.
Светски рекорди
Во 1868 година рекордот на Нордхејм во скокање изнесувал 19 метри, 1910 Х. Хансен стигнал до 45 метри, 1914 скокачот А.Амундсен скокнал 54 метри, за во 1933 Сигмунд Руд да летне дури 86 метри. Колку тоа било малку се гледа кога ќе се спореди со светскиот рекорд од 2005 година, кога Бјорн Ајнер Роморен летал 239 метри и се дочекал на нозе без паѓање.