Воден спорт со многу адреналинАлександар Вучковиќ
За успешно скијање на вода се потребни: моторен чамец со возач, скии за вода и јаже за влечење, а се препорачува и носење флотациски, лебдечки елек и кацига
Првото скијање на вода обично се поврзува со домородците во Малезија кои се препуштале на брановите стоејќи или лежејќи на штици. Според некои автори на историјата на спортот, првото скијање на вода го извел Ралф Семјуелсон во 1922 година во Лејк Сити, Минесота, така што застанал на две штици, врзани со јаже за чамец во движење кој го возел неговиот брат Бен. Меѓутоа, оваа негова акција останала прилично незабележана, па Семјуелсон го промовирал новиот спорт ширум САД. Други автори тврдат дека прв скијач на вода бил Фред Валер, кој ги патентирал првите скии за скијање на вода, дупло пошироки од оние за снег, нарекувајќи ги Delfin Akva-Ski. Норвешкиот скијач Петерсен е прв во Европа кој скијал по вода на Азурниот Брег.
Првиот клуб за скијање на вода е основан во 1929 година во САД, а во 1936 година е одржано првото натпреварување, на кое Џ. Андерсон изведува акробатски фигури на една или две скии и скокови од еден метар. Три години подоцна, скијачите на вода скокаат и до 10 метри. Истата година се основа и Американскиот сојуз за скијање на вода (American Water Ski Association), а набрзо потоа Европски сојуз, а во 1946 година и Советски сојуз (Union Internationale de Ski Nautique). Следната година е одржано Европско првенство во скијање на вода, а потоа и Светско првенство.
Денес скијањето на вода се практикува на пет континенти, има повеќе од три милиони официјално регистрирани натпреварувачи, но и огромен број рекреативци. Покрај скијање зад глисер, кога скијачот е поврзан со сајла за пловилото, многу се атрактивни и слалом скијање (премин меѓу препреки), како и скокови. Кога глисерот со голема брзина ќе го доведе скијачот на вода до рампа, тој може да лета и повеќе од 70 метри.
Техника
Скијањето на вода почнува во подлабока вода, кога скијачот ќе му даде знак на возачот на чамецот да го покрене и постепено забрзува со што му овозможува да се исправи на скиите. Брзината на движење на скијачот е помеѓу 22 и 58 км/ч, а најголеми брзини се постигнуваат во слалом трките, кога скијачот развива брзина и над 200 км/ч. Слалом скијање на вода се изведува само на една, специјално дизајнирана скија, на која скијачот стои со двете нозе.
Трки
Во трките на скијање на вода учествуваат најмалку по двајца скијачи, набљудувачи и возачи на глисер. Сите учесници ја почнуваат трката од вода, по точно утврдена траса. Победник е скијачот кој во најкратко време ќе стигне на целта. Понекогаш, скијачите за публиката изведуваат и возбудливи егзибиции на вода, од кои најпознати се таканаречени скијачки пирамиди, скокови и салто движења.
Слалом
Слалом е, всушност, моноскијање, а водените стази се облежани со фиксирани пловки на 11,5 м лево и десно од централната патека на глисерот. Успешен премин по трасата е кога скијачот ќе ја заобиколи секоја пловка, помеѓу кои растојанието е обично од 2,1 м. После секој успешен премин сајлата се скратува, а финалниот резултат се пресметува врз основа на брзината на чамецот, должината на сајлата и бројот на заобиколени пловки.
Скокови
Скоковите се сметаат за екстремна дисциплина на скијање на вода. Се изведуваат со две скии, со заштитна кацига и во заштитно одело. Стартната пловка е оддалечена околу 210 м од рампата, а нејзината висина е помеѓу 1,5 м и 1,8 м, додека брзината со која се движи глисерот е помеѓу 48 и 57 км/ч. Скокот се оценува ако скијачот на вода премине преку рампата и после летот ќе се дочека на вода без паѓање.
Скијање на вода е многу возбудлив спорт, но и потенцијално опасен, па на почетниците им се препорачува скијање на ски-лифт, зашто е полесно и многу посигурно од скијање зад глисер во движење. Скијањето на ски-лифт не бара од скијачот ни влегување во длабока вода, туку е потребно само да се намести и да лизне по површината на водата. Се препорачува и скијање кога водата е мирна, без бранови, зашто брановите можат да направат неискусниот скијач да изгуби контрола и да падне во вода, што може да доведе и до потешки телесни повреди.
Историја на жичарницата на вода
Во средината на минатиот век, германскиот пронаоѓач Бруно Риксен пробал скијање на вода во Холандија. Воодушевен од спортот и изнервиран од метежот во училиштето за скијање на вода, тој по враќањето во Германија измислил т.н. машина за скијање, која во 1962 година на едно германско езеро прв пат е пуштена во работа. Магазинот на Светската унија на скијачи на вода објавил позитивна рецензија за машината за скијање, истакнувајќи дека направата овозможува истовремено скијање до 10 скијачи, и тоа без чамец.
Во 1976 година Бруно Риксен за својот изум добил признание, а речиси деценија подоцна Меѓународната федерација за скијање на вода основала Совет за скијање на жица. Така е родена и призната четвртата дисциплина на скијање на вода.
Скии на вода
Во зависност од стилот на возење, скиите за вода можат да бидат рекреативни, трик, слалом и скии за скокови. Опремени се со гумени везови, кои одговараат на големината на стапалото на скијачот, имаат закривени врвови благодарение на кои се создава сила на подем, а на опашките стабилизатори за полесно одржување на саканиот правец.
Јаже за влечење
Јажето за влечење или сајла е врска помеѓу скијачот на вода и чамецот и обично има должина помеѓу 18 м и 23 м. Направено е од нерастеглив лебдечки материјал, кој не може да се замрси и не ја впива водата. Едниот крај на сајлата е закачен за чамец, а на другиот крај е рачка за која се држи скијачот.