Ја јакне концентрацијата, ослободува од стресотАлександар Вучковиќ
Овој најраспространет рекреативен спорт на светот кој своевремено се играл и на бродот „Титаник“, а магазинот Форбс го прогласил за најздрав, го обожава и тенисерот Роџер Федерер, кој се залага сквошот да биде и на програмата на Олимписките игри во Токио, во 2020 година
За родно место на сквошот се смета Велика Британија, и тоа од две причини. Првата е зашто во почетокот на 19 век затворениците во озлогласениот затвор „Флит“ го крателе времето така што со часови со рекетот го удирале топчето во затворскиот ѕид. Наводно, токму британските затвореници ги поставиле првите правила на сквошот. Втора причина е што сквошот го сакале и британските војници во колониите на Велика Британија, од кои и жителите на Јужна Африка, Индија, Нов Зеланд и Австралија го презеле овој спорт.
Меѓутоа, сквошот можеби, сепак, не бил само игра на затвореници и војници. Постои и теорија дека е создаден во1830 година во англиското Harrow School и дека токму тука се изградени првите сквош терени. Во тоа време се користеле топчиња од природна гума, а наводно студентите ги преработиле и рекетите за да можат да играат сквош во училиштето. Во секој случај, овој спорт го добил името по мекото топче од гума кое може да се згмечи со рака (анг. squash, да се згмечи).
Терените за сквош се изградени во Северна Америка уште во 1880 година, во Австралија во 1913, а ги имало дури и на трагично потонатиот брод „Титаник“. Денес го играат повеќе од 17 милиони луѓе на 50.000 терени во 185 земји во светот. Го обожаваат и жени и мажи, рекреативци и спортисти од сите возрасти, па гласот кој го следи дека сквошот е спорт резервиран за богаташи не е баш точен. Повеќе за интересната историја на сквошот може да се види на јутјуб во видео од канадска продукција под името The History of Squash.
Правила на игра
Сквошот се игра на затворени и на отворени терени, со тоа што предниот ѕид има должина од 9,75 метри и ширина од 6,4 метри, а висината на плафонот мора да биде 5,64 метри. Рекетот е комбинација од рекет за тенис и бадминтон. Современите топчиња за сквош се прават од каучук и многу се брзи (димензии помеѓу 39,5 и 41,5 милиметри), па затоа се поделени во четири категории, според брзината. Белото топче е „многу бавно“, жолтото е „бавно“, црвеното е „брзо“, а синото „многу брзо“. Поради малиот терен сквош топчето со голема брзина се враќа кон играчот, а рекордот е 242 км/ч. Едно од правилата во сквошот е паузата помеѓу две промени на топчињата не смее да биде подолга од 10 секунди, а за него е врзано правилото играчот кој намерно ја забавува играта да добива казнени поени.
Сквошот се игра во пар со наизменични удари на топчињата во главниот ѕид. Започнува со сервирање од еден играч, кој топчето го лансира во ѕид, и тоа помеѓу линијата за сервирање и горната аут линија. Ако топчето го сервира десниот играч, тоа мора да лета на лева страна и обратно. Дозволено е да се удри топчето пред тоа да удри на под (волеј), а ако топчето удри, т.е. падне на под, тоа смее да се случи само еднаш пред другиот играч да го врати. Топчето мора да удри во главниот ѕид и да се одбие, но дозволено е да прошета и до другите два ѕида. Играчите на сквош носат заштитни очила и патики. Мечот се игра на две или три добиени игри, а секоја игра трае до 11 освоени бодови. Ако резултатот е 10:10, се игра додека еден од играчите не дојде до два бода разлика.
Најпознати играчи на сквош со најмногу трофеи се Мишел Мартин од Австралија, прва спортистка која едноподруго освоила три светски првенства во сингл и Пакистанецот Џаншер Кан, кој шест години по ред го освојувал првенството на Британското отворено првенство и осум пати по ред светскиот шампионат.
Добар за здравјето
Поради малиот терен кој бара само три ѕида, еден главен и два споредни, сквошот може да се игра секаде. Се знае дека сквошот ги активира и ангажира сите мускулни групи и топи калории (околу 1.000 калории за 45 минути). Сквошот го сакаат и жени и мажи, кои без проблем играат и во пар. Често го играат и вработени луѓе во пауза на работа или по работното време, па оттаму и фамата дека сквошот е спорт за богаташи. А, всушност, станува збор за игра која овозможува на добар начин да се „исфрлат сите дневни фрустрации“, како што велат искусните играчи, зашто сквошот бара бистра глава, концентрирани мисли и брзо реагирање.
Федерер за сквошот
Кампањата сквошот да стане и олимписка игра постои веќе долго време, а од неодамна во неа се вклучил и славниот тенисер Роџер Федерер, кој смета дека сквошот е „прекрасен спорт“: „Сквошот има одлични професионални играчи кои имаат прекрасен карактер и одличен тур, како и во тенисот. Би бил пресреќен кога сквошот би станал олимписки спорт“, вели Федерер.
Новак Ѓоковиќ игра со сопругата
И најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ сака да игра сквош. Фотографиите како игра сквош со сопругата Јелена го обиколија светот. На минатогодишните подготовки во Дубаи фоторепортерите го сликале Ѓоковиќ кој при посетите во теретана видел две дами како играат сквош и им се придружил, велејќи: „Не можам да се одвојам од рекетот“. Тие биле воодушевени, а Ѓоковиќ им покажал дека супер се снаоѓа и на паркет со брзите топчиња.
Децата и сквошот
Стручњаците препорачуваат играње сквош и за деца постари од осум години. Оваа динамична игра, која може да се игра и во зима во затворен простор, ја развива концентрацијата, рефлексите, а се смета и за добра превенција против различни проблеми кај деца предизвикани од седење во училишните клупи, пред компјутерите и ТВ-екраните, како деформитет на ʼрбет, проблеми со вратниот дел и рамената.