[vc_column width="1/1"]
Адреналинско натпреварување со самиот себе
Александар Вучковиќ
Екстремен спорт кој подразбира прецизност и сила, самодисциплина и трпение, храброст и ладнокрвност, и поместување на сопствените физички и психички граници, бидејќи колку условите за качување се посурови, толку успехот на качувачот е поголем
Легендата вели дека уште во 327 година пр.н.е. на барање на Александар Македонски да се предаде планинската тврдина на северниот „Пат на свилата“, близу денешен Самарканд, е одговорено „дека ќе се предаде кога неговата војска ќе може да лета“. Александар Македонски тогаш собрал 300 искусни доброволци кои биле подготвени да се качуваат по стрмните карпи. Војниците почнале да се качуваат ноќе, при што 30 качувачи загинале, но 270 се качиле на врвот на тврдината.
Како и во далечното минато, така и денес, смислата и целта на спортското качување е совладување што потешки делници со слободна техника, со силата на своите раце и нозе, со користење на фаќалишта (пукнатини и испакнатини на карпи), без какви било помагала и посебна опрема, освен патиките за качување и магнезиум, кој служи да го зголеми триењето помеѓу рацете и фаќалиштата. Сета опрема која се користи во оваа спортска дисциплина (карабинери, појаси, окови, клинови и сл.), всушност, служи за осигурување на качувачот од паѓања на земја. Инаку, падовите се сметаат за составен дел на качувањето, а поради опремата за осигурување, се контролирани и треба да завршат сигурно, во воздух.
Треба да се има во вид дека качувањето е потенцијално многу голема опасност, а последиците во случај на повреда можат да бидат трајни или фатални. Задолжително е придржување кон сигурносните правила, кои во качувачки жаргон се нарекуваат „осигурување“, а непридржувањето кон правилата се смета за непрепорачлива и лоша одлука, како и качувањето над сопствените можности, бидејќи качувачот така го доведува во опасност својот живот, но и животот на другите луѓе.
Во дисциплината слободно качување (
free climbing), качувачот е ориентиран на натпреварување со самиот себе и поместување на сопствените физички и психички граници. Тоа е исклучителен спорт кој многу бара и подразбира прецизност и сила, како и самодисциплина и трпение. Се смета за спорт со голема калориска потрошувачка, бидејќи само за еден час качување по карпите се „топат“ околу 2000 калории.
Качувањето е индивидуален и одговорен спорт. Качувачот, кога ќе ја одреди насоката на своето движење, на врвот на насоката поставува т.н. „сидриште“, така што буши најмалку две дупки во карпа, една до друга и во нив поставува експанзивни клинови. За клиновите се прицврстуваат метални плочки или алки, во кои се закопчуваат карабинерите и гуртните. Од животна важност е сидриштето да биде исклучително внимателно изработено, бидејќи останува трајно на своето место. Од сидриштето зависат животите на качувачите кои подоцна ќе го користат.
Денешното спортско качување како и терминот
free climbing, настанале во средината на минатиот век, околу 1950 година, во Јосемитскиот национален парк, во калифорнискиот дел на планинскиот синџир Сиера невада (на шпански значи „снежен синџир“). Јосемитскиот национален парк и истоимената долина се прочуени по чудесните шуми од секвоја и стрмни, гранитни гребени, меѓу кои највпечатлива е стрмната карпа
El Capitan, висока 1100 метри, која е многу популарна меѓу алпинистите. Во подножјето на стрмната карпа се наоѓа величествено езеро, а потоците кои се слеваат од
El Capitan и дури гребени формираат најголем водопад во Северна Америка, висок 739 метри.
Качување по лед
Зиме кога водопадите ќе се заледат и ќе станат доволно цврсти да ја издржат тежината на качувачот, тие се посебен адреналински предизвик за љубителите на овој екстремен спорт. Качувањето по лед, или
ice climbing, од опрема подразбира качувачки појас, ледени чекани, клинови и шлем со заштитен визир.
Освен природните, постојат и вештачки заледени водопади, популарно наречени „ледопади“, односно качување по импровизиран лед, кое се нарекува dry tooling или „суво качување“. Тежината на качување по лед зависи од повеќе фактори, а англиската скала за одредување тежина, адаптирана е покрај шкотскиот систем. Шкотите, инаку, се познати како врвни качувачи, бидејќи природата им подарила многу заледени водопади на стрмните брегови на Шкотска, а постои и одличен водич за сите љубители на овој екстремен спорт (
An Ice Climber's Guide to Northern New England), од авторите Рик Вилкокс и Питер Луис.
Според скалата за одредување на тежината на качување, постојат 5 основни категории:
- Едноставен нискоаголен лед, кој се искачува само со осигурување на јаже, без ледени чекани;
- Потежок нискоаголен лед, кој се искачува со дерези со 10 крампони (метални додатоци за качувачките чевли кои спречуваат лизгање по ледот);
- Стрмен лед, па се користат ледени чекани и наместа се поставува осигурување;
- Тежок лед со континуирана вертикала, кога е потребно почесто осигурување со клинови;
- Заледени водопади или ледопади со вертикала од околу 90 степени.
Колку условите за качување се посурови, толку успехот на качувачот е поголем. На пример, заледените Нијагарски водопади спаѓаат во петта, најтешка категорија „ледопади“. Минатата година заледените Нијагарски водопади ги искачил Канаѓанецот Вил Гад и така станал прв човек на светот кој ги освоил. „Ова беше животна мисија за која мислев дека е неостварлива“, вели тој и објаснува „дека дебелината на ледот насекаде е поинаква и бара големо внимание“.
Повреди
Почетниците во слободно качување никако не треба да се впуштаат во оваа авантура без искусен тренер, односно посетување специјалистички курс, каде одвреме-навреме се организираат разни качувачки здруженија, како ни без поседување неопохдна опрема за осигурување од падови.
Освен „испаѓање“ од карпа како резултат на прекумерна сила која мускулите или тетивите не може да ја издржат, до повреди може да дојде и од чести и интензивни оптоварувања. Најчести повреди се истегнување на тетивите и мускулите, повреди на зглобовите, а може да се случат и деформитети на одредени делови на телото дури и на најискусните качувачи. Славниот француски качувач Алан Робер, познат под прекарот Спајдермен, поради повреда при занимавање со овој екстремен спорт има 66 насто инвалидитет. Неговата специјалност е илегално качување на највисоките згради на светот, кое се нарекува
buildering, односно качување по изградени објекти.
Солирање над вода
Т.н. „солирање над вода“ или
deep water, е омилен вид слободно качување во разни делови на светот каде има високи карпи кои се издигаат над морето. Меѓутоа, иако (погрешно) се мисли дека падот во вода не може да предизвика посериозни повреди, треба да се знае дека големите бранови и пад од висина поголема од 10 метри може да бидат смртоносни.
Вештачки карпи
Качувањето по вештачки карпи и во спортски дисциплини е одлично за качувачите-почетници, бидејќи се изведува под будно око на тренер и едуцирани инструктори. Меѓутоа, неискуството во осигурување од пад, како и почетничкиот ентузијазам брзо да се преминуваат сопствените граници, може да резултираат со повреди на мускулите и тетивите. Инаку, во качувачкиот жаргон вештачките карпи се нарекуваат „пластика“.
Речник на слободно качување
- On lead (во водство) – првиот качувач кој поставува насока, ги закачува меѓуосигурувањата и јажето во сплитови;
- Top-rope (осигурување одозгора) – слободно качување со осигурување низ сидриште, се користи во школите за качување;
- Red point – качувачот слободно ја поминува насоката која веќе ја поминал со качување;
- Соло качување – качување без поддршка на партнер, но со опрема за осигурување;
- Соло интеграл – качување без какво било осигурување и без партнер, многу опасно;
- On sight (на поглед) – качувачот слободно ја поминува насоката кога прв пат се качува без какви било информации за истата;
- Flash – качувачот слободно ја поминува насоката на која прв пат се качува, но има информации за неа;
- Jo-jo – качување со пад (од спит до спит) и седење (одморање) во појасот.