Креативни комбинации за крај на летотоМарија Јоксимовиќ
Славната дизајнерка Вера Ванг од Њујорк вели дека „слоевитоста дава одредена ноншарлантност“, а дека клучот на тајната на ваквото облекување е во користење и комбинирање бои, текстури, должини, пропорции и кроеви
Доцното лето со променливо време е идеално за слоевити комбинации облека во кои ќе се чувствувате соодветно облечени, но и заштитени од пад на температура, ветер или дожд. Со други зборови, тоа што се наоѓаме на прагот на есента не значи дека целата летна гардероба треба да ја ставиме во орман и да ја заборавиме до следната сезона. Лесниот летен фустан комбиниран со марама, кратка јакна или долг џемпер, ќе му даде на вашиот стил интересен печат. Разиграното, шарено здолниште кое со задоволство сте го носеле во текот на топлите денови во август, совршено ќе се вклопи со џемперче во пастелна боја.
Слоевитата мода нема цврсти правила, таа подразбира фантазија и креативност, но, сепак, се препорачува да не носите повеќе од три слоја облека и најтенкото парче облека да го носите најблиску до вашата кожа. Дизајнерите на модна облека препорачуваат и смели комбинации, на пример, тантела и волна, памук и кадифе, или тоалета со тенки бретели над која се носи сако од лесен штоф. Затоа, прегледајте ја својата есенска гардероба, земете ги предвид јакните, елечињата, џемперите и мантилите кои ги имате и разгледајте со кои летни парчиња може модно да се усогласат во овој период на премин.
Голема торба: Чантата која дизајнерите обично ја нарекуваат popins bag и која никогаш не излегува од мода, било да е во ретро стил или ултра модерна, во многу ќе ви ја олесни „трансформацијата“ во текот на денот. Значи, потребна ви е некоја варијација на торба каква што имала Мери Попинс во истоимениот филм кој освоил 5 Оскари. Еден добила и Џули Ендруз, која ја играла насловната улога и имала чанта во која може да се стави саксија со цвеќе, закачалка и големо огледало. Во вашата popins bag треба да собере јакничка за дожд, тенко џемперче, марама или ешарпа, резервни чорапи. Сето тоа, се разбира, покрај она што стандардно го носите во чантата.
Обувки: Ако времето е променливо, дури и ако излегувате од дома кога е сончево, со голи нозе, избегнувајте сандали со отворени прсти. Лесните, затворени обувки како балетанки, еспадрили од кожа, мокасини или патики (ако околностите дозволуваат спортски обувки), ви овозможуваат „во од“ да се приспособите на времето, така што ќе обуете чорапи, кои се разбира, ги носите во чанта.
Согласување на облеката: Поентата на слоевитото облекување е на најбрз можен начин и без мака, да можете да соблечете или да додадете некое парче облека, а при тоа секогаш да изгледате добро. Летна маица, без или со ракави, кошула над неа во тон и тенко џемперче се три слоја облека, која по потреба ја облекувате или ја ставате во popins bag. Опуштена варијанта на оваа комбинација ви дозволува кошулата или џемперот да го врзете околу половината (ако сте доволно млади, немате прешироки колкови и не сте во деловно опкружување). Исто така, џемперот не мора да го облекувате, можете и лежерно да го префрлите преку рамењата.
Панталоните обично одат со долг џемпер, а може да се комбинираат и со сако, кое може да биде во друга боја и дезен. Водете сметка боите да се согласуваат, на пример, со беж панталони оди сè, освен сиви варијанти.
Тенкиот, летен фустан може да се носи под лесна јакна или мантил со светла боја, така барем препорачуваат модните креатори. Мантилот е одличен и кога под него се носи летна маица, туника, кошула. Она што е важно е да ги усогласите кроевите, дезените и боите. Ако едно парче е шарено, тогаш нека сите други слоеви облека бидат еднобојни, на пример, ако на себе имате здолниште со зелени гранчиња на розова основа, тогаш ќе ви одговараат розови џемперчиња или кошула во ист тон.
Детали: Модните советници велат дека деталите го одредуваат стилот. Со добар избор на детали можете и во слоевита облека да изгледате романтично, деловно или опуштено. Богатите додатоци понекогаш се поважни од трупање гардероба, бидејќи ви овозможуваат без многу издатоци да го менувате стилот. Шарени или еднобојни марами со различни големини се незаобиколни. Тие одговараат на сè, може да се носат околу вратот, или ноншарлантно преку рамењата, постојат десетина начини на кои можете да ги врзете. Каишите, исто така, се важни. Било да се од кожа, платно, тесни, широки, со дискретни или впечатливи токи, се носат над фустан, туники, дури и над сако или мантил. Не го заборавајте ни накитот, како обетки, ѓердани и прстени. Летните пластични алки во јаки бои одлично се согласуваат со плетен џемпер, како и крупни дрвени перли.
Она што е важно е да не претерувате. „Помалку е повеќе“ (less is more), е естетско правило кон кое треба да се придржувате и кога е во прашање слоевитата облека, бидејќи навистина не мора на себе да ставите истовремено и марама, каиш, обетки, ѓердани, ракавици од тантела, шешир и др. Дискретното облекување е основа на шикот, а само еден „јак“ детаљ е сосема доволен.
Болеро
Иако скоро сите знаат за Болеро од Равел, музика за балет која често се изведува како композиција за оркестар (премиерно изведена 1928 во париската Опера), болерото е назив за многу практично парче облека, просто совршено за променливите септемвриски денови. Ова кратко „блузиче“ со должина над половината, со кратки или долги ракави, најчесто се шие од памучен материјал со додаток на еластин, но може да биде и од тантела, сатен, кадифе-сомот, плетено. Болерото спаѓа во базични парчиња облека и не е скапо, па добро е да се имаат повеќе во различни бои. Предност е што лесно се носи во чанта, бидејќи не зазема многу простор, а намената е да се покријат и заштитат рамењата и рацете, било од силно сонце или од пад на температурата.