Фармацевти
Контакт

<< Назад

СМИСЛА ЗА ХУМОР

јуни 1, 2019

Духовитоста позитивно влијае на здравјето

 

Шегувањето и чувството за хумор се развиваат и се сметаат за важна особина на личноста, која ни помага негативните ситуации да ги согледаме со ведрина, да се ослободиме од напнатост и да направиме грижите и проблемите да изгледаат помалку страшно, а повеќе совладливо.

 

Автор: м-р Весна Кнежевиќ

 

Кога за некого велиме дека има смисла за хумор, тоа значи дека умее да каже шега, виц или некоја досетка и да ги насмее луѓето околу себе. А смеењето е лек. Тоа ни го зголемува имунитетот, нè опушта и нè ослободува од негативни чувства, создава атмосфера на среќа и задоволство. Смеењето нè прави и поубави, ослободувајќи нè од грчот околу усните и намуртените веѓи. Ќе сфатиш дека животот е вреден за живеење ако се насмееш, рекол Чарли Чаплин, еден од најголемите комичари на сите времиња.

За смеењето, како и за љубовта, потребни се двајца. Секако дека можеме да се смееме на некоја шега која сме ја чуле на телевизија, но смислата за хумор, пред сè, се негува во друштво и се смета за висококотирана социјална вештина. Личноста која како од ракав вади духовити забелешки популарна е во друштво и е посакуван гостин на седенки. И не само тоа! Истражувањата покажуваат дека духовитоста се смета за ценета особина при избор на животен партнер, која е многу поважна од добриот изглед.

Тоа и не е необично кога се знае дека хуморот носи ведрина во секојдневието, ги намалува грижите и нè наведува на животот да гледаме од поведрата страна. Духовитите забелешки обично се засноваат на некоја несовршеност, односно разликата помеѓу она што се очекува и она што се случило. Во психолошка смисла тоа значи дека лицето кое развило смисла за хумор умее и негативните ситуации да ги согледа со ведрина во душата, да се ослободи од напнатоста и да направи грижите и проблемите кои нè преокупираат да изгледаат помалку страшно.

 

Менливост на духот

Дали секој од нас може да биде духовит? Одговорот е да! Духовитоста е своевидна менливост на духот, способност да се мисли надвор од вообичаените шеми и тоа на позитивен начин. Се смета за особина на личноста која не ни е дадена со датумот на раѓање, туку се развива. Некои семејства и средини се повеќе стимулативни за нејзин развој, некои помалку, но сите го имаме тој потенцијал. Стимулирање на духовитоста почнува веќе во детството и продолжува низ целиот живот. На пример, ако вашето дете направи шега на сметка на некој свој школски неуспех, не го карајте дека е несериозно, туку насмејте се заедно со него. Насмевката е добар почеток за решавање на проблемите.

 

Недуховита шега

Треба да се прави разлика помеѓу здравата смисла за хумор и недуховити шеги, цинична насмевка на туѓа сметка, или кажување грди зборови во кои се мета нечии физички особини, на пример: преголем нос, вишок килограми или губење на косата. Таквиот негативен хумор може да ги повреди луѓето и да ги направи несигурни. Потсмевањето и подбивноста не предизвикуваат искрена насмевка на лицето. Затоа, ако сакате да кажете некој виц што вас ве насмеал, застанете и размислете дали ќе му биде непријатно на оној што го слуша. Добриот хумор е простодушен и добронамерен.

 

 

Суптилен хумор

Иако обично се мисли дека екстровертните, отворени личности имаат подобро чувство за хумор, тоа не е секогаш вистина. И затворените, интровертни личности умеат да се шегуваат, само им треба повеќе време да се отворат и да ја покажат својата смисла за шега. Исто така, интровертните луѓе често имаат истенчено чувство за хумор, нивните шеги можат да бидат посуптилни, само оваа своја особина не ја покажуваат веднаш и пред сите.

 

Генерациски јаз

Добрата забава подразбира шеги и хумор, но и духовитоста на едни може да им биде смешна, а на други не. Често причината е генерацискиот јаз, затоа што шегите кои им се смешни на средношколците не мора да им бидат смешни и на возрасните. Ако вашето дете се шегува на сметка на лапсус на свој наставник, сетете се дека и вие сте биле ученик и немојте веднаш да го обвинувате дека не почитува авторитети. Разбирањето туѓи шеги и околностите кои довеле до нив ни помага да ја развиеме и сопствената духовитост.

 

Шега на своја сметка

Психолошките студии покажале дека луѓето кои можат да се шегуваат на своја сметка имаат повеќе самодоверба и дека се посреќни. Сите ние грешиме и не сме секогаш во право. Личноста која умее да се пошегува на своја сметка, всушност, покажува дека е свесна за својата грешка, што е прв чекор за излегување од неа. Шегувањето е психолошки поздраво од лутењето и бесот, тоа значи и извини, не сакав, или гледам дека сум погрешил. Хуморот ги поврзува луѓето и им помага да надминат непријатни ситуации.

 

Видови хумор

Агресивниот хумор е подбуцкувачки, може да излезе од контрола и има негативно значење. Треба да се избегнува затоа што лесно ги повредува другите луѓе. Тоа што сите во просторијата се смеат на некоја шега на сметка на некое лице може да биде многу понижувачки. Она што не го сакате за себе, не им го правите на другите.

Црниот хумор е вид агресивен хумор кој не е нужно негативен, затоа што служи за релаксирање од стресот. Некои професии подразбираат соочување со тешки ситуации (пожарникари, војници, лекари на итна помош), па црниот хумор функционира како своевиден вентил и одбранбен механизам кој овозможува дистанцирање од тешки околности.

Простодушниот хумор е во функција на негување поврзаност со други луѓе. Тој помага во воспоставување поблиски социјални контакти. Овој хумор е лесен, плиток, никого не навредува. Ја подига атмосферата во друштво и прави времето кое го поминуваме со други луѓе да биде пријатно.

Хуморот на своја сметка е самопомагачки; тој ѝ сигнализира на околината дека не сме горделиви и умееме да се соочиме со сопствените грешки и погрешните избори. Исто така, помага во надминувањето на лични несовршености и проблеми. Меѓутоа, ако претераме со шегите на своја сметка, можеби ќе ги забавуваме другите луѓе, но ќе се почувствуваме и самопоразено. Затоа, не претерувајте и не дозволувајте да ве понесе моментот. И хуморот на своја сметка треба да се дозира со мера.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>