Фармацевти
Контакт

<< Назад

Сноубординг

декември 1, 2016

Атрактивно снежно сурфањеАлександар Вучковиќ

Во скијачкиот спорт на снурферите во почеток се гледало од висина и со сомневање, владееле стереотипи дека сноубордерите се мрзливи и несериозни авантуристи, не им било дозволено да ја користат скијачката писта, па тајно тренирале ноќе, прескокнувајќи огради, а денес околу 97% од скијалиштата во Северна Америка и Европа имаат стази за сноуборд со сите придружни елементи

Кога Шерман Попен (Sherman Poppen), инженер од Колорадо, за божиќните празници во 1965 година, забавувајќи се со ќерките на снег, прицврстил две скии една покрај друга и така ја направил првата штица за сурфање на снег, не можел ни да претпостави дека со тоа почнува историјата на еден од денес најпопуларните зимски спортови.

Снурфер
Овој изум станал многу популарен меѓу познаниците на неговите ќерки, па Попен оригиналната идеја, две споени скии, ја унапредил во прва сурф штица со должина од 1,20 м. Неговата сопруга Ненси (Nancy) му дала име на новиот реквизит, нарекувајќи го „снурфер“, комбинирајќи ги англиските зборови „snow“ и „surf“. Заинтересираноста во Поперовата околина била толку голема, па тој во 1966 година го патентирал својот изум, а брзо потоа дал лиценца за производство на корпорацијата Брунсвик (Brunswick Corporation). Во наредните 10 години по цена од 15 долари се продадени повеќе од милион парчиња.

Кон крајот на 60-тите Димитрије Миловиќ (Dimitri Milovich), сурфер од американскиот Источен брег, почел да експериментира со разни облици и да тестира различни материјали. Резултатот бил нов тип на штица која ја нарекол „винтерстик“ (winterstick). По тој модел ја именувал и компанијата која ја основал во 1974 година, прва специјализирана за производство на снурфери или сноуборди. Како што спортот станувал попопуларен, така растел и интересот во јавноста. Миловиќ во 70-тите станал лице на новиот спорт и чест гостин на страниците на американските списанија. Пред да банкротира во 1980 година, во 1976 година лансирал нов тип на штица „опашка од ластовичка“ (swallow tail).

Иако уште не постоел како спорт со дефинирани правила и официјални натпреварувања, сноубордингот собирал голем број ентузијасти кои конструирале нови модели и испробувале различни материјали.

Жолта банана
Во седумдесеттите години на минатиот век тогаш 23-годишниот Џејк Бартон Карпентер (Jake Burton Carpenter) бил талентиран скијач чија ветувачка кариера била прекината од сообраќајна несреќа. Меѓутоа, тој продолжил со развивање на штица за снежно сурфање и ја унапредил стабилноста на контактите помеѓу стапалата и штицата. Боб Вебер (Bob Weber) во 1977 година го конструирал прочуениот модел „жолта банана“ (yellow banana), направен од полиетилен, а Чак Барфут (Chuck Barfoot) во конструкцијата вовел стаклено влакно.

Пионери
Пионери на овој спорт, иако поголемиот дел од САД, имало и во Европа, најмногу во Велика Британија и Швајцарија. Двајца скејтборд ентузијасти Џон Робертс (Jon Roberts) и Пит Метјуз (Pete Matthews) во 1976 година  развиле модел кој одговарал на локалните услови.

Тоа било време кога овој млад спорт го барал своето место под сонцето. Во скијачкиот спорт на снурферите се гледало од височина и со сомнеж. Обично не им било дозволено да ги  користат скијачките писти, така што во тајност тренирале ноќе, прескокнувајќи  огради.

Првото натпреварување со парични награди било Националното првенство во снурфинг во Мускегон, во Сојузната држава Мичиген (Muskegon, Michigan) во 1979 година. Ова првенство се смета и за прво официјално натпреварување и претставува почеток на сноубордингот како натпреварувачки спорт.

Во почеток официјалниот скијачки спорт и терените за скијање го прифатиле новиот спорт многу побавно отколку публиката. Со години постоел антагонизам помеѓу скијачите и сноубордерите. На вториве главно им бил забранет пристап на скијачките стази, бидејќи се верувало дека можат да ги оштетат. Во 1985 година само седум отсто од американските скијалишта им дозволувале излегување на стази. Сличен однос постоел и во Европа. Со тек на време, како се подобрувала опремата и обученоста на снурферите, спортот станувал поприфатен. Во почетокот на 90-тите повеќето скијалишта имале стази и за сноуборд, а денес ги има на околу 97% скијалишта во Северна Америка и Европа, со сите придружни елементи потребни на овој спорт.

Атрактивен и динамичен, овој спорт не наидувал на отпор кај широката публика. Секоја година се бележи раст на бројот на оние кои со него се занимаваат. Во сезоната 2009-2010 само во САД и Канада имало 8,2 милиони сноубордери.

Сноуборд федерација
Меѓународната сноуборд федерација (International Snowboard Federation ISF) е основана 1990 година, што довело до унификација на правилата. Член на олимписката фамилија станал во 1998 година на Зимските олимписки игри во Нагано, во Јапонија. Французинката Карин Руби (Karine Ruby) ја освоила првата златна медаља во женска, а Канаѓанецот Рос Ребаљати (Ross Rebagliati) победил во машка конкуренција. На параолимписките игри сноубордот се појавил прв пат 2014 година во Сочи.

Дисциплини
Откако станал етаблиран спорт со јасно дефинирани правила, во сноубордингот се развиле три основни дисциплини:

- Слободен стил (Freestyle), кој се состои од акробатски фигури, при што се користат природни и направени елементи на стаза, како што се нерамнини, скокалници, наноси од снег или шини.
- Слободно возење (Free ride) е вид кој комбинира разни стилови во едно непрекинато движење, така што станал стил за себе.
- Алпски сноубординг (Alpine snowboarding) е донекаде сличен на дисциплините во скијање, како што се слалом, велеслалом, паралелен слалом и паралелен велеслалом.

Панк и хип-хоп стил
Во годините кога сноубордингот е сметан за инфериорен спорт во однос на скијањето, меѓу сурферите се развила нова супкултура со карактеристичен говор, однесување и облекување. Меѓутоа, скијачите не гледале со одобрување на културата која се развива на „нивните“ терени. Сноубордерите го прифатиле прво панкот, а потоа хип-хоп стилот, пренесувајќи ги така елементите од сурфинг и скајтбординг супкултурите во својата.

Голем спорт
Негативните стереотипи за сноубордерите како мрзливи, авантуристи, несериозни се однесувале и на сурферите и скејтбордерите. Со време овие стереотипи исчезнале и денес тие се сметаат за вешти и слободни ентузијасти меѓу кои има и многу врвни спортисти.

Сноубордингот стана голем спорт кој собира меѓународна, широка, бројна и разновидна публика, која е тешко да се стави во одредени стереотипи. Тајната на неговата привлечност, секако, е во настојувањето на сурферите по снегот да се движат слободно и природно. Исто така, овој спорт се смета и за многу забавен, а тука е и атрактивната, комотна облека која дава слобода на движењето. Она што е важно е дека скијачите и сноубордерите се прифатиле едни со други и дека денес, со заемно почитување, се дел од големата фамилија зимски спортови.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>