Фармацевти
Контакт

<< Назад

Со исхрана против алергии

април 1, 2018

Ана Николиќ

Голем број возрасни луѓе и деца страдаат трајно или во некој период од својот живот од различни видови алергии. Некогаш алергиите ги предизвикуваат одредени намирници, на пример, јагоди или јајца, па треба да се избегнуваат. Во други случаи алергените не се намирници туку некоја материја од опкружувањето, како што е поленот. Меѓутоа, здравиот начин на исхрана и консумирањето намирници со антиоксидативно, антибактериско, антивоспалително дејство помагаат во превенција и смирување на симптомите на ваквите алергии. Во такви намирници, кои истовремено и го јакнат имунитетот, се вбројуваат, пред сè, лукот, кромидот и црвениот кромид, зелен лиснат зеленчук и зачински билки (рузмарин, мајоран, босилек и др.)

Алергија на полен: Истражувањата покажале дека децата кои до својата осма година барем еднаш неделно имале риба на трпезата во 80 насто случаи се помалку подложни на  полен. Исто така, оние кои се алергични на полен може да имаат алергиски реакции и на јаболка, домат, диња и лубеница, па консумирањето на овие намирници бара внимание.

Алергија на кравјо млеко: Многи родители се очајни бидејќи детето им е алергично на кравјо млеко, но тоа може сосема успешно да се замени со оризово, кокосово, соино, бадемово или овесно млеко. Со пченицата треба да се биде внимателен поради потенцијалната нетолеранција на глутен.

Ферментирани млечни производи: Во борбата против различни алергиски реакции добри се и ферментираните млечни производи, како што се, на пример, јогуртот и киселото млеко, благодарејќи на тоа што, како и пробиотиците, содржат здрави бактерии а кои помагаат во процесот на превенција и смирување на бурните реакции на различни алергени. Се подразбира дека ферментираните млечни производи од кравјо млеко не треба да ги консумираат оние кои се алергични на млеко.

Цитруси: За витаминот Ц се вели дека е природен антихистаминик, а сите цитруси (портокали, грејпфрут, мандарини) се богати со биофлавоноиди (витамин П), кои самостојно или во комбинација со витамин Ц помагаат во борбата против алергиите, пред сè, олеснувајќи и ублажувајќи ги симптомите на воспаление на дишните патишта. Биофлавоноиди има и во брокулата, спанаќот, грозјето, вишните.

Магнезиум и цинк: За превенција и смирување на алергиските реакции многу се важни магнезиумот и цинкот. Магнезиум има во блитвата, бадемите, спанаќот, а цинк во грашокот, боранијата и семките од тиква. Магнезиумот, меѓу другото, помага во прочистување на дишните патишта, а цинкот го јакне инумолошкиот систем и е познат антиоксидант.

Омега 3 масни киселини: За здрава и избалансирана исхрана битно е и користење нерафинирани масла богати со омега 3 масни киселини, а тоа се, пред сè, маслиново и ленено. Омега 3 масни киселини има и во рибата. Доколку не консумирате риба во доволни количини, што е чест случај, помага суплементација.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>