Фармацевти
Контакт

<< Назад

Со исхрана против пролетниот замор

март 25, 2016

[vc_column width="1/1"]Ана Николиќ

Овошјето, зеленчукот, рибата, пилешкото месо, мисиркиното месо, млечните производи, јаткастите плодови, намирниците богати со влакна и мешунки се добри сојузници во борбата против пролетниот замор, па треба да ги консумираме секојдневно

Замор, поспаност, безволност, изнемоштеност, главоболка, вртоглавица и чувство на немање енергија, се карактеристични симптоми на пролетен замор и последица од зимскиот начин на исхрана и намалено движење. Доколку не се аларм за појава на некое заболување, што треба да се провери на лекар, може успешно  да се решат со промена на исхраната.

На секојдневното мени треба да има повеќе овошје и зеленчук, интегрални житни растенија, риба и млечни производи, така што организмот ќе ја добие неопходната количина од витамини и минерали. Појадокот не треба да се прескокнува, за ручек се препорачуваат супи од зеленчук, риба или пилешко месо и варен зеленчук, салати, а за вечера свеж зеленчук, печурки, како и варива од сезонски зеленчук. Овошјето е добра ужинка, како и јаткастите плодови или шолја јогурт. Добро е кафето да се замени со билни чаеви.

Витамин Ц: Портокалите, грејпфрутот и лимонот се одлични борци против пролетниот замор, зашто содржат антиоксиданти кои го стимулираат нервниот систем. Исто така, витаминот Ц ја поттикнува апсорпцијата на железото од храната. Меѓутоа, витаминот Ц го има и во пиперките, спанаќот, карфиолот и зелката, па овој зеленчук треба да се јаде секојдневно. Всушност, идеално е ако свежиот или термички обработениот зеленчук се консумира два до три пати во текот на денот.

Магнезиум: Црното чоколадо со висок процент какао и мал процент шеќер, сувото овошје и муслите се добар извор на олигоелементи и магнезиум, а од нивниот недостиг имаме грчеви во нозете, болки во мускулите и чувство на изнемоштеност.

Витамин Е: Рибата и морските плодови се богати со витамин Е, па треба да ги имате на мени барем три пати во неделата. Исто така, риба треба да се консумира почесто и поради антиоксидантите и омега 3 масните киселини, кои ги штитат клеточните мембрани и имаат важна улога за мозокот да ни „биде во форма“.

Витамин Б: Пченичните никулци и јаткастите плодови се добар извор на витамини од Б-групата и поволно влијаат на нашиот организам исцрпен со зимска исхрана. Јаткастите плодови изобилуваат и со омега 3 масни киселини, па треба да се консумираат секој ден, но не повеќе од една шака.

Калциум: Сирењето, јогуртот и киселото млеко се богати со калциум кој ни е неопходен за здравјето на забите, минерализацијата на коските, превенцијата од остеопороза и подобро движење. Чаша јогурт и парче немасно младо сирење е корисно да бидат барем еднаш дневно на менито.

Влакна: Храна богата со влакна како интегрален ориз, грав, овес и ’рж обезбедува здраво варење и нормална работа на цревата, го намалува нивото на холестерол и дава подолго чувство на ситост.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>