Фармацевти
Контакт

<< Назад

Спорт за цело семејство

септември 1, 2017

Семејно уживање на две тркалаАлександар Вучковиќ

Книжевникот Mарк Твен напишал „научи да возиш велосипед и нема да зажалиш додека си жив“, научникот Алберт Ајнштајн изјавил дека „животот е како возење велосипед, бидејќи за да одржите баланс мора да продолжите да се движите“, додека aмериканскиот претседател Џон Kенеди рекол дека „ништо не може да се спореди со едноставното задоволство при возење велосипед“

Семејниот велосипедизам е релативно нов термин кој го промовираат вљубениците во овој спорт, а се однесува на пократки или подолги групни патувања на две тркала, во кои рамноправно учествуваат и возрасните и децата, значи, и тие кои имаат малку повеќе сила и искуство во вртењето педали, како и почетниците. Поискусните велосипедисти велат дека нема ништо поубаво отколку да се замине со семејството и пријателите во опуштено „тркалање“ со велосипед во природа, да се возите по патеките и шумските стази по ладовина, па потоа да се вложи напор и за возење по угорнини, до некој прекрасен видиковец, а потоа после одморот со леснотија да се тргне по удолнини, додека ветрот поддувнува покрај вас.

ПЛАНИРАЊЕ: Меѓутоа, за излетот на велосипеди да биде навистина добар, било да трае едно попладне или повеќе дена, потребно е малку планирање, добра волја и велосипеди за целото  семејство. Пред да тргнете на некоја дестинација возејќи се на две тркала, потребно ви е време да проверите дали сите велосипеди се во возна состојба и се безбедни. Тоа важи и за детските седишта и рикши, ако возите деца на својот велосипед, потоа за детските велосипеди за нешто постари деца кои се оспособени да возат самостојно, но и за родителските велосипеди. Не заборавајте вода, храна и заштита од сонце и дожд, како ни заштитни кациги.

ПОЗНАВАЊЕ НА ТЕРЕНОТ: Ако немате искуства во семејниот велосипедизам, почнете со помали рути, по терен кој не е многу тежок, па постепено зголемувајте ја километражата. Возењето велосипед може да биде напорно, а ако не го познавате теренот и не сте сигурни кој пат е најдобар до саканата дестинација, задолжително проучете ги картите, изберете проверени велосипедски стази и не се женирајте да користите ГПС уред, кој, секако, може да помогне ако на излет се изгубите на некоја стаза или не знаете каде сте.

ТРЕКИНГ И ТУРИНГ ВЕЛОСИПЕДИ: Не заборавајте ја ни старата вистина дека не е секој велосипед за секој терен. Трекинг велосипедот (хибридна верзија на планински велосипед) е солиден избор за различни видови терен, има квалитетни сопирачки и преден амортизер, можете со леснотија да го возите по шумска стаза и по асфалт. Поискусните велосипедисти, кои возат повеќедневни тури, препорачуваат и т.н. туринг велосипед, пред сè, поради челичниот рам кој може да го издржи и  вашиот багаж, а може да се поправи и во мало место, што не е секогаш случај ако рамот е од алуминиум.

ЗАДОЛЖИТЕЛЕН БАГАЖ:  Семејниот велосипедизам во кој се вклучени и децата бара поголем степен на планирање и безбедност. Секогаш планирајте позната рута, најдобро со група истомисленици, бидејќи така ја исклучувате можноста да заталкате и да се најдете со децата на непознат терен во природа, а дури и ако тоа се случи не сте сами и имате на кого дополнително да се ослоните. Не се ослонувајте само на временската прогноза, времето во природа може одеднаш да се промени, посебно во планина. Иако патувањето на велосипед е прилично ограничено што се однесува до багажот, со внимателно планирање ќе имате место за сè, па и за чадор, топла облека и суви чорапи, ако на отворено ве изненади дожд, ветер и ладен бран.

ХРАНА, ВОДА И ОБЛЕКА: Возењето велосипед бара и троши енергија, па понесете доволно храна, при што треба да се избегнуваат намирници кои може да се расипат. Секогаш имајте со себе јаткасти плодови, но не многу солени (ореви, бадеми, лешници), чоколадо со висок процент какао, суво овошје и, се разбира, вода. Ако сте цел ден во природа, планирајте минимум по литар и пол вода за секој член на семејството и бидете внимателни со изворите и потоците на кои ќе наидете, бидејќи колку убаво да изгледаат, тоа не  се гаранција дека водата е бактериолошки исправна. Исто така, кога планирате пат, планирајте ги и одморите, како мали  одмори од пет минути, така и поголеми од час или два. Децата кои сами возат велосипед низ природа треба да бидат соодветно  облечени и опремени (удобни патики, долги ногавици и ракави, заштитна кацига). Ако на дополнителното седиште возите сосема мало дете, водете сметка да  биде заштитено од сонце, ветер и дожд и правете почести паузи за да му дадете вода.

ГПС НАВИГАЦИЈА: Кога еднаш ќе ја почувствувате магијата на семејното велосипедирање, секое следно одење на пат ќе ви биде поедноставно и повеќе ќе уживате. Движењто на сопствен погон, со силата на своите мускули и волја, му дава на секој велосипедист неверојатно чувство на слобода, бидејќи секогаш може да запре на некоја прекрасна ливада, или кај некое разгрането дрво во ладовина. Возењето по прекрасни пејзажи покрај  лозја, пасишта, шуми ќе ви биде подраго ако имате сигурност дека нема да се изгубите, па затоа секогаш имајте некој ГПС уред или активирајте ја ГПС навигацијата на својот паметен телефон. Така ќе ги имате меморирано рутите, ако сакате да ги повторите, или само да се сеќавате на нив како прекрасно семејно искуство.

Правила
Кога се вози во група правилото е на чело на колоната да вози најискусниот велосипедист, кој го знае патот, а на крајот  секогаш да биде една возрасна личност, која внимаава некој да не заостане и групата да не се раздели.  Доколку дојде до тоа, тогаш лицето на крајот му јавува на првиот возач да направи пауза додека сите повторно не се соберат. Децата, посебно малите, секогаш возат зад родителот, кој внимава на сообраќајот, свртувањата и води сметка за тоа децата да не заостанат. Секоја земја има свои дефинирани правила за возење велосипед, а меѓу најбитните се дека треба да се вози во колона, да се сигнализира со рака и ѕвонче свртувањето и претекнувањето, навечер да има вклучени светла, да се вози на десна страна во насоката на движење и сл.

Седишта и рикши
Има многу модели на седишта за деца, на вас е да изберете кое најмногу ви одговара, она кое се монтира на корманот, на рамот на велосипедот, столбот на седиштето или багажникот. Приколките или рикшите се закачуваат за велосипедот, имаат знаменце и мачји очи заради видливост, се прават од  алуминиум и водоотпорен материјал. Во рикшата може да се возат до две деца, обично до 45 кг вкупно.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>