Фармацевти
Контакт

<< Назад

Срцеви аритмии

август 25, 2015

[vc_column width="1/1"]

Причини, симптоми, лекување

д-р Маја Врчаковскa
спец.интернист, ПЗУ „Центар за внатрешни болести СРЦЕ“, Скопје

Симптомите на аритмија можат да бидат „прескокнување“ на срцето, треперење во пределот на градите, замор, а помеѓу посериозните знаци спаѓаат слабост, вртоглавици, загуба или чувство на загуба на свеста, потење, глад за воздух, стегање во пределот на градите

Аритмија означува неправилен ритам и/или број на отчукувања на срцето. Кога станува збор за аритмија тоа не значи буквално дека срцето чука премногу бавно или премногу брзо, тоа значи дека тоа чука неправилно, па истовремено може да имате аритмија со забавена или забрзана работа на срцето.

Дали аритмијата значи и дека имате заболување на срцето?
Не, незадолжително. Повеќето аритмии се јавуваат кај луѓе кои немаат срцево заболување.

Која е причината за појава на аритмија?
Некои типови на аритмија се јавуваат кај нормални, здрави срца кога дел од спроводните патишта на срцето ќе се поремети и ќе предизвика забрзани импулси, тоа може да е резултат на ексцес со алкохол, стрес, никотинизам, диетални пилули, некои медикаменти за кашлица, спрејови за олеснување на дишењето кај астма или хроничен бронхитис. Причина за срцеви аритмии може да бидат и некои медикаменти или вишок на тироидни хормони (зголемена функција на тироидната жлезда) или предозирање со тироидни хормони.

Дали аритмијата е сериозна состојба?
Повеќето луѓе кои имаат аритмија не треба да имаат причина за загриженост и не им се потребни екстензивни испитувања или специјални третмани за нивната состојба. Повеќето здрави луѓе имаат барем еден дополнителен прескок на срцето во текот на денот, екстрасистолите може да не се почувствуваат или понекогаш се чувствуваат кога човек лежи спокојно во леглото. Кај други, пак, аритмиите се поврзани со срцево заболување, како, на пример:
– Исхемична болест на срцето (која причинува ангина пекторис или пак срцев удар). Кај оваа состојба има намален проток на крвните садови на срцето – артериите поради нивно стеснување, а аритмијата се јавува поради стеснување на гранките на артериите одговорни за снабдување со крв на спроводниот систем на срцето. Оштетениот срцев мускул од срцев удар може да доведе до аритмија или да ги блокира електричните импулси на срцето.
– Болести на валвулите на срцето кои доведуваат до зголемување на срцевите шуплини што доведува до пореметена електрична активност, на пример, атријалната фибрилација е најчест вид на аритмија кај болестите на митралната валвула.
– Покачен крвен притисок (хипертензија) може да го оптовари срцето и да предизвика аритмија.
– Староста – стареењето на спроводниот систем на срцето, одговорен за електричните импулси, е една од причините за комплетен блок на срцето.
– Промени на срцевиот мускул – воспаление (миокардитис) или посебни стекнати или вродени заболувања на срцевиот мускул-кардиомиопатии.
– Некои типови на аритмија се резултат на вродени абнормалности во спроводниот систем на срцето, на пример, вроден алтеративен (дополнителен) електричен пат кој се развива помеѓу преткоморите и коморите на срцето, аритмијата може за прв пат да се појави после детството.
– Некои вродени срцеви аномалии се поврзани со некои типови на аритмија.
– Пореметување во нивото на електролитите во крвта (натриум, калиум и сл.)

Какви типови на аритмија има?
Аритмиите може да бидат безопасни или да претставуваат опасност по животот и да доведат до ненадејна срцева смрт, некои се привремени, а некои се постојани. Утврдувањето на типот на аритмија и ризикот од неа препуштете му ја на вашиот лекар.

Кој има зголемен ризик од појава на аритмија?
Аритмиите се почести кај постари луѓе, посериозниот тип на аритмии се почести после возраст од 60 години, бидејќи после оваа возраст зачестена е појавата на срцеви заболувања и други срцеви проблеми кои доведуваат до аритмија. Повозрасните се посензитивни кон несакани ефекти од некои лекови кои доведуваат до појава на аритмија.

Кои се симптомите на аритмија?
Меѓу посериозните знаци и симптоми на аритмија спаѓаат слабост, вртоглавици, загуба или чувство за загуба на свест, потење, глад за воздух, стегање во преглед на градите. Moже да не чувствувате ништо, т.е. да имате „тивка“ аритмија, а вашиот лекар за време на преглед да забележи неправилна работа на вашето срце или аритмијата да ја детектира на електрокардиограмот (ЕКГ).

Како се дијагностицира аритмијата?
Лекарот ја поставува дијагнозата на аритмија врз основа на медицинската и фамилијарната историја, физикалниот преглед и резултатите од некои тестови и процедури. Основна процедура е електрокардиограмот (ЕКГ) кој ја мери електричната активност на срцето во рок од неколку секунди и може да не ја детектира аритмијата доколку е краткотрајна или не се јавува за време на снимањето. Затоа лекарот може да препорача да носите Холтер апарат кој ќе ја снима работата на срцето за 24 часа или по-долго, континуирано.

Понекогаш за дијагностика на аритмиите потребни се биохемиски анализи на крвта, како тироидните хормони и електролитите. Лекарот ќе ви препорача да направите и ултразвучен преглед на срцето (ехо) кое ќе детектира дали имате структурна болест на срцето, дали имате проширување на некоја од шуплините на срцето, функција на клапите, вродена, стекната срцева мана, дали имате оштетување на мускулот на срцето. Понатаму лекарот одлучува дали се потребни дополнителни поспецифични испитувања во зависност од дотогашните резултати и медицинската историја (стрес тест, коронарографија, трансезофагеална ехокардиографија, електрофизиолошка студија итн.).

Како се лекува аритмијата?
Третманот на аритмиите зависи од типот на аритмија и колку е таа сериозна. Некои луѓе со аритмија немаат потреба од нејзино лекување, некои имаат потреба од медикаменти, промени во животниот стил, па дури и од оперативен зафат.

Како да се живее со аритмија?
Повеќето аритмии се безопасни, нормално е во текот на денот да почувствуваме одвреме-навреме прескокнување на срцето или да имаме прескокнувања без да ги почувствуваме, луѓето со безопасни аритмии можат нормално да живеат без потреба од медикаменти. Дури и луѓето со посериозни аритмии може да бидат успешно лекувани и да водат нормален живот, секако, во зависност од типот на аритмија, постоечко срцево или друго заболување и лекарска препорака.

Доколку имате аритмија која треба да се лекува вие треба: редовно да одите на лекарски преглед и притоа секогаш со себе на прегледот да носите листа со лековите кои ги користите; препишаната терапија од лекарот треба редовно да ја земате; секогаш на лекарот да му кажете доколку земате суплементи на своја рака или лекови за алергии и настинки или спрејови кои може да предизвикаат неправилна срцева работа. Секогаш кажете му на лекарот доколку имате влошување на симптомите и состојбата. Доколку земате лекови за разредување на крвта (антикоагулантна терапија) редовно како што ви е препорачано правете рутински контроли на крвта.

Доколку чувствувате нестабилност или несвестица треба да легнете, тогаш не се движете или не управувајте со возило. На лекарот кажете му ги овие симптоми. Лекарот нека ви објасни како да го проверувате пулсот на вашето срце, доколку имате нови промени во пулсот, известете го!

Променете ги животните навики! Многу типови на аритмија се причинети од болест на срцето, затоа одржувајте го срцето здраво со правилна исхрана. Консумирајте повеќе зеленчук, зрнесто овошје, полнозрнести храни, бело месо без кожа, риба, јаткасти плодови, мешунки. Консултирајте се со вашиот лекар за вашата секојдневна исхрана, па дури кај нас веќе постојат дипломирани нутриционисти кои можат да ви дадат насоки околу исхраната.

Здравиот начин на живот подразбира да бидете физички активни, на пр., редовно, секојдневно да пешачите, доколку ви е дозволено секојдневно минимум половина час да практикувате брзо одење. Треба да престанете да пушите цигари, да ја постигнете идеалната телесна тежина, да го регулирате крвниот притисок, шеќер, холестерол во крвта, избегнувајте супстанции кои ја стимулираат работата на срцето, како алкохол, кофеин, минимизирајте го стресот со релаксација во природа, медитација, поддршка од најблиските.

Покрај медицинската поддршка вие сте тој/таа што можете да ги преземете овие мерки во свои раце со цел да си го продолжите животот и воопшто да си го подобрите квалитетот на живот.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>