Фармацевти
Контакт

<< Назад

Старата скопска чаршија

јануари 27, 2016

[vc_column width="1/1"]

МЕРАК ЗА ДУШАТА

Ивана Коцевска

Една од најголемите знаменитости на градот, трговски и културно-историски дел на Скопје, Старата скопска чаршија, гордо опстојува многу векови, пркосејќи им на природните катастрофии и на многубројните освојувачи. Комбинација е од византиското, османлиското време и денешниот модернизам и спаѓа во групата на најголеми чаршии во Македонија

На левата страна на реката Вардар, од Бит-пазар до Камениот мост, од Кале до реката Серава, е сместено најживописното место во Скопје, Старата скопска чаршија. Овие тесни улички со калдрма, со продавници од двете страни, го имаат збрано целиот дух на старото Скопје и атмосферата која во него владеела во златните години. Старата скопска чаршија претставува симбол на космополитскиот дух на Скопје, во неа се вкрстуваат култури и цивилизации, религии и традиции.

Омилено место за прошетка, за излегување, пазарење на скопјани. Но, и незаобиколен дел на прошетките на туристите. Привлечени од боите на предметите кои се продаваат обесени пред продавниците, од излозите со злато, сребро и филигран, од килимите, од ткаенините, од опинците, опиени од мирисите од турски чај, од ќебапчињата, од вкусовите од ориенталните слатки, токму Старата скопска чаршија и најмногу ќе им остане во сеќавањата од посетата на нашиот град. Затоа што е толку поразлична од сè останато во Скопје.

ИСТОРИЈА
Зборот чаршија потекнува од турскиот израз чарши, т.е. од персискиот и означува крстопат или плоштад со приоди од сите четири страни. За тоа од кога постои чаршијата, како простор каде се одвивала трговијата, постојат документирани податоци од 12 век.

Го менувала името од Безистен, Покриена чаршија, Турска чаршија, до денешното име Стара чаршија, но како главно јадро на градот се развивала и стагнирала со него.

Ориенталниот изглед го добила со доаѓањето на Османлиите на овие простори, кога го бележи и својот најголем развој. Доминантни биле три професии и тоа: главна и најзастапена професија била занаетчиството, потоа трговијата и угостителството.

Во 16 век Скопје доживува посебна трговска и економска експанзија. Според природата и развиеноста на работата се додавале простории до задниот дел на дуќаните или на кат за сместување на работилници или за стоката. Дуќаните почнале сè повеќе се отвораат кон улицата, кон купувачот, од практични причини. Стоката можела да се допре, да се разгледа, муштеријата да се пазари со газдата, без да се влезе во дуќанот. Комуникацијата се одвивала преку широкиот, отворен, главен дел на дуќанот. Таквата конструкција на дуќаните, со одредени трансформации и додатоци, е задржана до денес. Како чаршијата се развивала, така се подигале сè поголем број дуќани сместени еден до друг, во иста висина. Тие биле долепували до монументалните објекти: ановите, безистенот, амамите.

Најголемиот процут на занаетчиството во чаршијата бил во текот на 19 век. Чаршијата е поделена на улици – маала според дуќаните, односно според природата и бројноста на занаетите кои биле практикувани во нив, улиците го добивале своето име: пушкарска, казанџиска, папуџиска, златарска, ткајачка, јорганџиска, чадорџиска.

Уште од тогаш постоеле еснафи организирани според видот на занаетчиите. Еснафот ги казнувал мајсторите кои ги мамеле купувачите, се служеле со лаги или ги поткраднувале, продавале неквалитетни производи. Занаетчиите држеле до својот углед и настојувале да стекнат доверба кај муштериите и своите колеги.

Изучувањето на занаетите траело од 5 до 10 години, а понекогаш и подолго, што зависело од особеностите на занаетот што требало да биде совладан. Мајсторот морал да ги снабди своите ученици со потребните алати за работа. Секој занаетчија морал да обучи барем по еден син, за да се пренесе занаетот од колено на колено и да се создадат занаетчиски семејства. Така, прекарите им прераснале дури и во нивни презимиња. Во езгрото на чаршијата бил Безистенот, изграден од цврст материјал кој служел за потребите на еснафот. До почетокот на 20 век во еден голем дел Скопската чаршија била позната како капали чарши, односно покриена чаршија. Покриената чаршија се протегала главно околу Безистенот, кои насекаде го претставувале јадрото на чаршијата. Денес во улицата позната како Златарска, сè уште можат да се забележат остатоци од металните држачи на кои некогаш стоела дрвената конструкција на покривот.

Историјата на Скопје и на чаршијата памети неколку катастрофи. Во 1689 година Пиколомини го запалил Скопје, а пожарот речиси целосно го уништил градот. Во Чаршијата останале само неколку џамии и амами. Во 1908 година, Скопската чаршија ја зафатил голем пожар, во кој изгореле над 700 дуќани. Во гаснењето на пожарот учествувал и познатиот писател Бранислав Нушиќ. Да не се случила таа несреќа, чаршијата денес би изгледала сосема поинаку. Следна катастрофа е силниот земјотрес од 1963 кој го погодил Скопје, а голем број на дуќани биле целосно разурнати.

Од Византискиот, од Отоманскиот, па и од периодот на српската власт во Македонија, биле изградени знаменитости, од кои сè уште ја красат чаршијата: Даут-пашиниот амам, Капан ан, Чифте амам кој заедно со Мурат пашината џамија и Сули ан ја претставуваат „исламската тројка“. Потоа Сули ан, Базистенот, Куршумли ан или познатиот „ан на Муследин Оџа“. Дел од чаршијата се и религиозните објекти како црквите Св. Спас и Св. Димитрија и џамиите: Мустафа-пашината џамија, Хаџи Балабан, Исак-беговата џамија и Султан-Муратовата џамија.

Во 2008 година чаршијата е прогласена за културно наследство од особено значење и оттогаш е под трајна заштита на државата.

ДЕНЕШНА СОСТОЈБА
Денес главна дејност во чаршијата е трговијата, па потоа угостителската дејност, додека занаетчиството кое порано било доминантната професија, за жал, полека исчезнува, како резултат на современото индустриско производство. Но, со модерното време чаршијата добива и нови содржини како што се културните активности. Овој комплекс, особено во летниот период станува културно јадро, место каде што се случуваат многу манифестации, кои се одвиваат како во некои од монументите и галериите, така и по самите улици. Сè уште постојат некои остатоци од нејзиниот еснафски живот, како, на пример, чистењето пред сопствениот дуќан секое утро, попустите за сефте, ценкањето, гостопримливоста на дуќанџиите особено оние кои се долго време тука и кои навистина знаат како да ги привлечат
муштериите.

Старата скопска чаршија продолжува да претставува симбол на космополитскиот дух на Скопје, овде се вкрстуваат култури и цивилизации, религии и традиции. Скопска чаршија и денес претставува интересен и атрактивен амбиент. Секако, поразлична е и помодерна од порано.

И како што вели песната:
Старата скопска чаршија
Мерак за душата
Сакаш ли песна мераклиска
Таму побарај ја
Па, побарајте ја и посетете ја.

Евлија Челебија
Познатиот патеписец Евлија Челебија двапати го посетил градот во периодот од 1660 до 1668 година и за време на неговата прва посета (1660-1661) за чаршијата забележал: „Таа брои 2.150 дуќани. Тука има плоштади и пазари, со сводови и куполи. Од сите најубави се: чаршијата на безазите (памучни ткаенини), чадорџиите, папуџиите, бојаџиите и ткајаџиите (капи). Тоа се големи чаршии изработени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, рози, босилек, јоргован и крин во вазни и саксии. Тие со својата миризба просто го опиваат мозокот на посетителите и трговците. Тука има образовани и многу чесни луѓе. За време на летните жеги сиот скопски пазар личи на багдадските сенки, зашто сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Халеп.“

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>