Фармацевти
Контакт

<< Назад

Стареење и виталност

јули 27, 2016

Најважно е да се остане активенВесна Кнежевиќ

На должината на нашиот живот гените влијаат само делумно, а пресудни се животниот стил и средината, што значи дека со физички вежби и ментална активност, здрава исхрана, избегнување стрес, одржување социјални контакти, уредно спиење, превенција на болести и спроведување на пропишаните терапии можеме да влијаеме на нивото на виталност во третата доба

Многу врежани теории за луѓето во поодмината доба паднаа во вода, како оние дека „клетките на мозокот не растат кај возрасните“, дека во „третата доба не треба физички да се трошиме“ или дека „на старите луѓе им прилега сериозноста“. Смеењето поттикнува дури 5 регии во мозокот, па „несериозноста“ е еден од клучевите на виталноста. Со зачувување и стимулирање на мускулните влакна со тренинзи на сила и вежбање може да се влијае на брзината и на текот на саркопенијата (губење на мускулната сила како резултат на стареењето), а зачувувањето на мускулната маса влијае на здравјето на целиот организам, вклучувајќи го и мозокот. Исто така, со нови сознанија во областа на невронауката е установено дека доаѓа до неврогенеза, односно до појава на нови мозочни клетки во возрасна доба. Клетките на мозокот растат и кај возрасните, со што се поништува теоријата дека невроните се статични и дека не можат да ја менуваат својата структура.

Ни верувањето дека генетиката ја одредува должината на животот веќе не е стриктно, бидејќи како ќе дојдат до израз наследните информации кои сме ги добиле од родителите во многу зависи од факторите на средината. Иако начинот на живот не може да го измени нашиот генетски материјал, тој може да ги релативизира ефектите на гените кои ги носиме, и тоа: со начинот на исхрана, со адекватен степен на медицинска заштита и превенција на болести, како и со фактори, како што се физичка и ментална активност и социјална интеракција со други луѓе.

Докажано е дека роднините кои имаат исти наследни фактори, но поинакви влијанија од средината и поинаков животен стил имаат и различна должина на живот. Испитувањето на 3000 роднини во Данска покажало дека гените 25 % влијаат на должината на животот, а начинот на живот и средината влијаат 75 %. Ова откритие не е изненадувачко, бидејќи медицината напредува, многу наследни болести и тегоби се превенираат и се лекуваат, сè поголем број луѓе во младоста мислат на староста, па ги менуваат нездравите навики во исхраната, амортизирајќи го стресот и занимававајќи се со физичка активност.

Физичка активност
За зачувување на здравјето и виталноста во староста исклучително е важна физичката активност. Редовното вежбање е битен фактор во превенција на кардиоваскуларните и срцевите заболувања, дијабетес, карцином, ментални болести, заболувања на нервите, како Алцхајмерова болест и други хронични состојби. Вежбањето треба да биде приспособено на здравствената состојба, на склоностите и можностите, па е значајно луѓето да се едуцираат и во соработка со лекар и тренер да го одржат здравјето.

Редовното физичко вежање комбинирано со внес на калциум може да го забави или дури да го запре процесот на губење на коскената маса кое доаѓа со стареењето. Кој само седи побргу остарува и ризикува развој на многу хронични болести и драстична загуба на еластичност на тетивите и лигаментите. Флексибилноста на телото се постигнува со вежбање на различни мускулни групи. Се подразбира дека доколку постојат оштетувања вежбите треба да се спроведуваат под надзор на физиотерапевт. Основен мотив на тренирањето и староста е да се спречи загуба на мускулна маса.

Вежбање на мозокот
Веќе рековме дека смеењето покренува активност во дури 5 различни регии во мозокот, па старите луѓе за почеток не треба да се срамат ако се веселат и се забавуваат или се смеат на глас на некој виц, шега, гледајќи комедија на ТВ, или просто присетувајќи се на некоја смешна ситуација од минатото. Смеењето не го намалува достоинството, тоа е лек, а ведрите луѓе се и поприфатливи во друштво, што не е занемарливо во третата доба, кога многумина страдаат од осаменост.

Деловите на нервните клетки (дендрити) физички се променливи, па еден дендрит кај возрасно лице може за 14 дена да ја удвои својата должина. Невроните комуницираат меѓусебе со електрични и хемиски сигнали, а во зависност од тоа дали сигналите се поттикнувачки или инхибирачки, зависи растот или падот на активноста на невроните. Љубопитност, учење, друштвени игри, вежбање и комуникација со други луѓе се директно пропорционални на бројот на новородени клетки на мозокот.

Здрава исхрана
Во староста имунитетот се намалува, па треба да се зголеми внесот на антиоксиданти (бета-каротин, витамини Ц и Е, селен и цинк), фитохемикалии и флавоноиди. Ни механизмот за жед не е така прецизен како во младоста, па треба да се води сметка за доволен внес на течности. Консумирањето масти и јаглехидрати треба да се намали, а да се зголеми внес на овошје, зеленчук, немасно бело месо и риба. Продуктите треба да се јадат свежи, како и динстани и варени во вода и на пареа, додека пржените треба да се избегнуваат. Оброците не треба да се прескокнуваат ни доколку апетитот се намали или забите и протезите прават проблеми. Внесот на сол треба да се намали, иако намалената чувствителност на сетилото за вкус многумина ги тера повеќе да ја солат храната.

Со редовна лекарска контрола, спроведување на терапијата и земање на пропишаните лекови, одржување лична хигиена, носење удобна облека и чевли, чување од драстични температурни разлики, од изложување на многу ладна зима и екстремни топлини во лето, престој на свеж воздух, рано легнување и уредно спиење, фокусирање на позитивни работи и умереност во сè, квалитетот на животот во поодминатите години ќе биде многу задоволителен.

Не дозволувајте мускулите да ви атрофираат

Јадете квалитетни продукти

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>