Фармацевти
Контакт

<< Назад

Стомачен танц

октомври 28, 2015

[vc_column width="1/1"]

Исконска игра на радоста

Александра Груден, инструктор и кореограф по ориентален танц

Никогаш не е предоцна и никогаш не е прерано да се почне со учење на овој древен танц, кој со векови претставува олицетворување на исконска енергија и животна радост, низ занесната убавина на движењата кои во исто време го опуштаат телото и му даваат снага и здравје, градејќи магично естетско доживување

Според некои извори, терминот „стомачен танц“ прв го употребил Американецот Сол Блум, автор и продуцент на дела од големата светска изложба во 1893 година во Чикаго, кога за потребите на изложбата цела една улица ја преуредил во стилот на типична улица на египетскиот град Каиро, и довел автентични алжирски танчарки да го пренесат духот на културата на Блискиот Исток. За да привлече посетители, употребил провокативна фраза „стомачен танц“, опишувајќи ја во два збора играта на алжирските танчарки, со цел пуританците во што поголем број да поитаат на изложбата.

На арапски оваа игра се вика raqs sharqy, што значи „ориентален танц“, на англиски се користи изразот belly dance, за кој се смета дека веројатно настанал од терминот raqs baladi, кој означува „танц од село“, настанат во Египет, во кој танчарките, со звуците од хармоника, изведуваат танцувачки чекори на целите стапала, поврзувајќи се на тој начин со земјата. Французите го именуваат како danse du ventre, или „танц со стомакот“, така го нарекуваат и повеќето модерни танчари и танчарки, а има и такви кои тврдат дека тој израз, всушност, го измислиле фасцинираните патници од Западот, кои патувале на Блискиот Исток во раниот 19 век.

Танц на Африка, Средниот и Блискиот Исток
Иако околу оваа танцувачка форма сè уште се водат расправи за потеклото, повеќето истражувачи се согласни дека стомачниот танц претставува синергија и спотување на многу танцувачки облици од разни извори, од кои повеќето се народни танци. Археолошките наоди, ископини и артефакти, го поврзуваат стомачниот танц со обредни игри на плодноста во архаичното, паганско минато на човештвото, а сликите на танчарки на ѕидовите на палатите, и персиските минијатури од 12 и 13 век со слични мотиви, како и записи и преданија за традиционалниот ритуален танц за посебни прилики, автохтон се дел од долгата историја на Африка, Средниот и Блискиот Исток. Всушност, истражувачите на игрите сметаат дека стомачниот танц со сигурност може да се идентификува во 5 точки: како ритуален танц во слава на женските божества, кој во некои случаи по храмовите го изведувале и свештенички, дека се танцувало во стара Грција и се ширел танцот со походите на Александар Велики, дека претставувал дел од традиционалното воспитување во источните култури, дека го развиле автохтони танцувачи од стариот Горен Египет, дека се проширил со миграциите на Ромите и други етнички заедници кои водат потекло од Индија.

Светската популарност на стомачниот танц започнала уште во времето на романтизмот, во 18 и 19 век, кога танцувачките групи од Блискиот Исток ја изведувале својата уметност во светските метрополи како Лондон и Париз. Истовремено фалени поради виртуозноста и оспорувани поради за тоа време „скандалозното“ истакнување на човечкото тело, некои танчарки стануваат и први хероини на немите филмови, каков што е, на пр., „Танцот на Фатма“, инаку цензуриран на барање на моралната јавност. Во 1894 година американската глумица Мадам Рут снима краток филм Danse du Ventre, а 6 години пред тоа композиторот Римски-Корсаков ја компонира Шехерезада. Стотина години подоцна, танчарката Сухаила Салимпур направила целовечерна кореографија на стомачен танц, под истиот назив – Шехерезада.

И легендарната Мата Хари (1876-1917), танчарка и куртизана стрелана поради шпиунажа во Првата светска војна, станала позната по својот сензационален, провокативен и заводлив ориентален танц, за што сведочат фотографии, бројни книги, филмови, од кој најпознат е „Мата Хари“ од 1931 година, со Грета Гарбо во главната улога. Холивудската филмска индустрија во многу е заслужна и за гламурозниот изглед на танчарките, кои во старите холивудски филмови, базирани на харемски фантазии, можат да се видат во градници украсени со пулејки, парички и бисери и во специфични здолништа и панталони спуштени на колковите, за да бидат движењата поизразени. Меѓутоа, дека се работи за танц чија популарност не се намалува се гледа и по тоа што денешните суперѕвезди, како Шакира, Ријана и Кристина Агилера, не ја пропуштаат можноста во спотови и на настапи да користат елементи на стомачен танц. Со него се занимаваат и обичните жени од целиот свет како рекреација, а од 1975 година јакне и интернационалната заедница на танцувачи, се издаваат книги и прирачници, се организираат здруженија, танчарски работилници, фестивали, семинари.

Иако обично се мисли дека мажите нема што да бараат во стомачниот танц, минијатури од Османлиското Царство прикажуваат момчиња како го изведуваат овој танц. Денес машките танцувачи на стомачен танц настапуваат по цел свет, а расправите дали треба или не да имаат различни кореографии и костими од танчарките не стивнуваат.

Добар за здравјето
Никогаш не е предоцна и никогаш не е прерано да се почне со учење на овој древен танц, кој со векови претставува олицетворување на исконска енергија и животна радост, низ занесната убавина на движењата кои во исто време го опуштаат телото и му даваат снага и здравје, градејќи магично естетско доживување. Претставува исклучително добро кардиоваскуларно вежбање, бидејќи ја подобрува еластичноста и подвижноста на телото и е погоден за лица од сите години и телесни градби. Тренирањето ги јакне мускулите и помага при ослободување на напнатоста во ’рбетот, бидејќи дејствува против постојаниот притисок на дисковите кој е резултат на денешниот начин на живот со седење. Проверено ги јакне и ги прави пофлексибилни мускулите на абдоменот, подобрувајќи го општото држење на телото и помагајќи во превенција на болки во грбот. Пред да донесете одлука  дали да вежбате, задолжително посоветувајте се со лекар и вежбајте онолку колку што можете.

За авторот
Александра Груден, инструктор и кореограф по ориентален танц, родена е во Париз, поголем дел од детството го поминала селејќи се од една земја во друга, за да заврши во Казабланка, Мароко, каде од почеток се чувствувала како дома. По враќањето во Франција, Мароко £ недостига, неговите бои, музика, мириси. Ориенталниот танц го научила во Ница (Франција), кај прочуената учителка Сандра. Посетувала бројни работилници и фестивали: Tito (Шарм ел Шеик), Nour (Каиро), Magdy El Leisy (Германија), Freiz (Каиро), Khaled Mahmoud (Лондон), Oussama Eman (Каиро), Zeina (Стокхолм), Aida Nour (Каиро), Raqqia Hassan (Каиро), Mona Kadous (Минхен), Hayet el Helwa (Сао Паоло), Sorraya (Каиро), Mahsoub (Луксор). Денес има своја школа по ориентален танц и танцувачка трупа Les Jasmins. Го напишала и режирала првиот ориентален балет „Во срцето на жената“, премиерно изведен во 2005 во театарот BITEF.

Различни стилови
Во египетскиот стомачен танц се разликуваат три стила и тоа sharqi или класичен стамачен танц, baladi или народен танц и shaabi, кој претставува изворен танц. Танцот може да биде и со стап (saidi), со специјален шал (skandarani) и долга наметка (fallahi).

Танц со стап: Се изведува со потсокнување на цело стапало, во долги фустани со отвори од страните и марама околу колковите, се нарекува raks al asaja.
Танц со вел: Складни и лелеави движења на телото кои симболизираат бранување  на ветрот. Танцот со вел е елегантен и полн со занес, а велот најчесто е од муслин, со димензии  2,5x1 м.

Танц со крила: Го симбилизира животот и неизвесното исчекување, а танчарката со крила, најчесто со златна или сребрена боја, е многу впечатлива.

Танц со коса: Танчарката ја користи својата долга коса како танчарски реквизит и со ритмички движења на главата ја префрла од едната на другата страна, ја врти во круг со кружни движења на главата, а може со косата да прави осумки, обично во клечечка положба.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>