Фармацевти
Контакт

<< Назад

СТОМАЧНИ ТЕГОБИ НА ЛЕТУВАЊЕ

јули 1, 2018

Подобро да се спречи отколку да се лекува

 

Промената на местото на престој на малите деца несомнено им носи здравствена корист, но и можност за појава на стомачни тегоби.

 

Автор д-р Радмила Косиќ

 

Летувањето на семејства со мали деца треба да биде внимателно планирано. Повеќе од изборот на дестинацијата размислувајте за должината и начинот на патување, за пансионската или домашната храна, водата за пиење, задолжителното здравствено осигурување и достапноста на лекар. Најдобро е да изберете летување на почетокот или на крајот на сезона во мирно место, блиску до плажа. За подолги патувања и егзотични дестинации ќе биде време кога ќе ги задоволувате желбите на своите тинејџери. Со мали деца е многу поважно да се одморите од секојдневните обврски, метежот и жештините, како и во изобилство на свеж воздух и добра храна да ги наполните батериите за претстојната зима. Сепак, доколку сте родители на доенче или претшколско дете, не би требало да отстапите од правилата за урамнотежена и здрава храна приспособена на возраста. Во убавините на летото се кријат опасности од сончаница, изгореници од сонце, каснувања од инсекти, труење со храна.

 

 

Исхрана на летување

Оброците мора да бидат приспособени на возраста на детето и условите на сместување кое сте го избрале. Колку детето е помало, измените во редоследот и квалитетот на оброците треба да бидат незначителни. Доколку бебето се храни исклучиво со мајчино млеко, не треба да се започнува воведување мешана храна или адаптирана млечна формула. За тоа ќе има доволно време по враќањето дома. Доколку вашето дете веќе зема мешана храна (видот и количината зависат од возраста), продолжете во ист ритам, без нови намирници, поради можноста за појава на алергии или неподнесување на некоја храна. Ако на летување сами подготвувате оброци, купувајте свежи намирници, внимателно мијте го овошјето и зеленчукот, остатоците од храна чувајте ги во фрижидер. Доколку хотелското мени не ги задоволува потребите на вашето бебе (задолжително размислувајте за тоа пред уплаќање на аранжман), пред тргнување на пат испробајте готова храна за бебиња со проверен квалитет. Ако бебето ја прифаќа, неколку недели без домашна супа нема да му штетат. За времето на ручек избегнувајте престој на плажа. За ручек изберете супи, чорби, незачинети варива од месо и зеленчук. Со доста свежа салата, тоа ќе биде вистински оброк за останатите постари членови на семејството.

 

Ужина на плажа

Ужината би требало да се состои од свежо, измиено овошје, суви кекси или крекери, солени стапчиња со доста вода од шише или разблажен бистар сок. Мајката може да го дои бебето, а предноста на природната исхрана е во тоа што мајката секогаш може да понуди здрав, стерилен и хранлив оброк кој во исто време е храна и лек. Никогаш не носете млеко или млечна формула на плажа, туку понесете стерилно шише со провриена вода и додадете млеко во прав непосредно пред оброк. Фабрички произведен сладолед од замрзнувач и сок со цевче се најдобар и најсигурен избор за освежување. Избегнувајте крофни или палачинки со еурокрем, бидејќи не може да се гарантира за хигиената на производство и за тоа колку време биле изложени на топлото сонце.

 

Најчести болести во текот на летните месеци

Пореметувања во работата на системот за варење се најчест здравствен проблем во овој период од годината. Причинители се бројни вируси, бактерии, паразити. Видот на микроорганизми зависи од географското подрачје, периодот во годината, но и од возраста на детето. Во нашата средина најчести се летните вирусни проливи, обично проследени со повраќање и покачена температура. Со проливот и повраќањето брзо се губат водата и минералите. Состојбата се влошува поради високата телесна температура, како и температурата на околината. Колку детето е помало, дехидратацијата е поопасна и може да доведе до смртен исход. Летните проливи се во вид на зачестен, воден измет. Состојбата се влошува доколку детето повраќа, така што на родителите ќе им биде тешко во вонболнички, а посебно во услови надвор од домот, да ги надоместат изгубените течности, електролити и храна за болното дете. Цревните инфекции некогаш во светот земале илјадници животи, додека денес, во наши услови, не е така, затоа што родителите се информирани и поучени да ја надоместат изгубената вода и минерали кои значат живот.

 

Прв чекор во лекувањето

Процената на загубата на течности (бројот на редок измет, бројот на повраќања, општата состојба на детето) е исклучително важна. Доколку детето е расположено, не повраќа и нема висока температура, ќе биде лесно да се негува. Слабо засладен чај од нане, разблажен бистар сок од јаболко, бистра домашна супа или супа од кесичка, ќе биде одличен начин да се освежи организмот. Течностите треба да се земаат во мали голтки. Покрај течности, понудете му мали оброци од суви кекси, солени стапчиња или обарен зеленчук. Пробиотици давајте доколку има редок измет. Намалувајте ја покачената температура со сируп (ибупрофен, парацетамол) во доза соодветна на телесната тежина. Разладете ја просторијата во која го негувате детето. Постојат голем број комерцијални препарати за рехидратација кои лесно се подготвуваат, а децата ги сакаат. На пет минути се зема по едно кафено лажиче. Доколку советуваното давање вода и храна не доведат до подобрување, задолжителен е преглед од педијатар. Знаци на сериозна дехидратација се поспаност, изнемоштеност, сува слузница на устата, намалено мокрење, забрзано дишење. Во тој случај детето ќе мора да се лекува во болнички услови, со интравенски надомест на течности и електролити.

 

Содржина на патната аптека

Задолжително со себе понесете кесички со раствор за надомест на електролити, сируп за температура, пробиотик, антихистаминик (лек за алергиски реакции), топломер, инхалатор доколку детето го користи, јод, алкохол, газа. Спакувајте сè што дома користите за лекување мали повреди или болести. Доколку се придржувате на советите за правилна подготовка и избор на храната за целото семејство, веројатно летувањето нема да ви го расипе некоја летна цревна инфекција. Децата на летување не се во поголем ризик од разболување. Како и секогаш и на летување важно е подобро да се спречи отколку да се лекува. Среќен пат!

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>