Фармацевти
Контакт

<< Назад

СТРИИ И БРЕМЕНОСТ

септември 1, 2018

Исклучиво естетски проблем

 

Стриите се појавуваат како несакан придружник на бременоста кај повеќе од 60% од жените.

 

Автор: Весна Марковиќ

 

Бременоста носи многу промени во женскиот организам, од зголемување на тежината до промени во севкупниот хормонски статус. Сето тоа е дел од природниот процес кој за цел има раѓање на здраво бебе со што помалку последици по здравјето на мајката. Меѓутоа, одредени делови од тој процес понекогаш доведуваат до промени во изгледот кој ги загрижува идните мајки. Стриите високо котираат на листата на несакани последици, бидејќи многу често се јавуваат во текот на бременоста.

 

Што се стриите и како настануваат?

Стриите можеме да ги сметаме за вид на лузни на кожата кои се создаваат во ситуација кога таа не може да се приспособи на интензивниот раст на ткивото кое го покрива. Тие не се поврзани само за бременоста, се појавуваат во пубертет во текот на растењето, кај спортистите кои нагло ја зголемуваат мускулната маса, како и кај луѓе чија телесна тежина има големи осцилации. Во зависност од нијансата на кожата, стриите можат да бидат со розеникава до темнокафена боја, во зрелата фаза се обично бели. Се протегаат до неколку сантиметри во должина, а можат да бидат широки до 10 милиметри.

 

Каде најчесто се појавуваат?

Стомакот и градите трпат најголеми проблеми во текот на бременоста, па голема е веројатноста дека стриите тука ќе се појават. Покрај тоа, можат да се појават и на бутовите, делот на кој се седи, како и на останатите делови на телото каде што постои поголема количина на масно ткиво.

 

Кога се појавуваат и како да ги спречиме?

Крајот на второто и почетокот на третото тромесечје е период кога стомакот почнува поинтензивно да расте, па затоа е и најризичен дел од бременоста што се однесува на појавата на стриите. Со превентива, меѓутоа, треба да се почне многу порано. Веќе од крајот на третиот месец од бременоста е потребно кожата редовно да се мачка и да се хидрира, и по неколку пати дневно за да ѝ помогнеме да остане еластична и така да ја подготвиме за предизвиците што ја очекуваат. За избор на препарати за нега задолжително консултирајте го својот лекар и фармацевт. Бременоста е многу чувствителен период и никако не смеете на своја рака да применувате препарати за кои не сте сигурни дали можат да ве загрозат вас и вашето бебе.

 

Колкаво значење има наследниот фактор?

Генетиката игра голема улога во појавата на стриите. Постои голем степен на веројатност дека трудницата чија мајка го имала овој проблем, исто така, ќе мора да се бори со нив. Тоа, секако, не значи дека треба да се предадеме без борба. Со правилна нега и придржување кон препораките добиени од лекар можно е  проблемот да се држи под контрола. Стриите се исклучиво естетски проблем, затоа треба да се прифатат како составен дел од бременоста, со примена на соодветни превентивни мерки.

 

Влијанието на исхраната

Здравата и неурамнотежена исхрана придонесува за нормален развој на бременоста. Доколку трудницата се здебели повеќе отколку што е нормално за одредена фаза од бременоста, тогаш таа го загрозува своето здравје, како и здравјето на плодот. Стриите во таква ситуација се само неизбежен придружен проблем. Редовната хидратација придонесува за еластичност на кожата.

 

Дали е можно да се отстранат?

Денес достапните козметички третмани како ласер, мезотерапија и останатите можат да го ублажат проблемот, но еднаш кога стриите ќе се појават тие тука и ќе останат.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>