Фармацевти
Контакт

<< Назад

Струга

март 25, 2016

[vc_column width="1/1"]

Т’га за југ

Ивана Коцевска
Фотографии: Славица Панова

На бреговите на Охридското Езеро ве дочекува градот Струга, познат по Струшките вечери на поезијата, по браќата Миладиновци, по јагулата, по големиот број сончеви денови во годината, по гостопримливите домаќини

Оддалечен 171 км од Скопје, на 675 метри надморска височина, на северниот брег на Охридското Езеро се наоѓа градот Струга. Специфичната географска положба, отвореноста на струшката котлина, планините околу градот, како и близината на езерото, создаваат услови во Струга да дува ветар од сите страни. Јужен ветeр, поволен за лов на јагулата, плашицата и грунецот, и ветерот стрмец, кој е студен и дува преку цела ноќ.

Струга поседува единствен шарм и убавина, бидејќи во исто време се наоѓа и на река и на езеро. Реката Црн Дрим, откако го поминува својот пат од изворите кај Св. Наум преку Охридското Езеро, истекува од езерото, тече право низ срцето на градот и го дели на два дела. Струга е опкружена со мостови, прошарана со архитектура која воодушевува и поврзана со многу патеки. Ако на ова се додаде поволната умерено-континентална клима, која придонесува Струга 240 дена во годината да се капе во сончевите зраци, посетата на овој град е задолжителна.

Античкото име на Струга е Енхалон, што на старогрчки значи јагула и во тоа време градот бил мала населба. Словенското име Струга, од старословенскиот збор „страга“ што означува премин, како име на градот за првпат се споменува во еден документ од XI век.

За тоа колку е убав овој крај и добар за живот се знаело многу одамна. Ова е град со богата историја. Струга е стара населба која потекнува од неолитскиот период. Во антиката се наоѓала на патот Виа Игнација, кој ги поврзувал источното и западното Римско Царство. Во текот на средниот век прераснува во богат трговски центар, во кој се случувале два големи панаѓури годишно, на кои доаѓале до 50000 посетители. Од 20 век, по Втората светска војна, Струга прераснува во значаен туристички и културен центар.

Браќата Миладиновци

Едни од позначајни личности кои се родиле во Струга и оттука го започнале својот животен пат се браќата Константин и Димитар Миладинови, најзначајните претставници на македонската културна и национална обнова во 19 век. Како знак на благодарност за нивното дело, стружани го подигнаа спомен-домот лоциран на истоимената улица, каде се изложени предмети од животот, делата и остварувањата на браќата Миладиновци. Ним им е посветен и центарот на културата, прогласен за установа од национален интерес.

Градот на поезијата

И токму со најпознатата песна на Константин Миладинов „Т’га за југ“, секоја година во втората половина на август, во Струга свечено се отвораат Струшките вечери на поезијата. Оваа најголема светска поетска манифестација, прв пат  одржана на 15 јули 1961 година и традиционално се одржува секоја година со учество на најмалку 200 светски познати поети. Се доделуваат и награди „Златен венец“, најголемо признание за целокупна поетска дејност, и „Браќа Миладиновци“, за најдобра поетска книга на македонски јазик. Вреди да се дојде и да се доживее спектакуларното поетско читање, кое се случува пред неколку илјадна публика, под ведро небо, наречено „Мостови“. Поетите, секој на својот јазик, ги читаат своите стихови на најинспиративното место за творење во Струга, на мостот од каде Црн Дрим истекува од Охридското Езеро. Во топлите августовски вечери дозволете си да ве погалат зборовите, надополнети со звукот на реката и мирисот на езерото. Ако имате дарба за уметност, можеби таа атмосфера ќе ве инспирира да создадете некој стих или ќе насликате некоја слика.

Струшката чаршија со своите дуќани, ресторани, златари ќе остават траен впечаток врз секој посетител. Црквата Св. Никола Дримени е малечка црква која се наоѓа на левата страна на реката Црни Дрим во центарот на градот. Интересно, но во овој мал град има и Природно-научен музеј, основан е во 1928 година со прва приватна зоолошка збирка од Никола и Софија Незлобински, медицинари од Русија кои испитувале комарци на Охридско Езеро. Постојаната изложба содржи растителни и животински видови од Охридското Езеро и неговата околина. Регистрирани се  многу инсекти, мекотели, разни безрбетници, риби, водоземци, влекачи, птици и цицачи...

Во близина на центарот на градот се наоѓаат два важни исламски објекти: Хелвети теќе и амамот. Теќето е изградено во 16 век од Хасан Баба, има соба за молење со  минаре и балкон, соба за кафе, летна соба и соба за прием. Амамот е  традиционална ориентална бања.

Калишта

Ако сте веќе во Струга постои едно место во нејзината околината кое задолжително треба да го посетите. Тоа е селото Калишта, оддалечено 5 минути со автомобил. Овде, на охридското крајбрежје, во прекрасен и природен карпест амбиент се наоѓа  манастирски комплекс „Пресвета Богородица“. Секој посетител е воодушевен од убавината, мирот и духовноста, едноставноста.

Во склоп на манастирскиот комплекс влегуваат една пештерна и една нова црква посветени на Рождество на Пресвета Богородица, црквата посветена на Светите апостоли Петар и Павле и пештерната црква посветена на Св.Атанасиј.

Централно место во комплексот има малата пештерска црква, изградена во 14 век и претставува основа на целиот манастирски комплекс. Се наоѓа во карпа и има три монашки ќелии: две на првиот кат и една на вториот кат. Во секоја од ќелиите се влегува низ сосема мала и тесна врата, а и самите ќелии се мали простории полни со историја и со духовност. Достапни се за посетители, па секој може да зачекори по стапките на монасите и да понесе дел од нивниот мир. Овде во минатото престојувале и работеле многу истакнати интелектуалци, меѓу кои и Димитар и Константин Миладиновци.

Во комплексот е сместена и поголема црква, „Рождество на пресвета Богородица“, од 17 век, а реновирана во 1977 година. Тоа е најкомплексен и најзначаен објект, со монашки ќелии кои до ден-денес се сочувани во оригиналната изворна форма. Овде, и на ниедно друго место во Македонија, е домот на единствената икона на која Мајката Божја е насликана во црна облека и со црно лице, а и детето Исус е црно. Позната како Богородица во црно, иконата е пронајдена во малата пештерска црква и се чува во поголемата црква, насликана од некој монах. Оваа икона е една од највредните во Македонија и се верува дека има неверојатна лековита моќ. Ваквите икони на кои Богородица е насликана со црна боја се навистина ретки. Во Европа има околу 450, и токму една од нив е сместена во манастирскиот комплекс Калишта.

За нејзината чудотворност раскажува еден настан од Втората светска војна. Имено, фашистичките окупатори кои биле на оваа територија, ја врзале иконата во челични синџири и неколку пати ја фрлале среде езеро за да пропадне и да ја уништат. Меѓутоа, како тие ја фрлале среде езеро, така иконата се ослободувала од синџирите и секогаш се враќала на брегот пред манастирот.

Природата, опкружувањето, ретката икона на Богородица и можноста да се зачекори низ монашките ќелии му даваат посебна магија на целиот комплекс.

Посетете ја Струга, зашто како што вели и песната Како Струга нема друга.

Јагулата

Познатата охридска јагула го започнувала својот пат од Струга до Саргаското Море, кое се наоѓа во центарот на северниот дел на Атлантскиот Океан, каде се мрести, на длабочина од 400 до 800 метри. По оплодувањето на икрите возрасните јагули изумирале, а подмладокот по истиот пат се враќал во Охридското Езеро. За жал, природниот пат на охридската јагула е прекинат во 60-тите години од минатиот век. Оваа риба не може да се мрести во Саргаското Море поради двете брани изградени на нашиот дел од Црн Дрим и трите брани на делот во Албанија, па Охридското Езеро сега мора да се порибува на вештачки начин. Постои иницијатива за повторно воспоставување на патот по кој се движела јагулата. А кога станува збор за јагулата, токму јагула во тава е главен специјалитет во Струга.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>