Фармацевти
Контакт

<< Назад

Струшкото рибарско село

август 1, 2017

Ивана Коцевска
Фото: Славица Панова

На западниот брег на Охридското Езеро, во непосредна близина на границата со Албанија, се наоѓа рибарското село Радожда. Местоположбата, бројните цркви, охридската пастрмка, гостољубивите домаќини, како и неверојатно убавата природа  се повеќе од доволна причина да ја посетите  

Сместено во подножјето на карпест гребен кој се спушта од Јабланица и заплиснато од водите на Охридското Езеро, рибарско-туристичкото село Радожда е меѓу последните на наша територија. Се наоѓа на надморска висина од 725 метри, 10 километри јужно од Струга и 2 километри од границата со Албанија. До Радожда се стигнува по нов асфалтиран пат, кој поминува низ Елен Камен и лозјата распространети по десната страна од патот. Потребни ќе ви бидат околу дваесетина минути возење со автомобил од Струга. Од Скопје се стигнува за три часа со автомобил.

До крајот на Втората светска војна Радожда била мала селска населба со куќи  збиени во подножјето на варовничкиот отсек, но подоцна населбата е изградена на  самиот брег на Охридското Езеро во правец север-југ, во должина од 1000 метри со модерни и големи куќи.

Во далечното минато Радожда се наоѓала во планинските ливади на околу еден километар на запад. Близината на езерото како важен извор на храна ги натерало селаните да се спуштат долу и да се населат покрај брегот. Легендата вели дека жителите биле рибари, кои својот алат секој ден го носеле на грб до езерото, па за да си олеснат, почнале да градат колиби покрај брегот, кои ги користеле и за засолнување од невреме. Подоцна почнале да ги носат и своите семејства да им помагаат во риболовот. Ова симнување од подножјето на планината до езерото траело подолг временски период. Според кажувањата и преданијата на постарите, токму вака настанала Радожда. Според нив и самото име има свое значење: Радувај се, се преселивме на подобро место. Селото од секогаш било печалбарско.

Селото Радожда е доста старо, со постојано постоење од околу 10 века. Постоело во средновековниот период каде што од пишуваните извори како Душановата повелба од 1342-1345 година, кога било подарено на црквата Богородица Перивлепта во Охрид, се споменува под името Радобужда. Во Опширниот описен дефтер на Охридскиот санџак од 1583 се појавува под името Радохожда, а во ракописот на Бранислав Нушиќ од 1892 година се нарекува Радоожџа.

Виа Игнација
Според преданијата и кажувањата на постарите жители, еден крак од славниот пат Виа Игнација минувал низ Радожда. Се претпоставува дека тој пат се користел за минување на карваните, особено зиме, бидејќи од близината на езерото снегот побргу се топел, за разлика од главниот пат што водел преку Беличка Планина и Јабланица, каде што зимите биле поостри и снегот се задржувал подолго. Остатоците од овој пат сѐ уште можат да се видат во селото. Зачувани се околу стотина метри од поплочениот пат кој селаните го викаат калдрма.

Изгрејсонце и зајдисонце
Ако златните бои на изгрејсонцето и зајдисонцето се нешто во што уживате, еве уште една причина да ја посетите Радожда. Всушност, тоа е маната на Радожда: сонцето уште во 7 попладне заоѓа зад Галичица, а остатокот од денот се претвора во  бескрајно бавно стемнување, кога пливањето во стоплените езерски води е особено пријатно. Но, затоа љубителите на утрата веќе после четири часот наутро може да уживаат во топлината на сончевите зраци, кога сонцето изгрева над Галичица.

Што може да се посети
Селото има седум цркви. На сретсело се наоѓа црквата Свети Никола. Таа е главна и најголема црква во селото, каде се одвиваат сите обреди. Веднаш покрај неа е црквата Св.Петка, во чиј двор можете да се одморите и да уживате во прекрасните мириси на цвеќињата и најразлични лековити тревки.

По остатоците од стариот римски пат Виа Игнатиа се стигнува до мала корија во која се наоѓа црквата Св.Богородица, во неа се слави празникот Голема Богородица, селската слава на Радождани. На неколку метри од неа ќе ја видите и црквата Св.Среда. По патот надолу ќе наидете на мало патче, кое води до еден планински извор наречен „млаќи“. При крајот на селото ќе наидете на уште еден рид и таму, во боровата и дабовата шума, се наоѓа црквата Св.Илија.

Сепак, најпозната е најстарата пештерска црква Свети Архангел Михаил од 14 век, вгнездена во стрмните карпи над селото. Св. Архангел Михаил е една од четирите пештерски цркви во Струшко. За неа жителите се особено емотивно врзани поради преданието според кое во неа се наоѓа гробот на младите невести и мајки кои со малите деца во лулките морале да бидат фрлени од карпата зашто одбивале да се потурчат и да се откажат од христијанската вера.

До црквата водат стрмни, уредени бетонски скали. Поставени се и клупи, па додека се качувате по скалите може да одморите. Од пред влезот на малечката пештерска црква се шири импозантен панорамски поглед на поголем дел од селото, како и на прекрасното Охридско Езеро. Луѓето подзапираат да си ги наполнат очите со питорескната, живописна и единствена убавина на погледот кој се шири пред нив.

Вратичката од црквата е ниска, треба да се поднаведнете за да влезете. Внатре е темно, само слаба светлина влегува низ малите прозорчиња. Денешниот изглед го добила во 14 век, кога е насликана. Во неа се наоѓа најстарата и единствена композиција на библиската сцена „Чудото во Хона“ од 13 век. На фреската се гледа ликот на монахот Архитос, извонредно зачуван, со зелени и сини бои. Зачувани се и сигнатурите со името на светецот. Композицијата е единствена во земјава и во византиското сликарство.

Се смета дека свети Наум, откако ја напуштил свештеничката служба, дошол на брегот на Белото езеро и високо во карпите над Радожда подигнал манастирска црква посветена на свети Архангел Михаил. Овој храм станал живеалиште на многу монаси. Поради тоа се смета дека Радожда е свето место и се нарекува село на монаси.

Радожда е крајбрежен рај кој, за разлика од другите комерцијализирани локалитети на Охридското Езеро, го красат и облагородуваат спокој, мир, тишина. Се спомнува само во поинтимни кругови на пријатели кои љубоморно го чуваат ова парче недопрен рај во Македонија за себе. Вековно старите рецепти по кои сè уште се подготвува охридска пастрмка, ѓомлезе и свежа салата од намирници набрани од бавчите се празник не само за вашите очи туку и за стомакот. Посетете ја, наполнете ги очите со убавина, градите со чист воздух, а стомакот со превкусна храна. За Радождани велат дека се долговечни токму поради храната, водата и воздухот што тука го дишат.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>