Фармацевти
Контакт

<< Назад

СУПЛЕМЕНТИ, ДА ИЛИ НЕ?

август 31, 2018

Дополнителна помош на невроните

 

Нашите нервни клетки секојдневно се изложени на одредена количина стрес, а постои можност и за појава на оштетувања, како резултат на дејство на разни фактори. Затоа им се неопходни дополнително внимание и заштита.

 

Автор Душан Гољиќ

м-р по фармација

 

Мозокот е составен од милиони нервни клетки повеќекратно поврзани во фукционални целини, кои координирано ја контролираат работата на сите системи на органи. Мозочното ткиво е заштитено со сложени мембрани, преку кои добива есенцијални хранливи материи, кои потоа ги метаболизира во корисна енергија. До повреда на мозочните функции може да дојде како резултат на физичка траума, болести на крвните садови (мозочен удар), дегенеративни болести на нервниот систем (Алцхајмерова болест, Паркинсонова болест и друго) или секундарно, како последица на други заболувања (дијабетес, малнутриција, карциноми и друго).

 

Тераписко решение

Невролошката терапија подразбира земање комбинации на лековити супстанции кои на повеќе начини придонесуваат за регулирање на оштетувањата. Како резултат на заболувања на мозокот, некои телесни функции како што се говорот, движењето или некое сетило, може моментно или трајно да се оштетат. Студиите покажале дека е препорачливо да се земаат високи дози на одредени супстанции, и на тој начин да се забрза процесот на заздравување. Производите од овој тип ги наоѓаме во аптеките и спаѓаат во групата на диететски суплементи за нормална функција на нервниот систем. Често се со комбиниран состав, па е неопходно да се споменат есенцијалните молекули кои, додадени во исхраната, може да стимулираат адекватно заздравување.

 

Минералите како цинкот, манганот и селенот учествуваат во синтеза на структурните протеини, ензими и хормони, па нивниот дефицит може да ја забави активноста на жлездите на одредени делови на мозокот.

Коензимот Q10 поволно влијае на тонусот на крвните садови во мозокот, што придонесува за подобар проток на крвта низ оштетените структури и доток на останатите нутриенти.

Глутатион е молекул кој ги штити клетките од штетното дејство на оксидативниот стрес, па е пожелно и тој да се најде на декларацијата на препорачаниот производ.

Рибиното масло, исто така, има позитивно дејство на нервните функции поради присутната содржина на витамините А, Д и есенцијалните омега 3 киселини ( EPA и DHA).

 

Аминокиселините се компоненти на функционалните протеини, а самостојно може да имаат и функција на сигнален молекул во процесот на заздравување. Високи дози на аргинин може да искажат противвоспалително дејство, додека тирозин, фенилаланин и глутамин служат за синтеза на хормоните на мозокот. Посебни молекули, како холин и серин, учествуваат во обновување на мозочните обвивки.

 

Балансиран внес, клуч за оптимално функционирање

Есенцијалните нутриенти ги наоѓаме во храната. Ако, пак, потребите на мозокот се зголемени, сосема е оправдано да се побара додаток во сулементација. Околу тоа кој препарат ќе биде адекватен за вас, можете да се консултирате со својот лекар или фармацевт. Балансиран внес на неопходни нутриенти е исклучително важен за оптимално функционирање на нервниот систем, како и на сите останати делови на нашиот организам.

 

ВИТАМИНИ ЗА МОЗОКОТ

Членовите на комплексот Б-витамини најмногу го стимулираат метаболизмот во нервните клетки. Витамините Б1, Б6 и фолната киселина влијаат на метаболизмот на глукоза, главното мозочно гориво, па нивната оптимална доза е есенцијална за заздравување. Витамините Б6, Б2, Б3 и Б12 имаат повеќекратни функции во нервните завршетоци, па се препорачуваат како превентива на понатамошни оштетувања кај невродегенеративни заболувања. Витамините Ц и Е имаат силен антиоксидативен ефект кој е пожелен кај последици на оксидативен стрес. Неодамнешните студии покажале дека витаминот Д има улога во регенерација на нервните влакна и мозочните обвивки.

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>