Непријатно пецкање и црвенило
Појавата на суво око може да биде од различни причини, а често настанува со нивно комбинирање.
Автор: Јасна Петровиќ
Биохемискиот состав на солзите, освен што овозможува неопходна влажност на окото („подмачкување“ со трепкање), има функција на ладење и чистење на окото од туѓи честички. Солзниот филм учествува и во подобрување на оптичките особини на окото со својот индекс на прекршување на светлината. Тој, исто така, го храни епителот на рожницата и спречува појава на инфекции, со оглед на тоа дека има и антибактериски својства. Доколку дојде до промена во количината или составот на овој заштитен слој, се јавуваат бројни проблеми кои најчесто ги обединуваме во терминот суво око (keratoconjunctivitis sicca).
Симптоми на суво око
Чувство на пецкање и жарење, како она кога е присутно туѓо тело во окото, сувост која постојано иритира, непрекинато чувство на гребење и црвенило во очите се последица на пореметувања во солзниот филм.
Причини за настанување
Се смета дека 75 % од жителите постари од 65 години редовно се сретнуваат со овој проблем. Посклони се жените поради хормонските промени во текот на бременоста, доењето и менопаузата. Неповолни надворешни услови како ветер, прашина, сув воздух (централно греење, климатизирани простории), чад и несоодветно осветлување, доведуваат до суви очи. Исто така, склони се и лица кои поминуваат многу време пред мониторите на компјутерите, како и сите кои носат контактни леќи. Одредени лекови (антидепресиви, антитусици, диуретици, контрацептиви, антихистаминици, лекови против Паркинсонова болест и хипертензија) може да го имаат овој проблем како нуспојава. Суво око се појавува и поради заболувања како што се: дијабетес, астма, глауком, ревматоиден артритис, пореметување на штитната жлезда, недостиг од витамин А, Сјогренов синдром, саркоидоза и лагофталмус.
Дијагноза и лекување
Офталмолозите користат неколку тестови за суво око за да ја потврдат дијагнозата. Се работи за тест за прекин на солзниот филм, тест за одредување на количината на солзите и преглед на биомикроскоп со чија помош се регистрираат проширени крвни садови. Вештачките солзи се прв чекор во отстранување на проблемот, а за нивниот состав мора да се консултирате со офталмолог и фармацевт. Потешките случаи подразбираат примена на капки кои го зголемуваат лачењето на солзите, додека во одредени ситуации во аглите на очите се поставуваат силиконски чепчиња кои спречуваат истекување на солзите.