Доколку барате аеробна активност која ќе ве прави среќни, а има и брзо видливи ефекти, тогаш ова е вистинско нешто за вас.
Автор Марко Симиќ
Иако е заснована на боречки спортови како што се теквондо и бокс, оваа планетарно популарна форма на аеробик не е наменета за самоодбрана. Од споменатите спортови се преземени одредени движења, најчесто слични на изведување удари со раце и нозе, но нема зафати и техники на фрлање и борби во партер. Ако, сепак, го сврстиме тае бо во боречки спортови, тогаш неговата цел наједноставно е дефинирана како борба за добро здравје.
Како сè почнало?
Во текот на 70-тите години на минатиот век Били Бленкс почнал да го спојува своето познавање на боречките вештини со танцови движења, сакајќи да создаде единствена форма на кардиотренинг која ќе биде забавна и во исто време многу ефикасна. За тоа дека успеал во својата намера зборува денешната планетарна популарност на тае бо вежбањето. Самото име е изведено од две основни вештини користени за развој на овој вид аеробик: теквондо и бокс. Били Бленкс дополнително го дал толкувањето на оваа кратенка, според кое секоја буква претставува одреден збор: Total Awareness Excellence Body Obedience (целовитост, свесност, совршенство, тело, послушност).
Тој во текот на 80-тите години на минатиот век држел тренинзи на заинтересирани во својата гаража, а планетарен бум доживува во 90-тите години кога почнува со дистрибуција на видеокасети со тае бо курс. Поради својата ефикасност и забавност, тае бо брзо наишол на голем број поклоници, особено меѓу јавните личности, што придонело за вртоглав раст на популарноста. Бленкс од почеток го заштитил името, па за вежбање тае бо било потребно поседување официјална лиценца. Затоа паралелно се развиле повеќе слични програми, кои во основа се имитација на оригиналната идеја на Бленкс, но тае бо останал неприкосновено на прво место.
Здравствени предности на тае бо вежбањето
Пред почеток на вежбањето задолжително консултирајте се со својот лекар. Потоа пронајдете лиценциран тае бо тренер, најдобро по препорака на некој кој веќе вежба. Системот на вежбање е направен така што е можно да се приспособи на различни нивоа на физичка подготвеност на вежбачите, па не би требало да ве обесхрабри тоа што моментално не сте во добра кондиција. Многу брзо тоа ќе се промени ако бидете упорни.
Движењата кои се изведуваат во текот на тренингот доведуваат до подобрување на циркулацијата, зголемување на тонусот на мускулите, нивно јакнење и издржливост. Овој вид тренинг ја развива еластичноста, го обликува целото тело, го подобрува држењето и координацијата на движењата. Благодарение на движењата преземени од боречките спортови, тае бо позитивно влијае и на јакнење на врската помеѓу умот и телото. Менталниот фокус се подобрува, доаѓа до раст на самодовербата, посебно се истакнува ефектот на добро расположение кое го следи уморот по добро изведен тренинг.
Намалување на телесната тежина
Уште еден од придружните брзо видливи ефекти на тае бо вежбањето е регулирање на телесната тежина. Поборниците на тае бо тврдат дека чувството на задоволство по вежбањето го елиминира чувството на глад. Покрај тоа, просечен тае бо тренинг носи речиси два пати поголема потрошувачка на калории во однос на класичниот аеробик тренинг со исто траење. Со редовно вежбање барем три пати неделно и придржување кон советите за поздрав начин на исхрана, вишокот килограми ќе почне да се топи и своето место ќе го отстапи на новоформираните затегнати мускули.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци