Фармацевти
Контакт

<< Назад

Тексас јакна

мај 1, 2017

Модна икона за сите времињаМарија Јоксимовиќ

Првата тексас јакна во1880 година ја направил Леви Штраус и ја наменил на железничарите, рударите и каубојците. Во половината на 20 век станува симбол на младешкиот бунт до таа мера што ја забрануваат во американските училишта, за  две децении подоцна да стане миленичка на модните креатори и обичните луѓе, кои ја сакаат, пред сè, поради практичноста и издржливоста

Дека јакната од џинс или тексас платно е како моден камелеон, јасно му е на секој кој пробал да ја опише зашто од првобитната индигосина варијанта, должина до половина, претрпела многубројни трансформации. Може да биде кратка, но и долга до колковите со ревери, кога глуми сако, со кратки ракави или без ракави, романтична, со постава од цветчиња или од крзно, со сошиени реси, бисерчиња или извезена, панкерска со боцки, нитни и кожа, варијантите се безбројни. Ни бојата не е повеќе она што ја идентификува. Од сите нијанси на сина, преку црна и бела, тексас јакните се носат во сите можни бои. Најубаво од сè е тоа што ова омилено парче облека е добро и кога е истуткано, а не пречи ни кога е половно. Ништо необично што љубителите ја споредуваат со виното: „колку  постара,  толку подобра“. Ја сакаат подеднакво и мажите и жените, обичните луѓе и познатите  личности, а модните диктатори не можат да одолеат да не креираат уште некоја нова шик варијанта.

На модните писти, но и на улиците ширум светот е јасно дека тексас јакната се носи со сè: над костим за капење, кошули или маици, со шорц, панталони и здолништа, а може и со фустан, дури и со свечена тоалета. Денес веќе не треба да се биде модно храбар за над мал црн фустан или фустан од тантела да облечете тексас јакна. До вчера невозможните комбинации се сметаат за модна инвентивност и индивидуална креативност во облекувањето, па со ова парче облека може да се носи и дамски шешир, елегантни чевли со тенка штикла и уникатна марама од чиста свила. Во класичната варијанта, со фармерки и бела маица, не излегува од мода повеќе од половина век.

Треба да се каже и дека тексас јакната е едно од првите парчиња облека кое ги инспирира младите девојки да го градат личниот стил, давајќи му свој печат, без разлика дали ги исекле ракавите, додале пораб од тантела само ја исцртале со фломастери. А кога е веќе мала или ќе се скине, идеална е за рециклажа. Од тексас јакна може секогаш да се направи весела торба, перниче за седење на под, шешир или абажур за ламба.

На фестивалот Blue Genes Jam, во градот Рино, Невада, тексас јакната, заедно со фармерките, ја слават како модна икона, па прикажуваат филмови во кои таа е повеќе од костим зашто претставува дел од планетарната поп-култура. Во што е тајната на нејзината неверојатна популарност на сите меридијани е предмет на интересирање и на социолозите за култура и на историчарите за облека, кои истакнуваат дека облеката од џинс во педесеттите години од минатиот век била и симбол на побуна на младите и тинејџерскиот вандализам толку што, на пример, во американските училишта им било забрането на учениците да доаѓаат на настава во тексас јакна или фармерки.

Потеклото ѝ се знае. Корените на тексас јакната се поврзуваат за златната грозница во половината на 19 век, кога и Леви Штраус дошол од Њујорк во Сан Франциско, за покрај ќебиња, на копачите на злато да им продаде и работнички панталони од џинс кои не се кинат. Фармерките со трегери, џебови и нитни, кои наводно ги собрал од ќебињата кои се ставаат под седло, а кои многу години подоцна се брендирани како 501, всушност, се постар брат на тексас јакната.

Првата јакна, секако, ја направил Леви Штраус во 1880 година, наменувајќи ја, како и фармерките, пред сè, на работничката популација, железничарите, рударите и каубојците. Јакната од тексас платно веднаш е препозната како практичен дел до гардеробата под кој може да се носи џемпер, фланелска кошула и памучна маица. Како и фармерките, станала производен стандард и компаниите Lee, Wrangler, кои Џејмс Саливан, автор на книгата Jeans: A cultural history of an American icon, заедно со брендот levis ги нарекува светото тројство на џинсот.

Обожувана и оспорувана ништо помалку од фармерките, тексас јакната е парче облека кое денес го носат сите зашто е практична, штити од ветер и студ и дава ноншалантен тон на лежерниот аутфит. Всушност, толку е добра што потполно е разбирлива изјавата на креаторот Ив Сен Лорен, кој вели: „Би сакал јас да го измислев џинсот“.

Идеи за сезона 2017

Преголема: Во оваа варијанта тексас јакната може да личи на вреќа, ветровка или кошула на дедо, одлично се сложува со шорц и бермуди, голи нозе и спортски сандали. Може да се носи на излет, кога штити од ветар, а одлична е и како простирка за трева.

Сако: Овој „сериозен“ дел од гардеробата во џинс варијанта изгледа ноншалантно и може да се комбинира со кошули и маици, широки, лелеави и тесни здолништа, како и со панталони. Со фармерки, таа е практичен дел од гардеробата кој не излегува од мода.

Ретро: Оваа класична варијанта обично е избледена, до половината, со карактеристични штепови, нитни и џебови. Се носи со сè, се чува и никогаш не се фрла.

Детали: Какви детали ќе има јакната, зависи од личниот афинитет и намената. Се подразбираат карактеристични штепови и рабови, нитни, копчиња и патенти, а можат да се додадат беџови и да се сошијат апликации. Везените мотиви се секогаш модерни, како и интересни принтови, најдобро на грбот.

Музеј на џинсот
Руди Керер од Швајцарија има колекција од 12 000 парчиња облека од џинс. Заљубен е во сè што е направено од тексас платно и е собирач од 1973 година, со идејата  дека џинсот „како парче облека ги преминува сите граници, и географски и друштвени“, тој во Цирих во 2001 година отворил Музеј за џинс, во кој ја изложил својата импресивна колекција. „Ние само купуваме и фрламе работи кои веќе не ни користат“, вели тој и објаснува што е неговиот животен сон: „Мој сон е да спречам џинс панталоните или јакните да се фрлаат или пензионираат“.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>