[vc_column width="1/1"]
Дисциплина на динамични и разновидни движења
Саша Ковијаниќ-Димиќ
Учителите на теквондо велат дека „мајсторството се усовршува со вредна работа, а се губи со мрзеливост“ и „препорачуваат тренирај и усовршувај се, не само телото туку и умот“...
Taekwondo е боречка вештина настаната во Кореја по Втората светска војна, на собир одржан во 1955 година, кога претставниците на школите за изучување на традиционалните стилови на борба се договориле да ги спојат во еден. Новата вештина добива име со спојување на зборовите „tae“ (удар со нога), „kwon“ (удар со рака) и „do“ (пат или начин), па во слободен превод „taekwondo“ значи „борба со раце и нозе“. Меѓутоа, следбениците на теквондо инсистираат на тоа дека не станува збор само за збир на телесни вештини со помош на кои се совладува противникот, туку теквондото е и начин за духовен развој и напредок на поединецот.
Како демонстрационен спорт теквондото прв пат се појавува на Олимписките игри во Сеул во 1988, потоа во Барселона во 1992, а од Олимписките игри во Сиднеј во 2000 станува официјален олимписки спорт.
ДЕЦА: Последниве години теквондото станува многу застапена дисциплина кај децата, а сè повеќе и меѓу возрасните, било да се занимаваат со него само како вид на рекреација или се подготвуваат за натпревари.
Изборот на спорт со кој ќе се занимава детето не е лесна задача, особено ако го земеме предвид фактот дека детето на возраст кога би требало да се определи за спорт сè уште нема јасна претстава за тоа што подразбираат одредени спортови. Поради тоа секогаш треба да се има на ум дека меѓу причините поради кои децата се занимаваат со спорт на прво место е забавата, на второ учењето и унапредување на вештините, на трето склопување пријателства и дружење, а дури на четврто победа. Теквондо е една од дисциплините, која благодарение на динамичноста и разновидноста на движења, во целост одговара на правилата кои го промовираат спорт како активност здрава за психофизичкиот развој на децата.
УЧЕЊЕ САМООДБРАНА: Големата разлика помеѓу боречките вештини и екипните спортови е во тоа што нема да дојдете во ситуација на своето дете да му објаснувате зошто не е во првата постава, или зошто мора да игра на позиција која не ја сака, или не му одговара. Во боречките вештини успехот се мери со поединечни квалитети и сите имаат подеднаква шанса да се покажат и да напредуваат. На овој начин децата учат дека секој успех зависи од нивниот труд и залагања. Рангирањето по појаси дава дополнителен мотив и ги тера вежбачите постојано да се усовршуваат. Исто така, неподеленоста по полови овозможува вашиот син и ќерка да вежбаат заедно, а во многу клубови е овозможено и родителите да се вклучат во тренингот, што може да биде особено интересно.
Една од најголемите предности на боречките вештини, секако, е учење самоодбрана. Секој родител сака неговото дете да биде способно да се заштити себеси и другите доколку дојде до несакани ситуации.
Статистиките покажуваат дека околу 25% од децата се вклучуваат во спортски програми под силен притисок и влијание на родителите, а околу 50% сакаат да ја сменат спортската дисциплина или да престанат да тренираат поради лош пристап на родителите или тренерот. Лошиот пристап најчесто се гледа низ принуда и притисок на родителите кои забораваат дека спортот треба да им служи на децата, а не децата на спортот.
ПРАВИЛА: Теквондо звањата се делат на десет ученички звања (кеуп-гуп-куп) и десет мајсторски звања (дан-ДАН). Почетниците тргнуваат од десетото звање кеуп0куп-гуп (бел појас), сè до мајсторски звања дан (црн појас). Теквондо опфаќа пет сегменти на вежби:
Основи (Kibon) се вежби на ставови, блокади на удари со раце и удари со нозе. Целта на учењето основи е развивање правилна техника, користење на целото тело и зачувување на традицијата на теквондо.
Форми (Poomsae) се комбинации на движења, ставови, рамнотежа, снага, дишење и боречки техники – одбрана, блокови, удари раценозе,
фаќања. Формите се борби со кореографија против напад на замислен напаѓач кои вежбачот ги изведува сам, со цел развивање на рамнотежа и усовршување на основни техники.
Самоодбрана (Hosinsul) се состои од удари со раце, нозе, лакти, колена, зафати и лостови на рацете и нозете, гушења и фрлања. За разлика од останатите делови на теквондо, самоодбраната не е стандардизирана и зависи од инструкторот.
Кршење (KyokPa) Демонстрациите на кршења се проверка на снагата и прецизноста. Со прецизно пласирани удари вежбачот ги крши предметите како штици, црепови и цигли. Демонстрациите на кршења главно се изведуваат како дел од презентацијата на теквондо и при полагање за повисоки појаси.
Борба (Kyorugi) е последен и според многумина најважен дел од теквондо. Оваа категорија грубо можеме да ја поделиме на договорена борба (борба на еден, два или три чекори и борбени вежби со или без штитник) и слободна борба (со или без штитник). Во борбите теквондо се користат техники на удирање со раце и нозе, но не и фрлања, чистења или гушења карактеристични за самоодбрана. Најпопуларниот аспект на теквондо е токму слободна борба. Во случај
на олимписка борба според WTF правила, се работи за борба според правилата full contact со штитници.
ФУЛ КОНТАКТ: Борбата, според правилата на WTF, се состои од 3 рунди по 2 минути, според правилата „full contact“. Борбата се завршува со нокаут, се предава, со дисквалификација или пребројување на бодовите на крајот на мечот. Во случај на нерешен резултат, се одржува дополнителна рунда според принципот„златен бод“. Ако резултатот на крајот на дополнителната рунда сè уште е изедначен, судијата го одредува победникот со одлука за супериорност.
Дозволени техники се удари со шаката во тело и удари со нозете над појасот (ударите можат да бидат и од свртување). Ударот во тело вреди еден бод, ударот во глава три бода, а ако е од свртување четири бода. За недозволени дејствија се добива опомена (kyonggo), две опомени претставуваат негативен бод (gamjeom). Четири негативни бода носат дисквалификација.
РЕКРЕАТИВНИ ГРУПИ: Многу теквондо клубови имаат групи за рекреативци. Се покажало дека луѓето добро реагираат на коктел вежби кои ги обединуваат вежбите за снага, вежбите за кондиција со удари во фокусери и вреќи. Освен стандардните вежби, се учи и самата боречка вештина, па така за полагање за звање (појаси) се задолжителни и техниките кршење. Многу рекреативци подоцна се вклучуваат во системот на натпревари во технички дисциплини или стануваат судии.
Последниве години WTF (Светска теквондо федерација) вложува напори да вклучи во теквондо и инвалиди, поттикнувајќи ги националните сојузи да соработуваат со параолимписките комитети на своите земји. Последниве години почна организацијата на Светски паратеквондо првенства. Целта е во 2020 година теквондо да се вклучи во редовната програма на Параолимписките игри.
Предности на теквондо
- По фудбалот, теквондото има најголем број национални сојузи (204), а брои преку 100 милиони вежбачи во светот.
- Олимписки спорт е.
- Погоден за вежбачи од сите возрасти и двата пола.
- Добар е за одржување на оптимална тежина и линија (врз основа на теквондо техника настанала варијанта на фитнес ТАЕ БО).
- Натпреварувачите се максимално заштитени (кацига, оклоп, штитници), така што повредите во спортска борба се многу ретки, поретки од повреди во спортови кои не подразбираат директен контакт.
- Се користи најмодерна технологија за да се избегне субјективноста на судиите – како електронски оклопи и сензорски наножници, како и систем за видеориплеј.
- Овозможува да тренирате со своите деца и да се натпреварувате и заедно да освојувате медали (во техничките дисциплини постојат категории за натпреварувачи и над 60 години).
- Стекнатите звања се признаени во цел свет.
- Постои само една Светска теквондо федерација (WTF).