Борба за секое топче
Магијата на борбата на тенискиот терен ги привлекува гледачите ширум планетата со своите неверојатно напнати моменти и врвната умешност на играчите.
Автор: Душко Шашиќ
Полни трибини со занемени набљудувачи, мечот се игра веќе со часови, спротивставените титани на терен со последните атоми на силата го враќаат топчето преку мрежа. Единствено што се слуша е ударот на рекетот во топчето и тешкото дишење на тенисерите. Иако може да се помисли дека овде се пресудни физичката сила и издржливоста, сепак, силата на волјата и моќта на концентрацијата е она што на крајот победува. Силата и техничкото знаење се само основа која овозможува желбата за победа да биде остварена секој пат. Тоа го можат само ретките меѓу најдобрите играчи и затоа нивните имиња остануваат запишани со златни букви во историјата на тенисот.
Дамнешни почетоци
Кога сме веќе кај историјата, многу љубители на тенисот се изненадени кога ќе слушнат дека нивната омилена забава води потекло од игрите кои биле играни на северот на Франција уште во XII век. Тогашните играчи го удирале топчето со дланка, а не со рекет, па оттаму потекнува изразот
jeu de paume, во превод: игра со дланки. Многу брзо оваа забава станала популарна во највисоките кругови, па останало забележано дека Луј X бил голем вљубеник во неа. Тој е заслужен за првите терени во затворен простор, кои им овозможиле на играчите да се натпреваруваат без разлика на временските услови, што било голема работа на преминот од XIII и XIV век. Првиот терен во кралска палата е направен за време на кралот Шарл V Мудар во втората половина на XIV век. Своите поклоници овој спорт набрзо ги пронашол и на останатите европски дворови, па историјата запишала и дека англискиот крал Хенри VIII бил добар играч, секако, кога не бил зафатен со подготовките за една од своите шест венчавки.
Времето поминувало, а во играта во текот на XVI век била воведена новина – топката повеќе не е удирана со дланка, туку со рекет. Честиот извик кој француските играчи си го упатувале еден на друг после ударите со рекет во топчето бил
tenez. Ова се преведува како: држи, прими, земи. Со преминување на британско говорно подрачје овој израз попримил малку поинаков облик и така настанал зборот
tennis.
Вистински тенис и изумот на косилката
Под името
real tennis (вистински тенис) играта опстанала до XIX век, кога дошло до одредени измени. Во помалку-повеќе оригинален облик
real tennis преживеал и до денешен ден. Но, ретки се спортистите и клубовите кои се денес посветени на оваа варијанта на игра.
Пресвртница во развојот на многу спортови на отворено во текот на XIX век донел еден, наизглед едноставен, и не толку значаен изум – косилка за трева. Овој уред во 1830 година го патентирал Едвин Бадинг од Глочестер, Англија. За разлика од макотрпното рачно косење, употребата на косилката барала помалку енергија, а што за нашата приказна е далеку поважно, после себе оставала совршено искосена трева, идеална за спортот како тенис. Сепак, биле потребни уште неколку децении за да се сфатат сите предности кои Бадинговиот изум им ги пружа на тенисерите. Во меѓувреме играчите на крикет на големо уживале во своите уредно искосени терени.
Гем, Перера и Вингфилд
Хери Гем и Аугурио Перера се Англичанец и Шпанец кои во период 1859-1865 година експериментирале на терените за крикет во Бирмингем, комбинирајќи елементи од
real tennis со рекети позајмени од баскиската игра пелота
. Тие двајца биле и меѓу основачите на првиот тениски клуб во светот –
Leamington Spa. Првиот турнир е одржан во 1874 година, а три години подоцна е одржан и првиот турнир на тревна подлога во Вимблдон.
Од тогашната преписка помеѓу британскиот офицер Волтер Клоптон Вингфилд и Хери Гема се гледа дека Вингфилд е запознат со нивните експерименти, како и дека направил одредени измени во правилата. Вингфилд во 1873 година почнал со дистрибуција на своите комплети за игра кои содржеле топчиња, рекети и мрежа. Благодарение на многубројните познанства и врски кои овој офицер ги имал, неговиот производ наскоро стигнал на илјада адреси, следен од сет правила на игра кои Вингфилд ги пропишал. Денешниот изглед на тенискиот терен е директно наследство на овие пропозиции, како и бројни правила на игра. Она што не се одржало е Вингфилдовото име на играта. Имено, тој смислил дека новиот спорт треба да биде наречен
sferistike (грчки: играње со топка). Меѓутоа, општоприфатено име станало
lawn tennis (во буквален превод тенис на ливада)
.
Топчето го преминува Атлантикот и го освојува светот
На американско тло новата игра стигнува благодарение на Мери Јуинг Аутербриџ, која донела еден од Вингфилдовите сетови на Стетн Ајленд истата година кога е одигран и првиот турнир во Англија. На Стент Ајленд е одржан првиот турнир во 1880 година, додека веќе наредната година е одржано и првото натпреварување во Њупорт, на Род Ајленд. Ова натпреварување денес е познато под името
US Open, и со
Australia Open,
French Open и
Wimbledon претставува еден од четирите најценети светски
Grand Slam турнири. Само англискиот турнир останал верен на подлогата од трева. Во Франција се игра на земја, додека преостанатите две натпреварувања се одвиваат на тврда подлога.
Меѓународната тениска федерација ITF (
International Tennis Federation) е основана во 1913 година. Правилата на игра воспоставени од страна на оваа организација во 1924 година останале скоро непроменети до денешен ден. Во текот на седумдесеттите е воведен тајбрејк како новина. Исто така, во периодот од 1908 до 1961 година важело дека во текот на изведувањето сервис едната нога на играчот мора да го допира тлото. Денес тенисерите имаат слобода може да се каже сервисот да го изведат од скок, а брзината на топчето во таа прилика во поединечни случаи преминува 250км/ч.
Дејвис куп, натпреварување во кое меѓусебно се борат националните репрезентации, се игра од 1900 година. Тенисот имал пауза во појавувањето на Олимписките игри од 1924 до 1988 година, кога на оваа сцена се вратил на Игрите во Сеул.
Првите професионални играчи на јавноста ѝ се претставени во текот на 1926 година и тоа довело до поделба во смисла дозвола за учество на турнирите. На професионалците не им било дозволено да се натпреваруваат на турнирите со останатите играчи. Оваа поделба е отстранета во 1968 година и тоа означува почеток на т.н.
Open ера во развој на модерниот тенис. Одредена нота на аристократски имиџ секогаш е припишувана на овој спорт, а почетокот на
Open ерата донел голема популарност на тенисот на целата планета, помеѓу останатото и поради тоа што многу луѓе сакале барем на тениски терен да се приближат на животниот стил на повисоките класи.
Опрема за игра
Гумената топка преслечена со филц некогаш била бела, меѓутоа жолтата боја се покажала како полесно уочлива. Дрвените рекети со децении биле единствено достапни, но развојот на новата технологија сосема ги потиснал, исто како што најлонските жици на рекетите ги замениле некогаш користените животински црева. Удобни патики, мрежа и терен се уште нешто што ви е потребно за да се впуштите во тениска авантура. И, секако, нескршлива волја и желба за победа посилна од противничката.
Одличен за координација
Тенисот, покрај голфот, стрелаштвото, скијањето и каратето, е класифициран во т.н. бели спортови, кои ги карактеризира развој на координацијата, елегантните движења, фино развиената мускулатура и силниот дух. Затоа ова е исклучително добар спорт за мали деца, под услов родителите да не почнат своите амбиции да ги остваруваат преку децата. Не можат сите да бидат шампиони, но сите можат да уживаат во тенисот, затоа – правец на игралиште.