[vc_column width="1/1"]
Олеснете ги симптомите со природни средства
Весна Шувак-Вујанац
Вирусната инфекција на грлото обично се повлекува за неколку дена и освен во случај на компликации, може да се ублажи со растителни препарати од кујната, како и со антисептици, пастили, раствори, облоги и спрејови кои ќе ви ги препорача вашиот фармацевт
Минливите, сезонски вирусни инфекции се најчест предизвикувач на воспаление на грлото, кое е проследено со манифестација на болка, пецкање и иритација при голтање, како и зарипнатост. Проблемот го засилува и смогот, чадот од цигарите, како и сувиот воздух во затворени простории и нивно недоволно проветрување. Меѓутоа, болката во грлото и зарипнатоста можат да бидат и симптоми на бактериско воспаление на грлото, чиј предизвикувач најчесто е бактеријата Streptococcus. Бактериското воспаление се препознава по упорната , зголемена температура, која со денови не се намалува, како и чувство на изнемоштеност. Во тој случај посетата на лекар е неопходна. Лекарот ќе ја приоцени вашата состојба, ќе побара да направите брис на грлото и ќе одреди терапија.
КАКО ДА РАЗЛИКУВАТЕ ВИРУСНО ОД БАКТЕРИСКО ВОСПАЛЕНИЕ: Вирусните инфекции на грлото имаат изразени респираторни симптоми, како што се кивавица, зарипнатост, болка во грлото, кашлица. Болката во грлото се јавува постепено. За разлика од вирусната инфекција, бактериската почнува нагло, а симптомите се поизразени – грлото е црвено, се создаваат гнојни чепчиња, па треба да се посети лекар, кој ќе ја одреди терапијата.
КАКО САМИ ДА ГИ УБЛАЖИТЕ ТЕГОБИТЕ НА ВИРУСНА ИНФЕКЦИЈА: Ако немате зголемена температура и не се изнемоштени, непријатните симптоми на зарипнатост и болка во грлото можете да ги ублажите и сами, така што ќе се консултирате со фармацевт во вашата аптека како да го промивате грлото, да користите соодветни пастили и препарати против болки. Веднаш по појавувањето на првите симптоми можете да си помогнете со гаргара, облоги, чаеви, сирупи и инхалација.
СОЛЕНА ВОДА, ЈАБОЛКОВ ОЦЕТ, ЖАЛФИЈА, КУРКУМА: Разматете една лажичка морска сол во два литра млака вода и со овој раствор правете гаргара на грлото 2-3 пати на ден. По гаргарата плукнете. Грлото можете да го промивате и со јаболков оцет кога ќе се јават првите симптоми на болка. Ако јаболковиот оцет го разблажите во однос 1:5, можете и подолго да го употребувате. По гаргарата, исто така, плукнете. За промивање на усната празнина и грлото корисен е и млак чај од жалфија, кој во народната медицина се користи како средство против различни воспаленија. Куркумата е позната како „чистач“ на наталожените токсини, па е добра и за третман на болно грло. Во 2 децилитра млака вода треба да се додаде пола лажичка куркума и прстофат сол и со овој раствор да се прави гаргара 2-3 пати на ден. По гаргарата, плукнете.
ЛИСТ ОД МАЛИНА: Сварете чај од листови од малина така што лажица исушени листови ќе ги прелиете со шолја вриена вода и ќе отстојат 10 минути, па ќе го процедите и изладете, бидејќи воспаленото грло не треба да се третира со врели напитоци, туку со млаки или топли. Чајот може да се пие или да се прави гаргара на усната празнина и грлото.
РЕН: Овој лут корен се користи на многу начини. Против отежнато дишење и голтање треба да се изредна пола лажичка рен, па смесата да се помеша со пола лажичка мед и да се консумира секое утро, една недела. Чајот за чистење на респираторните органи се прави така што 10 г изрендан корен од рен ќе се прелие со 2 дл врела вода и ќе се остави да отстои 5 минути, па се процедува. Изладениот чај се пие 2-3 пати на ден во мали шолји. Благотворно е да се вдишува пред спиење испарување од рен. Загрејте изрендан рен, над садот ставете ја главата покриена со крпа и вдишувајте испарувања неколку минути.
ЦРНА ТРУПКА: Издлабете ја во средината црната трупка, во вдлабнувањето ставете лажичка изрендан рен и 2 лажички мед. Оставете преку ноќ, па наутро процедете ја содржината од трупката и испијте. Помага при зарипнатост и може да се повторува постапката наутро и навечер, додека не го вратите гласот.
МЕД И МЛЕКО: Иритираната слузокожа на болното грло може да ја смират мед и млеко. Напитокот се прави така што во шолја млако млеко ќе се раствори лажица мед и полека се пие, а по неколку часови постапката се повторува. Медот и млекото се препорачуваат за деца кои ги мачи грлото, особено пред спиење.
МЕД И ЛИМОН: Сокот од лимон измешан со млака вода, без шеќер, е стар рецепт против болки во грлото. Ако не можете да го убедите детето да испие незасладена, млака лимонада, додадете лажичка мед. Треба да се пие во мали голтки. Сокот од лимон може да се помеша и само со мед, бидејќи го чисти грлото од слузта која се слева, а медот ја смирува слузокожата.
ЛУК: Штом ќе почувствуваате гребење во грлото, изедете неколку чешниња лук. За испирање на грлото во 2 литра изладена, вриена вода ставете 5-6 изгмечени чешниња и оставете 2 часа, па процедете. Со растворот правете гаргара неколку пати на ден, а по неа секогаш плукнете.
ЃУМБИР: Измешајте сок од еден лимон, лажица мед и лажица изрендан ѓумбир во 250мл млака вода и испијте. Ѓумбирот ја зголемува циркулацијата на крвта, ги отстранува токсините и го регенерира ткивото нападнато од болест.
КРОМИД: Сирупот против зарипнатост се прави така што главица кромид ситно ќе се исечка, а потоа ќе се процеди низ чиста вата. Сокот потоа се меша со мед и лимон во еднакви размери и се консумира повеќе пати на ден, по едно лажиче. Можете во чиста тегла до врвот да наредите парчиња кромид, лимон и да додадете лажица мед. Оставете да отстои 10 часа на темно и ладно место, додека кромидот не пушти сок, а потоа процедете во темно шише и земајте по лажица на секои 2 часа.
МАСЛИНОВО МАСЛО: Натопете платнено марамче во маслиново масло и ставете го околу вратот, па држете преку ноќ. Преку марамчето можете да ставите крпа или шал и наутро ќе чувствувате подобрување, помала зарипнатост.
ЛАВОР: Инхалирање со чај од лаворов лист народно е средство против зарипнатост. 50 г лаворов лист се вари во 1,5 л вода 5 минути, садот се трга од огнот, покријте ја главата со крпа и вдишувајте ги лековитите испарувања неколку вечери по ред.
ОЦЕТ: Болно грло и зарипнатост можат да се ублажат со облоги од оцет. Во литар топла, не премногу врела вода ставете лажица оцет, со растворот натопете крпа и ставете ја околу вратот, па ставете и шал.
БОНБОНИ: Најефикасни се бонбони без шеќер, со екстракт од мента, лимон, портокал, евкалиптус. Ја ублажуваат болката и помагаат во обновување на надразнета слузокожа.
ПИЛЕШКА СУПА: Отсекогаш се смета за ефикасно средство, на организмот му дава хранливи материи, а нејзините активни состојки го запираат движењето на белите крвни клетки – неутрофили, придонесувајќи за намалување на воспалението.
ОДМОР: Во борбата против инфекции клучно е дополнително да се одморате и да избегнувате исцрпување на организмот со ментални и физички напори.
ЛЕЖЕЊЕ ВО КАДА: Ако немате температура, лежењето во када со додадени етерични масла или морска сол му помага на телото да се одмори и да добие сила.
ПАСТИЛИ: Во вашата аптека фармацевтот ќе ви препорача пастили кои содржат антисептици и можат да се комбинираат со аналгетици (средства за ублажување болка). Постојат различни видови кои можат да содржат билни екстракти како мента и евкалиптус, витамини, прополис. За болно грло и зарипнатост постои огромен број корисни препарати, сирупи, спрејови и раствори за грло.
НАПОМЕНА: Во случај болката во грлото и зарипнатоста да не поминат за една недела, неопходно е да се јавите на лекар, кој ќе ви одреди терапија.