Фармацевти
Контакт

<< Назад

ТЕРАПИЈА СО РАСТИТЕЛНИ ПРЕПАРАТИ

април 1, 2019

Како да се борите против мигрена

 

Непријатностите кои ги носи нападот на мигрена може да бидат ублажени со користење проверени растителни препарати.

 

Автор Јасна Петровиќ

 

Силните болки проследени со карактеристични симптоми како што се мачнина, која може, но и не мора да биде придружена со повраќање, и претерана чувствителност на светлински и звучни дразби добро се познати на сите кои страдаат од мигрена. Со оглед на тоа што ова е трет по зачестеност здравствен проблем со кој се соочува целокупната популација, не нè чуди големото интересирање за секоја информација која придонесува за ублажување на овие симптоми.

 

Најава на напад и навремена реакција

Кога ќе се појават првите симптоми, пациентот би требало веднаш да реагира и да преземе одредени чекори со цел намалување на непријатноста. Со задолжителна консултација со лекар и фармацевт може да се користат растителни препарати и чаеви чие дејство е докажано во пракса.

 

Гинко билоба

Позитивното влијание на подобрување на циркулацијата која ја имаат активните состојки направени од гинко билоба, придонесува за подигање на нивото на кислород во мозокот. Ова доведува до намалување на нападите придружени со главоболка. Екстрактите од ова растение се покажале корисни во примена кај деца  кои страдаат од мигрена.

 

Ѓумбир

Студија спроведена во Бразил покажала дека екстракт од ѓумбир ја ублажува болката кај напад на мигрена. Ова растение, исто така, помага за побрз и пократок период на закрепнување по нападот. Уште едно корисно дејство на ѓумбирот е ублажување мачнини. Изиритиран желудник често не прифаќа терапија, па смирувачкото дејство на ѓумбирот е драгоцено во такви ситуации.

 

Чајна мешавина

Земете по 20 г благ боз (Angelica arhangelica), магдонос (Petroselinum sativum), македонски анасон (Foeniculum vulgare), ким (Carum carvi) и анасон (Pimpinela anisum). Измешајте ги сите состојки, измерете три супени лажици од мешавината, потоа прелијте ги со 0,75 л вриена вода. Оставете да стои поклопено еден час, потоа процедете. Оваа количина чај би требало да се испие во мали дози во текот на денот.

 

Етерични масла

Масирање на слепоочниците со етерично масло од нане, босилек или лаванда придонесува за намалување на болките. Две до три капки етерично масло би требало да се растворат во една лажичка маслиново масло. Водете сметка препаратот да не дојде во контакт со очите.

 

Совети за исхрана

Нападите од мигрена се непредвидливи, но се покажало дека избегнување одредени видови храна може да ја намали нивната зачестеност. Конзервирани и сувомесни  производи, како и останати преработки кои содржат натриум глутаминат би требало да ги исфрлите од менито. Во договор со лекар и фармацевт можно е да се зголеми внесот на магнезиум и витамин Б6 преку додатоци во исхраната.

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>