Фармацевти
Контакт

<< Назад

Терапија за лошо варење

јуни 2, 2016

Душан Гољиќ, м-р по фармација

„Не повторно“, помислуваме во моментот кога ќе почувствуваме дека се јавува познатото чувство кое качувајќи се од желудникот го согорува хранопроводот и разбиената топлина ја доведува до устата...

Жиговина, тоа непријатно, интензивно чувство кое целосно го расипува уживањето во храната или одморот. Спаѓа во болестите на хиперацидитет (зголемена количина на желудочна киселина).

Диспепсија е термин кој ги опфаќа симптомите на непријатност при варење во горниот гастроинтестинален тракт. Може да биде органска, т.е. последица на некое друго заболување на гастроинтестиналниот тракт, како што се улкусна болест, морфолошки и структурални заболувања, потоа карциноми на желудник или хранопровод итн. Меѓутоа, во 60% од случаите во прашање е функционална диспепсија, која во текот на животот ја чувствуваат околу 30-40% од популацијата.

Симптомите се чувство на непријатност во стомакот, болка во пределот на желудникот, подуеност, подждригнување, рефлукс на содржината (жиговина), абдоминално отекување, а понекогаш мачнина и повраќање. Симптомите често се јавуваат по јадење, но и неповрзано за храната, што го нарушува квалитетот на живот.

Причините за функционална диспепсија најчесто се наоѓаат во нашите животни навики, во квалитетот и количината на храна и пијалак, дисбаланс во одморот и работата и изложување на стрес. Секојдневното консумирање цигари, кофеин и газирани пијалаци го пореметува нормалното лачење на желудочна киселина и нè става на листа на чекање за појава на некои од симптомите на диспепсија. Одделни лекови како аспирин, ибупрофен, дигоксин, метформин, теофилин, стероиди, железо, амлодипин, и други, можат „тешко да му паднат на стомакот“.

Терапијата опфаќа лекови кои ја намалуваат продукцијата на желудочна киселина. Доколку жиговината се јавува само понекогаш после оброк се препорачуваат антациди по оброк. Меѓутоа, доколку симптомите се покомплицирани и зачестени, се применуваат појаки лекови од групата антихистаминици (Ранитидин, Фамотидин) и инхибитори на протонската пумпа (омепразол, пантопразол, есомепразол, рабепразол) кои секогаш се земаат пред оброк. Доколку имате некои од овие тегоби, обратете се кај вашиот фармацевт.

Доколку имате некои од овие симптоми, а притоа чувствувате отежнато голтање, губите нагло од тежината или имате крв при плукање, што побргу обратете се кај  својот лекар!

Најдобар совет кој фармацевтот може да ви го даде во овој случај е коригирање на навиките во исхраната. Подобро е да се јадат неколку помали оброци, отколку 2 или 3 обилни, а лесната, немасна исхрана, е добра исхрана. Јадете полека, избегнувајте прејадување и намалете ги зачините, помалку луто и кисело. Избегнувајте алкохол,  многу кафе, газирани пијалаци и цигари.

Дури и ако немате симптоми на диспепсија, некои од овие совети може да ви бидат од корист. Едно е сигурно: секоја промена во животот која ќе ја покренеме, нека не биде ограничена со временски рок „почнувам од утре“, „не јадам сè до лето“, „диета од три недели“, туку „тргнувам сега, а нека трае засекогаш“.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>