Нека приказните за огромните сомови кои лежат на дното на езерото, убавините на Полошкиот манастир и Галишката пештера бидат причина повеќе да го посетите Тиквешкото Езеро.
Ивана Коцевска
Тиквеш или Тиквешија е низина и етногеографска област која се наоѓа во централниот и јужниот дел на Македонија. На исток се граничи со Повардарието, на југ со Мариово (Тиквешко Мариово), на запад со Пелагонија, а на север преку врвот Ножот на планината Клепа е одделена од малата Изворска област и Азот, односно поширокиот Велешки регион. Низ Тиквеш течат Раечка Река, Дошница, Бошава и Црна Река на која е изградено познатото вештачко Тиквешко Езеро.
Најголеми населени места денес во Тиквеш се Кавадарци и Неготино. Од историските податоци дознаваме дека град со име Тиквеш постоел пред доаѓањето на Турците. Тоа бил град со ѕидови и кули, чии остатоци постојат и денес. Повеќе од три месеци Тиквеш се наоѓал под опсада на големите турски воени сили. Тиквешани се послужиле со итрина, на големите струења на ветерот поставиле тапани, така што од ветерот тапаните деноноќно биеле и Турците мислеле дека се веселат и не планираат да се предадат. На крај баба Ружа им ја отворила една од помалите порти на градот и им го предала градот на Турците. Бесни и навредени од итроста на Тиквешани, Турците навлегле во Тиквеш, грабале сè што било вредно, а градот го запалиле и изгорел до темел. Ако не било предавството на баба Ружа, градот Тиквеш ќе постоел до денес.
Тиквеш е најголемо виногорје во Македонија и на Балканот. Надалеку познатите праски и кајсии се одгледуваат во Росоман. Ова е подрачје каде се мешаат медитеранската, континенталната и планинската клима. Тиквеш е еден од најтоплите реони во Македонија.
Тиквешко Езеро
Тиквешкото Езеро е најголемо вештачко езеро по површина, длабочина и по должина во нашата земја, а второ по вкупното количество вода во него. Изградено е во 1968 година со преградување на кањонот на Црна Река и изградба на брана висока 104 м. Оддалечено 12 км од Кавадарци, се наоѓа на надморска височина од 165 м. Има неверојатно интересна конусна форма и се протега во правец север-југ.
Се полни со вода од Црна Река и од Драгор. Температурата на водата во лето и есен е 24 С°. Поради тоа е привлечно како за бројните капачи, така и за љубителите на најразличните спортови на вода. Варовничко-геолошката положба на крајбрежјето придонесува за присутноста на пештери, пропасти и јами.
Тиквеш е едно од најважните орнитолошки места во Европа, природен резерват во кој љубителите на птици може да набљудуваат 23 вида птици-грабливки. Во Тиквешкото Езеро живеат повеќе видови риби, како и еден вид сом. Иако е застапен само со еден вид од своето семејство, сомот овде може да достигне должина од над два метра. Пред неколку години словенечки нуркачи биле запрепастени од тоа што го виделе на дното од езерото, сомови кои се премногу стари и со невидена до сега големина. Сомовите по својата природа се мрзливи суштества кои само кога се гладни излегуваат на површината на езерото, ја отвораат устата и чекаат нешто да влезе во неа. Оваа вест која сè уште е неверодостојна и непотврдена, сепак, ја има постигнато својата цел, голем број македонски, па и странски туристи доаѓаат на Тиквешко Езеро со надеж дека ќе ги видат барем за миг тие џиновски сомови. Да се надеваме дека ваквата легенда ќе се потврди и дека Тиквешкото Езеро ќе стане туристичка атракција која ќе привлекува илјадници туристи од целиот свет.
Полошкиот манастир
На левиот брег на Тиквешкото Езеро, 20 км југозападно од Кавадарци, на планината Вишешница е распослан манастирот „Свети Ѓорѓи“ или во народот попознат како Полошки манастир. Претставува еден од најзначајните културно-историски споменици во Македонија и несомнено е бисер на македонската средновековна уметност. До него сега се стигнува само по вода, по Тиквешкото Езеро, друг пат нема. Со обичен рибарски чамец или со некое од импровизираните туристички бротчиња се потребни околу два часа пловење од браната до манастирот. Глисерите стигнуваат за помалку од петнаесетина минути.
Манастирската црква е изградена во 1340 година, во форма на еднокорабна градба, поделена на три травеи, ѕидана со камен и тула. Во неа се влегува преку двете дрвени врати кои се влез на припратата а истите се изработени во плитка резба, исто како и иконостасот од 1676 година. Внатрешноста на црквата е во целост фрескоживописана, зографите се непознати, но по стилот се претпоставува дека се зографи кои потекнуваат од старата византиска цариградска школа. Фрескоживописот датира од 14 век и истиот е прецртан, по реставрацијата изваден е вториот слој на фрески и денес во манастирот се првобитните фрески.
Во 1983-85 година на западната фасада на црквата е откриен фрескоживопис со портретите на цар Душан, портретите на Јован Драгутин, неговата мајка, сопругата и синот. Во 1340 година манастирската црква била приложена на светогорскиот манастир Хиландар. Големиот крст во резба со насликано распетие Христово бил изработен за иконостасот на црквата во 1584 година, од непознат автор.
По истражувањата и санирањата на црквата била обновена и манастирската главна порта, фурната, чешмата, потпорните ѕидови, а манастирскиот двор е уреден, со трева и дрвја, меѓу кои и многу реткото автохтоно дрво „гол човек“. Дрвото и сега може да се види во дворот на манастирот. Обновен е и еден од конаците, па сега таму, по речиси два века, повторно престојуваат неколку монахињи и искушенички. Најголема посетеност има на патрониот празник - Ѓурѓовден и на празнувањето на Успение на Пресвета Богородица.
Галишката пештера
Пред неколку години спелолози од Македонија и Франција ја открија Галишката пештера, сместена на десетина километри источно од Тиквешкото Езеро. Тие се согласуваат дека станува збор за најубавата пештера во Македонија. Стара е околу 5 милиони години, пребогата со калцитни пештерски украси. За да стигнете до неа треба со чамец да пловите три часа, речиси до самиот крај на езерото, а потоа 2,5 часа да пешачите по стрмна карпеста козја патека. Можете да дојдете на три метри од пештерата, а да не ја забележите. Влезот е скриен и непрооден, па ништо не оддава дека пред вас се наоѓа ваква убавина. Кон пештерата води еден вертикален тунел долг 12 метри и широк 2,5 квадрати. До долу може да се симнете само со скала, задолжително е врзувањето со јаже. Потоа цели четири метри ќе лазите на стомак, не може да се завртите, ниту глава да дигнете. Температурата е константна преку целата година, од 8 до 15 степени. Нормално се дише, иако се чувствува влага во воздухот. Внатрешноста на пештерата, голема колку едно фудбалско игралиште, е накитена со сталактити, сталагмити, лепези, хелиотипи, столбови и какви ли уште не пештерски украси. Таа е активна и сè уште создава украси. При идеални услови, т.е. да има вода што тече, се прават од еден до два милиметра украси годишно. На самиот влез во пештерата се наоѓа најголемиот столб, долг четири метри. По него има езеро со површина од 25 квадрати и длабоко половина метар. Водата е кристално чиста, ладна и вкусна.
На брегот на езерото има неколку населби со викендички, а специфични и посебно атрактивни се оние до кои се стигнува со чамец. Импровизираните плажи се полни со луѓе во текот на денот, а многубројни се и оние што со чамци заминуваат на прошетка по езерото. Па ако се размислувате да поминете викенд на Тиквешкото Езеро, воопшто не се двоумете, затоа што има многу што да се види и да се прави.